УЛИЧНО ОСВЕТЛУВАЊЕ ЌЕ ИМА Арсовска најави штедење

Издадени се насоки за рационална употреба на уредите кои се во секое од јавните претпријатија. Сите непродуктивни трошоци ги сведуваме на нула, објасни Арсовска.

133

На денешната прес-конференција, градоначалничката Данела Арсовска истакна дека Град Скопје нема под ниту едни услови да го изгаси јавното осветлување на улиците и булеварите кои се во надлежност на Градот, како дел од мерките за штедење на потрошувачката на електрична енергија.

– Првенствено од причина што сметаме дека треба да има приоритет јавниот интерес, а особено безбедноста и сигурноста на скопјани. Ние ќе напавиме сѐ што е возможно што се однесува до мерките кои можеме ние да ги преземеме, меѓутоа не врз грбот на граѓаните и не врз тоа што би им била загрозена сигурноста и безбедноста при движењето на градските улици и булеварите. Булеварите и улиците кои се под надлежност на Град Скопје нема да се исклучуваат од јавното осветлување – нагласи Арсовска.






Како што рече таа, Град Скопје од почетокот на енергетската криза пристапи кон намалување на интензитетот на јавното осветлување на улиците и булеварите кои се во надлежност на Градот.

Градоначалничката, во однос на останатите мерки кои ќе ги преземат, истакна дека ќе се приспособат системите на осветлување на одредени временски интервали и тоа е вклучување на јавното осветлување согласно соодветната потреба во деноноќието.

– Се пристапува и кон етапна замена на користење на лед светилки, се даваат насоки кон јавните установи и претпријатија за ограничување на сето она кое се смета за осветлување кое не е приоритет во делот на јавниот интерес, како што е осветлувањето на јавните згради и фасади и рекламни светла. Издадени се насоки за рационална употреба на уредите кои се во секое од јавните претпријатија. Сите непродуктивни трошоци ги сведуваме на нула – објасни Арсовска.

Како дел од непродуктивните трошоци ги наведе прекинувањето на праксата на купување на луксузни стоки, трошење средства на угостителски услуги.

Поврзани содржини