АКО САМ НЕ СИ ЗАМИНЕШ, НИЕ ЌЕ ТЕ ИСПРАТИМЕ Арсовска решила да го избрка Славески – поднела претставки, чека амин од институциите
Скопјани не се должни на сопствена штета да трпат последици поради хировите на еден човек кој има една, единствена и основа задача - воведување едноумие по примерот на неговиот политички ментор - Христијан Мицкоски, се вели во реакцијата на Град Скопје.
Жалиме поради тоа што скопската јавност уште еднаш беше сведок на самоволието, некултурата и немањето доволен демократски капацитет на претседавачот на Советот на Град Скопје Трајко Славески, соопшти денеска Град Скопје откако се случи нова кавга помеѓу Славески и градоначалничката Данела Арсовска.
Во ниту еден случај, наведено е таму, Советот не смее да биде оставен во рацете на човек кој нема основни морални и етички прерогативи.
„Невидено и недозволено е, 45 советици, претставници на скопјани да бидат заложници на копчето на Трајко Славески кој денеска ја одложи седницата за советнички прашања бидејќи наводно му била одземена можноста да исклучува говорници кога не му се допаѓа нивниот говор. Скопјани не се должни на сопствена штета да трпат последици поради хировите на еден човек кој има една, единствена и основа задача – воведување едноумие по примерот на неговиот политички ментор – Христијан Мицкоски. Затоа, од сечија корист би било Трајко Славески да си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, со цел да се спречи блокирањето на функционирањето на градот и претпријатијата на градот Скопје, смислената хајка поради политичката нетрпеливост и поради потребите на ПР тимот на Христијан Мицкоски. Недозволиво е, граѓаните на градот Скопје поради потребите на оваа политичка групација која институционално но и вон-институционално прави сѐ да прикаже неспособност на градската администрација, тоа да го прави на штета на скопјани“, се вели во соопштението.
Против претседавачот на Советот на Град Скопје Трајко Славески, посочено е во текстот, е поднесена итна претставка до Министерството за локална самоуправа и до Инспекторатот за локалната самоуправа поради тешки прекршувања на Уставот во член 16. Законот за локална самоуправа во член 48. и Деловникот Град Скопје во член 57.
„Апелираме, министерството и инспекторатот веднаш да ја разгледаат претставката и соодветно да реагираат во корист на скопјани“, се вели во соопштението.