НИТУ ЕДЕН ОД ШЕСТЕ КАНДИДАТИ НЕ ДОБИ ДОВОЛНО ГЛАСОВИ Советот на јавни обвинители не избра никого за ОЈО ГОКК
На денешната седница треба да се изгласа и составот на комисијата што ќе го спроведе изборот на претседател на ОЈО ГОКК Скопје, на местото на суспендираната Вилма Рускоска.
Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија не избра ниту еден од шестемина пријавени кандидати за јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – Скопје.
Претседателот на Советот на ЈО Антонио Јолевски на денешната 67 седница информира дека биле пријавени шест кандидати, за четири позиции во ова обвинителство. Ниту еден од шестемина пријавени при гласањето не ги добил потребниот број гласови.
Пријавени биле Милица Гаврилова и Маја Коневска од ОЈО ГОКК Скопје, Арсен Адеми и Елизабета Јосифовска од ОЈО Гостивар, Верица Бержевска Крстевска од ОЈО Скопје и Златко Биковски од ОЈО Берово.
Јолевски рече дека очекувал повеќе пријавени, со оглед дека за четири позиции пристигнале само шест кандидати.
На денешната седница треба да се изгласа и составот на комисијата што ќе го спроведе изборот на претседател на ОЈО ГОКК Скопје, на местото на суспендираната Вилма Рускоска, што треба да се одржи на 7 ноември. Мандатот на Русковска трае до 14 ноември, а за нејзина времена замена на 29 август беше назначен обвинителот Трајче Пеливанов. Рускоска најави дека ќе се кандидира за уште еден мандат.