Второто погубување на Вапцаров

И дали некој од политичките „елити“ ќе се запраша: а зошто Македонците во Бугарија би отворале клуб со името на Вапцаров ако тој бил – Бугарин? А тезата може и да се постави обратно: зошто бугарската власт би го забранувала клубот ако поетот навистина бил Бугарин, а целата идеја би ја сметала за – провокација? Зошто провокација кога бугарски граѓани – а и Македонците во Бугарија се тоа! – отвораат културен клуб со име на – бугарски поет?!

656

Знам дека главниот „аргумент“ на дежурните историци во куси панталони и полуписмените релативизатори со факултетски и „професорски“ дипломи апропо најновиот „скандал Вапцаров“ ќе биде: па што сакате, тој е роден во Бугарија. И тука (ќе) почнуваат и завршуваат нивните прогресивно-либерални погледи и поддршката на оваа кукавичка власт. Ни тие, ни власта, нема ниту да се обидат да видат кој бил Вапцаров, уште помалку да прочитаат некоја од неговите песни.

На пример песната „Земја“, каде поетот вели: „Таа земја, сега што ја чекорам, таа земја, в пролет што ја буди југот, таа земја – своја не ја знам таа земја простете: е туѓа!“ Таа туѓа земја е земјата каде што бил роден, и таа и тогаш, и денес, се вика – Бугарија. И понатаму, Вапцаров говори за една друга земја што тој ја чувствува за своја, а заради што секогаш се декларирал како Македонец.






Но, ние престанавме да веруваме во луѓето и нивните чувства. Нам ни стана важно што ќе кажат источните соседи, „госпожа“ фон дер Лајен и Вархеи и нашиве локални слепци.

Дали затоа и македонското МНР смета за потребно да реагира со официјална протестна нота поради вулгарниот речник на една бугарска будала, но не смета дека мора да реагира поради забраната за отворање Македонски културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград? Зарем навредата на Џамбаски е наш државен приоритет пред Македонскиот културен клуб? И зарем суетата на премиерот е навистина толкава што ја засенува и големината на еден Вапцаров? Присуствуваме ли, во живо, на второто погубување на поетот, овојпат од неговиот народ, од неговата земја?

Да, знам дека и ова само малкумина така ќе го доживеат. И тоа е уште поголемиот срам, како што беше и оној во Битола со целата бугарска свита и ниту еден глас што би викнал „уааа“, како што беше и оној во Охрид, каде што сепак поголема група граѓани го покажа расположението кон Борис III. Но ваквите скандали се редат еден до друг, уште од нашите прифаќања на бугарските „толкувања“ за Кирил и Методиј, Климент и Наум, Самоил… итн., сите со бугарската етикета лепната на челата од страна на домашниве скандалозно неспособни историци.

Не се сомневам дека ваквиот самоубиствен чин на македонската држава и политика, сега дополнет и со Вапцаров, а веќе утре со којзнае кој друг, повторно ќе биде прикажан од власта како напредок во нашите пристапни преговори со ЕУ и нов доказ за македонските либерални политики кон малцинствата. Кога тоа би било вистина, нели. И сите до еден некогаш ќе посакаат да заборават дека тие го погубија и македонското малцинство во Грција и Бугарија. Но заборавот и не оди баш така лесно, нели? Како и простувањето, впрочем.

И дали некој од политичките „елити“ ќе се запраша: а зошто Македонците во Бугарија би отворале клуб со името на Вапцаров ако тој бил – Бугарин? А тезата може и да се постави обратно: зошто бугарската власт би го забранувала клубот ако поетот навистина бил Бугарин, а целата идеја би ја сметала за – провокација? Зошто провокација кога бугарски граѓани – а и Македонците во Бугарија се тоа! – отвораат културен клуб со име на – бугарски поет?!

И дали, на пример, ако Македонците во Благоевград посакаа клубот да се вика Венко Марковски, повторно ќе добиеја забрана бидејќи и тој се смета за бугарски поет, иако роден во Скопје, каде и живеел до 1965 година? И зошто тогаш Бугарија не отвори клуб со неговото име кај нас туку ни ги натопори Михајлов и Борис III?

Или зошто, конечно, не отвори културен клуб си името на Вапцаров, штом и тој бил – бугарски поет? И зошто, како што велат некои извори, токму фашистот Михајлов праќал свои убијци да го ликвидираат Вапцаров?

Има ли еден, барем еден умен човек во оваа македонска власт, кој би знаел да ги раздвои политикантството од политиката, историјата како наука од историјата како трговија, учените луѓе од овој властодржечки пиреј…?

Зошто македонските институции, македонската наука дозволува власта и нејзиното политикантство да ја черечат историјата според некакви дневни (наводно) ЕУ интегративни потреби, според нивните мали умови и трабантите кои за издашна награда ќе потпишат сѐ? Зошто македонскиот интелектуалец и понатаму се плаши да се спротивстави на убиствените тези што кружат низ земјава и коишто се целно насочени кон релативизација и на самата идеја за Македонија и Македонци? Бидејќи, нели, ние не знаеме кои сме и што сме, не умееме да ја разбереме нашата независност, туку секакви шушумиги треба да нѐ испрашуваат за намерите, за наративите, за чувствата…, но и да ни бараат да се прилагодиме на тоа што ни се сервира како „можно и остварливо“?

Но, замислете го тој и таков „наратив“ поставен во октомври 1941 година, или дури и во мај 1945? Зарем тогаш немало фон дер Лајенки, Вархеиевци, Борисовци и Заевци, Османовци…, но превагнал историскиот идеал а не кукавичките подметнувања, националната гордост а не личните суети и калкулации!?

Некој ќе рече – различни времиња. Секако, но има ли навистина едни времиња за херојски дела а други за предавнички, едни за државнички одлуки други за кукавички, едни за визионерски други за лукративни…?! Не сум сигурен дека историјата така ги дели нештата, и времињата.

Не дека во Македонија, и во 1941 и во 1991 година немало политикантски штрумфови и штрумфети, на кои иста им била и македонската и бугарската власт, како што денес на некои им е сосема исто изедначувањето на отворањето на „културни клубови“ со имињата на фашисти и нивните жртви, каков што е Вапцаров? Спротивното, велат, би било „забрани од нејасни мотиви“! Таквите мекотели, желни за лесен денар и уште полесно живуркање во кожурецот на лагата, нема да го разберат – не можат – ни Вапцаров ни нас. Тогаш, ако таквите „политики“ се денес доминантни, ние можеме пристојно да се поздравиме и да си посакаме само добро здравје. Таму, претпоставувам, не досегаат нивните валкани прсти!

 

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини