ЏИНОВСКА ПАСТРМАЈЛИЈА ДОЛГА 4 МЕТРИ Велешани направија пита за Гинис (ФОТО)
За џиновската велешка пита биле употребени 20 килограми брашно, 30 килограми свинско месо, 210 јајца, 500 грама свинска маст и 400 грама сол, но не ставиле овча пастрма.
Џиновска пита пастрмајлија, долга 4 метри, е пресечена и поделена на годинашната „Велешка Питијада 2022“. Тоа е досега најголемата направена пастрмајлија на оваа манифестација, во должина од четири метри.
За 2,5 часа ја подготвија пекарите Александар Миладиновски, Орце Димовски и Лазе Гогинов, а ја испекоа за половина час во фурна на дрва. Во тегнењето на тестото помогнаа и мајсторот пекар Александар Јамалов со двајца негови колеги.
За џиновската велешка пита биле употребени 20 килограми брашно, 30 килограми свинско месо, 210 јајца, 500 грама свинска маст и 400 грама сол, но не ставиле овча пастрма.
– Како и секое тесто беше замесена со вода. Беше направена една џиновска топка од тесто тешка 30 килограми и оставена да нарасне на топло половина час. Потоа ние тројцата пекари од Пекара „Ќоше’ и тројцата од фурната на дрва „Гемиџии“ заедно ја тегневме топката од тесто за да го направиме обликот на питата, а потоа сите заедно и редевме со месо и јајца и свинска маст, па заедно некако успеавме да ја ставиме во фурната. Се печеше на дрва на тивко половина час и на крајот беше готова, по што сите бевме среќни. Беше напорно, но секој труд се исплати ако сакаш нешто да направиш, така и со џиновската пита пастрмајлија, со која посебно се гордееме сите тројца – раскажа мајсторот Александар Миладиновски.
Тој најави дека вгодина планираат да направат уште подолга џиновска велешка пита пастрмајлија од 4,20 метри.