Ајде да (не) се лажеме

За оние пак кои не успеале сѐ уште да прочитаат делови од таинствениот Протокол – иако добри познавачи тврдат дека и покрај објавените делови, во него има уште скриени парчиња! – неговото (кога-тогаш) озваничување ќе претставува жежок шамар. Не само поради неговата содржина, која што е катастрофално понижувачка за државата, туку особено поради безочните лаги на власта, на највисоките државни функционери, без око да им трепне.

1,140

Океј, нема да веруваме во луѓе од форматот на еден Фуере кој овде амбасадоруваше токму во името на ЕУ речиси четири години, нема да му веруваме на еден Флоријан Бибер (инаку политиколог, историчар и експерт за Балканот), ни на Едвард Џозеф (или и нив ги вбројуваат во хибридизирани „путинисти“ и „рубљови“?)… ама ќе се крстиме во шушумиги од „реномето“ на Маричиќ, Османи, Забрчанец и компанија, па дури, ако баш сакате, и во Мишел кога се колне дека тој лично ќе ни фаќа врски во ЕУ иако мандатот му трае уште година и половина. И не само тој, нели, туку се направи цело корзо од Европа до Скопје од разноразни официозуси кои до вчера не стапнале во Македонија, ама сега се тука оптимистички поднасмеани, кисело весели и шарлатански убедителни.

Ние пак ќе држиме „широки“ консултации, па и координативни собраниски работни групи за францускиот предлог“, ама никој нема да смее да фрли око врз најстрого чуваната државна тајна викана Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Згора на тоа, дури и премиерот, во хор со познатите „чувари на стадото“, ќе нѐ убедува дека тој фамозен документ не е дел од преговарачката рамка со ЕУ. Што не е точно, се разбира. Зошто?






Па, прво, затоа што тој Протокол произлегува токму од оној Договор за добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија, а тоа го прави многу, многу релевантен/поврзан со сите документи добиени како таканаречен „француски предлог“ од ЕУ. Тој Договор е рбетот на Преговарачката рамка, каде веќе во т.4 (стр. 3) дословно стои: „Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински елементи на процесот на проширување. Северна Македонија треба да продолжи конструктивно да се ангажира во инклузивна регионална соработка и да ги зајакне односите со соседните земји.

Денес, потсетуваме на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатерални договори во добра волја, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“. И понатаму, секаде каде што се говори за добрососедските односи, се спомнува тој Договор. На пример, на стр. 7 алинеа 3 од Преговарачката рамка, тој е вметнат и како единица мерка за напредокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. А тајновитиот Протокол е „мозокот“ на овој Договор!

Следствено, ако Мешовитата меѓувладина комисија е формирана врз основа на член 12 од тој Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна, а таа го подготвила тој фамозен и шизофрено таинствен Протокол на нејзиниот втор состанок, како тогаш Протоколот нема врска со Договорот, а уште помалку со Преговарачката рамка? Зарем македонската влада сака да каже дека документите (записници, протоколи, меморандуми и сл.) произлезени како директен резултат од еден меѓудржавен договор немаат важност како договорот? Дали таквото „познавање“ на нештата на нашиве „стручњаци“ нѐ доведе до ова дереџе? Човек дури и би можел да покаже „разбирање“ за некаков (во основа политикантски) обид за денфување на фактите, за ублажување на очигледното или заобиколување на аргументите, но вака отворено и најдрско да се лаже? Од претседател на држава, преку премиер, до цела влада?

Дека тоа не е така, односно дека сите документи произлезени од еден меѓудржавен договор, а во случајов тој Протокол произлезен од Договорот за добрососедство, го потвдуваат и останатите два документи на ЕУ што ја следат т.н. Преговарачка рамка. Па така, документот наречен Предлог-заклучоци на Советот, веќе во точка 2 вели дека „На патот на Северна Македонија кон членство во Европската Унија, Советот потсетува на важноста од постигнување видливи резултати и од спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, за во точка 3 отворено да посочи дека „Во таа насока, Советот го поздравува договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана според член 12 од овој договор“ (sic!). И сега – што? Како тоа Протоколот не е составен дел на Преговарачката рамка, ама е составен дел на Предлог-заклучоците на Советот? Ќе објасни ли Ковачевски, или Османи, или Маричиќ…?

Понатаму, во документот наречен Заеднички став на ЕУ, во главата Воведна изјава на ЕУ за преговорите за пристапување, во точка 14 стои: „Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински елементи на процесот на проширување. Северна Македонија треба да продолжи конструктивно да се ангажира во инклузивната регионална соработка и да ги зајакне односите со соседните земји. Денес, потсетуваме на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучувајќи ги договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Во таа насока, го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно член 12 од овој договор. Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка кои остануваат суштински елементи од процесот за проширување како и од процесот за стабилизација и асоцијација“!

И сега, уште ќе се лажеме? Ќе им веруваме на лагите на локалниве интриганти и безрбетници и нивните кербери, но не и на еден Флоријан Бибер кој вели дека „Францускиот предлог за отклучување на бугарската блокада е катастрофа за проширувањето“, дека „Го вклучува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ“, дека „Во суштина ја прифаќа националистичката логика на бугарската влада“ итн., итн.? И зошто, впрочем, неговото видување на овој „француски предлог“ го објави само „Плусинфо“ и неколку помали портали, но не и оние провладини мегафони?

За оние пак кои не успеале сѐ уште да прочитаат делови од таинствениот Протокол – иако добри познавачи тврдат дека и покрај објавените делови, во него има уште скриени парчиња! – неговото (кога-тогаш) озваничување ќе претставува жежок шамар. Не само поради неговата содржина, која што е катастрофално понижувачка за државата, туку особено поради безочните лаги на власта, на највисоките државни функционери, без око да им трепне.

Само како провокација, ќе спомнам дека Протоколот предвидува: вклучување на резултатите од работата на т.н. Историска комисија „во наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“; „Владата на Република Северна Македонија да ѝ достави на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија“; Македонија да се извини „за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучувајќи ги и во однос на Бугарите“, итн., итн.

А има уште многу, уште многу!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини