КОЈ ДА МИСЛИ НА БУГАРИЈА КОГА НЕМА СТРУЈА? Владата може да ја искористи кризата против референдумот

Нѐ очекува неверојатна енергетска и економска криза, па фокусот тогаш нема да биде ставен на референдумот и на Договорот за добрососедство со Бугарија, туку ќе биде ставен на голата егзистенција. Тогаш ќе ни биде важно како да ги платиме сметките за струја, а не дали Договорот со Бугарија е добар или лош. Власта ова многу добро го знае и сметам дека ваквото сценарио е дел од планот, објаснува политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

650

Иницијативата за референдум поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ лесно ќе ги помине собраниските филтри, но проблемите можат да започнат тогаш кога собранискиот спикер Талат Џафери ќе ја префрли топката кај Владата, која, пак, ќе треба да ја информира Државната изборна комисија (ДИК) дека процедурата е уредно запазена и дека „операцијата референдум“ може да започне.

Вакво предупредување испраќа поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, кој во разговор со Плусинфо објаснува дека постои дупка во Законот за референдум, односно дека таму не е наведено колкав временски рок е предвиден за Владата да ја информира ДИК за иницијативата.






– Откако претседателот на Собранието, Талат Џафери, најдоцна до среда ќе утврди дека иницијативата е уредно поднесена, тој согласно Законот за референдум е должен да го извести предлагачот, но и премиерот на државата. Кога известувањето ќе пристигне кај премиерот, тогаш Владата е должна да ја извести ДИК за почетокот на операцијата, со цел да започне процесот на собирање потписи. А тука нема рок кој предвидува за колку време Владата треба да ја извести ДИК. Едноставно, станува збор за најобична дупка во законот, па Владата воопшто нема да има потреба да се труди воопшто да ја отфрла иницијативата за референдум. Доволно е само да ја стави во фиока и со месеци да ја игнорира. И тука сѐ се сведува на морално-етичка одговорност, а не на деловничка или законска одговорност – објаснува Вељаноски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека Владата има намера да го одолговлекува прашањето за референдум сѐ до пристигнувањето на зимата и до почетокот на страшната енергетска и економска криза, па тогаш, кога фокусот на граѓаните ќе биде ставен на борбата за егзистенција, идејата за одржување референдум ќе стане второстепена и најмалку важна.

– Верувам дека ќе се играат заткулисни игри и верувам дека нема да се оствари тоа црно сценарио Владата воопшто да не одговори во поглед на иницијативата за референдум. Во суштина, сметам дека Владата ќе игра на картата „секое чудо за три дена“, па ќе остави простор за да се олади целата работа околу отфрлањето или неотфрлањето на иницијативата, а откако ќе се олади целосно, дури тогаш ќе ја информира ДИК. Ќе помине доста време и земјава веќе длабоко ќе навлезе во енергетската криза којашто ни се заканува, па тогаш, наместо да се грижи за референдумот, јавноста најмногу ќе се грижи за тоа како да ја преживее зимата. Летото помина, полека навлегуваме во есента, а за брзо време ќе пристигне и зимата. Нѐ очекува неверојатна енергетска и економска криза, па фокусот тогаш нема да биде ставен на референдумот и на Договорот за добрососедство со Бугарија, туку ќе биде ставен на голата егзистенција. Тогаш ќе ни биде важно како да ги платиме сметките за струја, а не дали Договорот со Бугарија е добар или лош. Власта ова многу добро го знае и сметам дека ваквото сценарио е дел од планот – објаснува Пекевски.

Нѐ очекува неверојатна енергетска и економска криза, па фокусот нема да биде ставен на референдумот и на Договорот за добрососедство со Бугарија, туку ќе биде ставен на голата егзистенција.

Синиша Пекевски Политички аналитичар

И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не крие дека стравува од можни владини опструкции, па вчера тој отворено се закани дека ако биде отфрлена иницијативата за референдум, тогаш дополнително ќе се влошат релациите помеѓу Владата и опозицијата.

– Доколку се точни написите во кои се вели дека власта се подготвува за отфрлање на референдумската иницијатива за поништување на договорот со Бугарија, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието, тогаш ќе се потврди дека кај СДСМ и кај ДУИ владее страв од волјата на народот. Бегаат од предвремени избори, бегаат од народот, единствено не бегаат од криминалот и од кражбите. Прават сѐ за да ги влошат односите со опозицијата. Јас уште еднаш ги предупредувам дека единствената одговорност ќе биде кај Владата, бидејќи не покажува демократски капацитет. Ова е одлична можност за демократско изјаснување на народот и на референдум и на предвремени избори – рече Мицкоски.

СДСМ: Иницијативата за референдум е измама која нема да успее

Иницијативата на Христијан Мицкоски за референдум е нова негова измама кон граѓаните, која нема да успее, соопшти СДСМ.

„Мицкоски по четири години бара референдум за договор кој самиот тој јавно пред бугарски официјални претставници го поддржа. Референдумот на Мицкоски е против македонскиот јазик и македонскиот идентитет во ЕУ и е исклучиво за негова лична внатрепартиска употреба. Сето тоа граѓаните го знаат и затоа не го поддржуваат Мицкоски во овој негов најнов обид да си ја задржи фотелјата во Белиот дворец. И самиот Мицкоски знае дека оваа негова измама нема да успее, знае и самиот дека нема поддршка од никого, дека и функционери на неговата ВМРО-ДПМНЕ не го поддржуваат. Цела година Мицкоски зборува за избори, за нови парламентарни мнозинства, ја лаже јавноста со наводна бугаризација и асимилација. Сите тие негови лаги и измами пропаднаа, нема да успее ниту оваа негова последна измама, граѓаните нема да дозволат Мицкоски да го закочи нормалното функционирање на државата, нема да дозволат државата да се оддалечи од европскиот пат, само затоа што тој сака да ја спаси фотелјата во белиот дворец“, соопшти партијата на Димитар Ковачевски.

Поврзани содржини