Шунд држава

Ние наивните можеби се надевавме дека шизоидниот Протокол сепак ќе остане само глупаво „слово на хартија. Сега знаеме дека не е така – и тоа ни го „објасни“ министерката. Другите мали умови – молчат. Мислите дека се срамат? Не, не верувам.

1,609

Се разбира дека ние, ако решиме, можеме сѐ да релативизираме, умееме економскиот колапс да го подведеме под светски процес, хибридниот режим да го претставиме како „наша сорта“ демократија, ждановизмот како културна политика итн. Но тоа ништо не менува во реалноста, повторно остануваме тие кои сме, а државата тоа што е. Или – едно големо ништо. И тоа веќе не е нешто за фалење, уште помалку за гордеење.

Исто е и со политиката: безмалку три децении ги гледаме како циклично се менуваат, малите умови на малата држава. Де едни, де други. Третите се – константа. Го перцепираат светот низ нивниот ограничен светоглед и мислат дека ја откриле тајната формула за вечна власт. Шунд луѓе во шунд држава. Згора, држат и лекции. Во секоја нормална земја веќе ќе беа спастрени во соодветни институции, здравствени и други.






Сега не можеме да знаеме што мислел – ако воопшто нешто мислел – државниот врв инсистирајќи на потпишувањето на оној срамен документ во Софија. Но, како и обично, еден ден и тоа нема да биде тајна. Но веќе ни е јасно што и како мислела (барем) министерката за култура. Од друга страна, ние наивните можеби се надевавме дека шизоидниот Протокол сепак ќе остане само глупаво „слово на хартија. Сега знаеме дека не е така – и тоа ни го „објасни“ министерката. Другите мали умови – молчат. Мислите дека се срамат? Не, не верувам.

Некако станува премногу очигледно дека некој од овие наши палјачовци некаде ставил потпис дека оваа држава ќе биде светско експериментално трло. Во секој поглед: политички, економски, културен, образовен, научен… кадровски и др.

Како поинаку можете да го објасните ова што (ни) се случува? Македонската демократска јавност само пред неколку години, во екот на „реформските“ процеси во државава, беше запрепастена од забраната на еден филм директно од страна на тогашниот „министер“ за култура и директорот на Агенцијата за филм. Дали тоа беше само уште еден тест во трлото, за оваа нова матрица и во културата? Можеби, зашто ни тогаш власта, оваа иста власт што шеташе со народот по улиците на Скопје и извикуваше пароли „Демократија сега“ и „Нема правда, нема мир“, не најде за потребно да ги санкционира министерот и директорот за уривањето на демократскиот углед на земјата. Тестот помина успешно. Како ли ќе помине сега ова со новава „министерка“? Веројатно исто. Тркалото веќе добило иницијална сила, а релативизаторите се пуштени на најсилно. Сега „Секој филм којшто ќе ја промовира македонската култура, којшто ќе го промовира македонскиот индивидуалитет какви сме ние како Македонци би требало да има поддршка“. Ама – „би требало“, нели, ако се смилуваат „прогресивциве“. Типичен ждановски малоумен кондиционал!

Но, во шунд држава сѐ е такво – условено, евтино, невредно, кичесто, trashy, неупотребливо, инфериорно, „во духот кон тоа што ќе го расположи народот и публиката“ (sic!). Повторно турбо фолк култура, пиво-фест, пи(ф)тијади, „шљокици“ и друг тип леб и игри. И не дај боже да има говор на омраза кон Бугарија. Претходните мали умови нѐ антиквизираа, хунзираа и „гемиџираа“, овие ќе нѐ ждановизираат, посељачуваат и ограничуваат!

Во третата деценија на дваесет и првиот век Македонија повторно гордо зачекорува по старите врвици на соцреализмот, на диктатот во културата и уметноста, на полициската присмотра и пендрек-политиката. Ни во оние волнени времиња на првите години по 1945-та немало оправдување за повеќето партиски интервенции во културата, иако поголемиот дел биле инфилтрирани со флоскулите за „новиот пат“, „новата држава“, „новата култура“… итн.

Сега, ќе ги оправдаме со – што? Со малите умови на малите неспособни луѓе, со неукоста и ретроградноста на државните првенци, со нивната кусогледост?

За сѐ што се колнеа дека нема да го прават, го направија. Остана уште само културата, иако и таа веќе парцелисана, етнизирана, нивелирана… посељачена до непрепознатливост. Но – со продемократска „глазура“. Сега, да простите, и тоа го посраа. Малку ни беа оние двајца неспособни етно-министри, малку ни беше умисленана историчарка „сезнајка“ и таквите како неа, сега загазуваме длабоко во мракот на шундот, во жабурникот на едномислието и цензурата. Еднонасочната култура, така простачки замислена од оваа хибридна власт, се разбира, нема да функционира во реалноста. Но ќе функционира во – државата (или „државата“, како сакате). И тоа е уште пострашната варијанта, онаа на шинелосаниот каплар кој ни вели дека државата нема време да ја чека науката. Па зошто тогаш би ја чекала културата, нели?

Државата и нејзините мали цензорски умови ќе си прават своја „државна“ култура, остатокот ќе функционира паралелно, како андерграунд. Како во времето на шизоидниот Андреј Александрович Жданов во СССР по 1946-та година.

Секако, малите релативизирачки умови веќе започнуваат да се бават со оние познати „културни“ флоскули од типот дека не е сѐ во парите, дека кај нас културата одамна е целосно зависна од државното финансирање (а божем во Европа и светот не е?), дека никој не се обидува на уметниците да им наложува што и како да создаваат туку само дека нивното „проблематично“ творештво нема да биде финансирано од страна на државата и дека тоа е нормално и „по закон“, и зошто, по ѓаволите, самите не си ги финансираат своите идеи (така впрочем повеќе би останале пари за оние со „државотворни идеи“) итн. И сето тоа е така-речи нормално во една шунд држава: една глупост раѓа поголема глупост, малите умови се групираат и ги збиваат редовите, таквите релативизатори можат сѐ да подведат под сомнеж и контрола, културата како единственото (сѐ уште) вредно во државава ќе ја покријат со траорни „социјалдемократски“ превези.

Впрочем, ни претходниците на овие, олицетворени во, на пример, Плеханов и Посидовски, немале никаква дилема околу тоа „треба ли да ја потчиниме нашата идна политика на одделни фундаментални демократски принципи и да им припишеме апсолутна вредност или треба демократските принципи да бидат субординирани на интересите на нашата Партија“? Следствено, зошто такви дилеми би имале нашиве „прогресивни социјалдемократи“ и нивните трабанти, нели? Па тие се раководат од еднакво таква „гооолема“ идеја викана Европска Унија, која што некакви невредни антидржавни елементи сакаат да им ја поматат. И тоа не смее да се дозволи, дури и по цена на налудничави рестрикции, полициски реперкусии, на газење врз достоинството и неприкосновеноста на личноста, врз културата и уметноста, а во полза на шунд партијата во шунд државата. Но – со голема Идеја!

Сега јасно ли е зошто министерката за култура беше во Софија?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини