СИТЕ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ВО 1990-ТИТЕ (4) Американците ги знаеја сите детали за шверцот со Србија

Авторот на овој текст, тогаш Министер за одбрана, беше редовно посетуван од претставниците на ОБСЕ, на УНПРОФОР, или од страна на претставници на САД, кои секогаш носеа прецизни податоци што и колку е префрлено преку граница со Србија во изминатиот временски интервал. Тие претставници секогаш ги прекоруваа споменатите активности и бараа тие да престанат, а авторот на овој текст да ги запознае Претседателот и Премиерот со нивните ставови.

773

Во процесот на кампањата и за претседателските избори (во 1994-та година, Претседателот Киро Глигоров по прв пат ја даде споменатата изјава дека Р. Македонија треба да оди по свој пат како суверена и самостојна држава, како што е утврдено во нејзиниот Устав, со која, како да се ослободи и да ја напушти обврската кон српскиот претседател Слободан Милошевиќ – за некаква форма на поврзување на Р. Македонија со Србија.

Што побарал Милошевиќ од Глигоров ден пред атентатот?






Следната 1995 година, на 2 октомври, Претседателот Глигоров (веројатно повикан) отиде на средба со српскиот претседател Слободан Милошевиќ – во Белград. Според Претседателот Глигоров, средбата била тензична, при што Претседателот Милошевиќ, како да сакал да провери дали Глигоров стои на обврската, па побарал Р. Македонија и Р. Србија да формирале Царинска унија. Претседателот Глигоров, заобиколувајќи го тој предлог, се искажал дека Р. Македонија била на добар пат за членство во Европската унија и дека, од таа своја положба, можела многу да и помогне на Србија.

Со тоа завршила средбата во која (поради видливата вознемиреност на Претседателот Глигоров додека не запознаваше за разговорите со Милошевиќ) можело да има и директни обвинувања и закани. Следниот ден, на 3 октомври 1995 година беше извршен атентат врз Претседателот Глигоров.

Во статијата на проф. д-р Владо Поповски се анализира трансформацијата на еднопартискиот во повеќепартиски систем, на федералниот во самостоен статус на македонската држава, на општествениот во приватен капитал – и на последиците што ги предизвика таа трансформација врз меѓунационалните односи, врз социјалниот и врз економскиот систем, како и врз односите на Република Македонија со соседните држави.

Проф. д-р Владо Поповски историчар

Но, да се вратиме на неодговорениот дел од прашањето: Што постигна Претседателот на Републиката Киро Глигоров со рушењето на Владата на Никола Кљусев и што доби или што изгуби Република Македонија со изборот на Владата на Бранко Црвенковски.

Од тоа прашање не е одговорен вториот дел, а во врска со него, важно е да се знае и тоа дали Претседателот на Републиката реагирал или не реагирал на определени политики и одлуки на Владата на Бранко Црвенковски, со кои можело да ѝ се нанесат, или со кои биле нанесени штети на Република Македонија и на нејзините граѓани.

Сплотени колосеци на Глигоров и на Владата на Црвенковски

Со изборот на Владата на Бранко Црвенковски се постигна висок степен на согласност меѓу Претседателот на Републиката и Владата на Република Македонија. Нивните политики и одлуки и нивното политичко дејствување беше воедначено до таа степен што може да се заклучи дека двата колосеци на извршната власт тој на Претседателот и тој на Владата, како да се сплотија во единствен колосек и во единствено политичко и правно тело кое, секогаш, настојуваше да реализира исти намери.

Се разбира дека тие две извршно-политички власти и државно-правни институции, уставно и законски, имаат посебни надлежности, без оглед дали станува збор за самостојни права или за споделени (поврзани) права на одлучување. На тоа рамниште, станува збор за одделни надлежности, кои, процедурално и формално-правно, се реализираат со одделни одлуки на Претседателот на Републиката и на Владата на Република Македонија.

Значи, кога тврдиме дека двата колосеци на извршната власт, таа на Претседателот и таа на Владата, се сплотиле и воедначиле, станува збор за претходно нивно фактичко и неформално воедначување на политиките и одлуките кои потоа, процедурално и формално-правно, се донесуваат издвоено, според уставните и законските норми.

Таа практика на консултација и на размена на мислења и ставови за одлуки што требаше да ги донесе Владата, или за мерки и активности што планираше да ги преземе некое министерство, постоеше од почетокот до крајот на мандатите на Владата на Бранко Црвенковски и на Претседателот на Републиката Киро Глигоров. Се разбира, Премиерот беше тој кој одеше кај Претседателот, било сам, било со некој нему близок министер; со министерот за внатрешни работи, а ретко и со некој друг министер.

На тие взаемни „сеанси“ меѓу Претседателот на Републиката и Премиерот на Владата се разгледуваа и се договараа ставовите и однесувањето на властите на Република Македонија кон политичките и кон безбедносните прашања сврзани со Србија, како и тие исти прашања сврзани со Албанците во Р. Македонија и со мешањето на Албанија и на Косово во односите меѓу албанските партии во Македонија и македонските власти. Сепак, најзначајните „сеанси“ меѓу врвните носители на извршната власт во Р. Македонија се однесуваа на т.н. трансформација на општествениот капитал, т.е. на прашањата и процесите на приватизација на општествениот капитал.

Кршењето на ембаргото кон Србија

Хронолошки, својата актуелност прво ја наметнаа настаните сврзани со Р. Србија и со односот на македонските власти кон воспоставеното меѓународно ембарго кон неа, т.е. кон сите прекугранични случувања меѓу Р. Македонија и Р. Србија. Ембаргото кон Србија било востановено на 25.09.1991 година и траело 10 години, со тоа што, почнувајќи од 1996 година, почнало постапно да се редуцира.

Македонските власти меѓународното ембарго кон Србија (фактички) го разбраа и го третираа како шанса за големи финансиски придобивки. Знаејќи дека може да настапи вистинска анархија од неконтролирано кршење на ембаргото (од кого било) и со тоа да се навлечат меѓународни санкции и за Р. Македонија, највисоките носители на извршната власт во Р. Македонија, неформално, се договориле тие да решаваат кој, што и колку да пренесува преку граница. Така, Претседателот на Републиката и Премиерот на Владата, со повремено учество на Министерот за внатрешни работи, станаа политичко тело кое решаваше за, de facto, нелегалните трговски трансакции со Србија.

Во фокусот на нивниот интерес беше контролата и регулацијата на внесувањето во Србија, пред се, на нафтата и цигарите, но и на други важни стоки, ако имаа сознание за потреба од нив кај српските субјекти. Активноста на споменатиот план беше спроведувана според логиката на „строго контролирани достави“, кои, од време на време, можеа да бидат нарушувани од одделни моќни субјекти – што предизвикуваше преземање на брзи мерки од македонските власти, за да се спречи таквото „нелегитимно“ шверцување со стоки , неодобрено од „надлежната инстанца“.

Секојдневната, таква, трговија со Србија од страна на носителите на извршната власт во Р. Македонија беше рационализирана како еден вид помош, од страна на меѓународната заедница, за македонското стопанство, кое, посредно, било погодено од меѓународното ембарго кон Србија. Со таа теза одеше и тезата дека споменатите активности на релација со Србија биле фактички (неформално-политички) одобрени од страна на претставниците на меѓународните организации и институции – присутни на теренот.

Тие тези и рационализации „не држат вода“. Авторот на овој текст, тогаш Министер за одбрана, беше редовно (на десетина дена) посетуван од претставниците на ОБСЕ, на УНПРОФОР, или од страна на претставници на САД, кои секогаш носеа прецизни податоци – што и колку е префрлено преку граница со Србија во изминатиот временски интервал. Тие претставници секогаш ги прекоруваа споменатите активности и бараа тие да престанат, а авторот на овој текст да ги запознае Претседателот и Премиерот со нивните ставови. Сето тоа не помогна многу (би се рекло – воопшто не помогна) за промена на односот на македонските власти кон „стоко-паричните трансакции“ на Р. Македонија со Србија.

КАДЕ ЗАВРШИЈА ГОЛЕМИТЕ ПАРИ „ЗАРАБОТЕНИ“ ОД КРШЕЊЕТО НА ЕМБАРГОТО?

Бидејќи станува збор за многу големи суми на девизни финансиски средства, останува прашањето: дали тие суми навистина станале дел од буџетот на државата и употребени за санирање на „погоденото македонско стопанство“ со ембаргото кон Србија?

Позитивниот одговор би ја потврдил рационализацијата на инволвираните носители на власта во Р. Македонија во врска со големата нелегална, прекугранична трговија со Србија. Но сепак, се чини дека, токму со тие случувања, започна големата и продолжителна корупција на носителите на власта во Македонија, која се уште трае.

 

(Во следното продолжение: Албанското прашање и манипулациите со приватизацијата)

СИТЕ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ВО 1990-ТИТЕ (3) Како Фрчкоски нѐ убедуваше мене и Силјановска за вториот дел од референдумското прашање

 

СИТЕ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ВО 1990-ТИТЕ (2) Глигоров ја урна владата на Кљусев со оркестрирана операција

 

СИТЕ МАКЕДОНСКИ ВЛАДИ И ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ ВО 1990-ТИТЕ (1) Првата влада требаше да биде на Глигоров, а не на Кљусев

 

Поврзани содржини