РЕФЕРЕНДУМОТ ЌЕ БИДЕ НЕУСПЕШЕН, НО Е ДОБАР ПОТЕГ НА МИЦКОСКИ Петар Арсовски смета дека на тест ќе биде ставен демократскиот капацитет на власта
Ова е добар политички потег на Мицкоски – ако референдумот успее, власта мора да го поништи договорот, а ако не успее, ВМРО-ДПМНЕ не е должна да го прифати договорот – илустрира Арсовски.
Овој референдум најверојатно ќе биде неуспешен, но ќе има политички импликации, особено за самиот иницијатор. За власта, пак, тој ќе биде тест да ја издвои својата администативна од својата политичка улога – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски, со кого Плусинфо разговараше за последната иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ за распишување референдум поврзан со Договорот за добрососедство со Бугарија.
– Најверојатен исход на оваа иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ е неуспешен референдум, затоа што прагот за успешен референдум е многу висок – 910.000 гласачи треба да излезат на гласање, а повеќе од половината да гласаат „за“. Тоа во оваа ситуација е многу малку возможно, особено ако една од двете најголеми партии е против. За тие што се против, нема логика да излегуваат на референдум, бидејќи посигурна опција им е да го бутнат со неизлезност. Така беше и со референдумот за Преспанскиот договор – смета Арсовски.
Тие што се против нема да излезат
Тој смета дека идејата за ваков референдум е добар полтиички потег на опозицијата, затоа што во секој случај и носи корист, а нема никаков ризик.
– Така како што е конципиран референдумот во Македонија, како задолжителен односно императивен, за него постојат само два исхода. Едниот е да биде успешен, а вториот е да биде ништовен. Значи, ако референдумот не е успешен, не ја обврзува опозицијата на обратната теза, односно не ја обврзува да го прифати Договорот. Затоа, ова е добар политички потег на Мицкоски – ако референдумот успее, е успешен, ако не успее, не е неуспешен. Бидејќи, ако успее, власта мора да го поништи договорот, а ако не успее, ВМРО-ДПМНЕ не мора да го прифати – илустрира Арсовски.
ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на истата дилема
Според аналитичарот, поважни од правните аспекти, кои се малку извесни, поважни ќе бидат политички последици на оваа иницијатива.
– Затоа, мислам дека референдумот нема да создаде правни последици, тоа ќе биде тешко, но главно од него ќе бидат политичките последици, односно ќе ја врати ВМРО-ДПМНЕ на истата дилема. Имаат значителен број луѓе кои излегле и гласале против договорот, но референдумот е неуспешен, и повторно се кај дилемата дали да ги прифатат уставните измени или да бидат брендирани како единствената партија која го спречува отворањето на поглавјата за преговори со Европската унија – вели Арсовски.
На прашање какви последици може да има референдумот врз процесот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ Арсовски вели дека ќе зависи од тоа какво решение ќе се понуди во Собранието.
– Доколку референдумот е успешен тој ги обврзува пратениците за напуштање на оној дел од договорот кој иницијаторот на референдумот ќе одлучи подоцна да го прати во Собрание. Може иницијаторот ВМРО-ДПМНЕ да побара иницијатива во Собранието, врзана со референдумот, со која ќе побара да се поништи дел од договорот или да се поништи целиот договор – смета аналитичарот.
Едно е став, а друго обврска
Арсовски укажува дека во овој момент најголем предизвик за владата е да ја одвои својата административна, односно демократска обврска од нејзиниот политички став.
– Како демократска и административна обврска, тие (власта) треба да овозможат непречено одвивање на референдумот, без оглед што тие можеби се против. И тоа ќе биде за нив најголемиот предизвик. Гледам според изјавите на спикерот Талат Џафери во таа смисла, има правилна порака, односно дека нема да попречува, односно ќе помогне во одржувањето на референдумот. Треба да се одвои политичкиот став од нивната демократска обврска за непречено одвивање на референдумот. Тоа ќе биде нивниот предизвик во моментов – вели Арсовски.