НЕ МОЖЕ И „МАКЕДОНИЈА“ ВО ИМЕ И ФИНАНСИРАЊЕ ОД БУЏЕТ Зошто е одбиена регистрацијата на здружение „Млади за Македонија“
„Министерството за правда при носењето на одлуките се повикува на законските одредби и врз нив ја заснова својата одлука како во конкретниот случај“ – се наведува во одговорот од Министерството за правда до Плусинфо.
Здружението „Млади за Македонија“, чија регистрација е одбиена, во својот статут и основачки акти предвидувало да врши дејност и надвор од Македнија, притоа финансирајќи се и од буџетот на РСМ, а притоа не го користи уставното име за државата, па според тоа не ги исполнува условите да биде регистрирано под тоа име, објасни меѓудругото Министерството за правда во својот одговор до Плусинфо за законската основа на одлуката во однос на ова барање за регистрација на здружение.
Како што Плусинфо веќе пишуваше Министерството за правда отфрлило барање за регистрација на здружение на граѓани „Млади за Македонија“ од Гевгелија, поради употреба на името „Македонија“ во називот. Застапникот на иницијативата за регистрирање здужение адвокатот Тони Менкиноски поднел тужба до Управниот суд на решението на Министерството за правда со кое се одбива регистрацијата, и за таа тужба минатата недела судот расправаше на отворена седница. Предвидено е Управниот суд да ја објави својата одлука во среда.
Во својот одговор до Плусинфо Министерството за правда исцрпно ја објаснува звојата одлука:
„Министерството за правда по однос на поднесените барања за користење на името Македонија постапува согласно член 9 став 1 од Законот за здруженија и фондации според кој ,,зборот Македонија и зборовите изведени од него како и неговите кратенки можат да се содржани во името на организацијата само со одобрение на Министерството за правда. Со стапување на сила на Конечниот договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратешко партнерство како и уставните амандмани од 33-36 и Уставниот закон од 12 јануари 2019 година, РСМ како една од договорните страни ги презема обврските кои произлегуваат од овие документи а во кои е регулирано прашањето за решавање на разликите околу името. Според договорот и уставните амандмани кои стапија на сила 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија кое се употребува „erga omnes“. По стапувањето на сила на Конечниот договор, согласно одредбите од член 1, став 9 и став 10 од договорот, термините ,,Македонија” ,,Република Македонија“ ,,ПЈР Македонија” ,,ПЈР. Македонија”, во преведена или непреведена форма, како и привремената референца ,,Поранешна југословенска Република Македонија” и кратенката ,, ПЈРМ” ќе престанат да се употребуваат за обраќање во каков било официјален контекст. Придавката во однос на државата, органите на државната управа и останатите институции, како и приватните ентитети кои се поврзани со државата „се основани со закон и добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, мора да бидат во согласност со официјалното име на државата, Република Северна Македонија.“
Од приложената документација произлегува дека Здружението, согласно статутот, е предвидено да делува надвор од државата, притоа финансирајќи се и од буџетот на РСМ. Термините „Македонија”, ,,Република Македонија” ,,ПЈРМ”во преведена или непреведена форма не смеат да се употребуваат во целокупната внатрешна и надворешна официјална комуникација од сите.. Актот за основање на здружението е од 02.08.2020 година, барањето за добивање на одобрение за користење на зборот ,,Македонија” до Министерството за правда е поднесено на 12.08.2020 година.
При увидот од приложената докуменација, Министерството за правда утврди дека Здружението ,,Меѓународно здружение за унапредување и заштита на човековите права Млади за Македонија – Гевгелија” во основниот акт не го користи уставното име на државата.. Министерството за правда при носењето на одлуките се повикува на законските одредби и врз нив ја заснова својата одлука како во конкретниот случај“ – се наведува во одговорот од Министерството за правда.