Филм што не сакаме пак да го гледаме
Трката меѓу цените и платите секогаш завршува без победници и со многу губитници. Сме го гледале тој грозен филм пред распадот на поранешна Југославија. На овој или на оној начин, мора да се воспостави рамнотежа меѓу факторите од кои зависи економската стабилност – цените, платите, побарувачката, потрошувачката. Тоа е ѓаволски тешка работа, за која се потребни многу знаење, но пред сè храброст и решителност.
Македонија веќе длабоко навлезе во полето на двоцифрена инфлација. Таа во овој момент е измерена на околу 12 отсто, но веројатно веќе денеска е повисока и ќе продолжи да расте.
Јас и сите ние кои поради возраста можеме да кажеме дека еднаш во животот веќе сме го гледале овој филм, можеме да посведочиме – од едноцифрена кон двоцифрена инфлација се патува релативно бавно, од двоцифрена кон троцифрена многу побрзо, а од троцифрена кон инфлација изразена со многу повеќе цифри буквално се галопира.
Сакам да кажам, ние веќе сме во неволја.
Да биде неволјата поголема, инфлацијата ни е „увезена“, зашто кризата е глобална, а ние сме увозно зависна земја. Лесно е сега да се мудрува и да се каже дека многу порано требало да се мисли на развојот на сопственото производство на струја, на суровини, на храна и на други „стратешки“ производи, чие поскапување на глобално ниво сега девастирачки ја погодува нашата економија. Но, јас не паметам среќни времиња, кога владите имале сила, простор, а и мотив, да размислуваат повеќе за структурни промени на економијата, а помалку за купување на социјалниот мир и на изборните победи.
Како и да е, муабетот за ланскиот снег сега не вреди многу. Структурни промени не се прават преку ноќ. Во куќата ни гори оган што мора да се изгаси сега и веднаш. Проблемот мора да се реши додека сè уште зборуваме само за „обична“ или за „бенигна“ инфлација и пред да влеземе во погубната инфлациска спирала.
Колку што импонира фактот што премиерот Димитар Ковачевски одлучно се огласи против замрзнување на цените, толку загрижува тоа што некои негови министри сепак размислуваат токму за една таква интервенција на слободниот пазар. Можеби дури и тоа е разбирливо, бидејќи сите се под притисок на екстремно високите и веќе неподносливи цени и на заканувачките барања за зголемување на платите во јавниот сектор.
Патем речено, во Македонија синдикатите во јавниот сектор се многу подобро организирани од тие во приватниот сектор, а освен тоа, наспроти себе, како „социјален партнер“ во двојна улога (работодавец и медијатор) имаат „противник“ со „мек стомак“ – нема влада што сака да предизвикува револт меѓу избирачите. Затоа во Македонија „генерално“ штрајкуваат само работниците од администрацијата.
Не би сакал да се разбереме погрешно. Немам ништо против поголеми плати за лекарите, за наставниците, за војниците и полицајците, за судиите и за сите други што земаат плати од државната каса. Напротив, колку се подостоинствени примањата во јавниот сектор, толку е подобар јавниот сервис. А добриот јавен сервис, меѓу другото, е и развоен фактор на економијата на една земја.
Но … Две крупни работи сепак мора да се расчистат.
Прво, никој досега не успеал инфлацијата да ја победи со зголемување на платите. Таа трка, тој грозен филм, го гледавме пред распадот на поранешна Југославија. Повисоките плати секогаш значат повисока побарувачка, којашто производителите ја „антиципираат“ со нови зголемувања на цените, а потоа платите пак растат за да ги стасаат цените и таа трка крај нема. Всушност, има крај, кога ќе снема пари. И потоа се печатат пари без покритие, па следи банкрот, мораториум на долговите, девалвација на националната валута и целосен крах на економијата.
Верувајте, сме го гледале и не сакаме пак да го гледаме тој филм.
Второ, време е конечно да се размислува и за оние што произведуваат леб, а не само за тие што произведуваат магла. Метафорите се груби, но уште погрубо и поопасно е упорното игнорирање на проблемите со кои се соочува реалниот сектор на економијата, приватните компании кои произведуваат реални производи и услуги, без чие постоење буџетската каса ќе биде празна.
Скапите енергенси, скапите суровини и поскапата работна сила го поскапува производството. Компаниите работат на работ на т.н. позитивна нула, или веќе се во загуби. Пари не се позајмуваат лесно. Времето на евтини пари помина. A и коиј нормален позајмува пари за да покрива загуби? И што треба да се очекува од сопствениците на компаниите, како да се натераат да го трпат тоа пропаѓање и згора и јавно да бидат обвинувани за „профитерство“? Никако. Тие секогаш имаат реална, логична и фер опција – клуч на врата.
А ако не можат да преживеат рударите, металците, земјоделците, пекарите, текстилците, трговците и многу други, како ќе има доволно пари за лекарите, за наставниците и за коишто живеат на буџетски јасли? Од позајмени пари од странство? Добро, а кој и како ќе ги враќа кредитите? Може ли воопшто да опстане една економија без да создава акумулација?
Затоа, јас признавам само такви антикризни мерки што ќе содржат сериозна помош и поддршка за реалниот сектор на економијата. При тоа, единственото чекмеџе со кое може да манипулира владата е државното. Буџетот може да се крои и да се прекројува, може и да се дополнува со позајмени пари (секоја влада го прави тоа), но треба да се сфати дека тоа е основниот ресурс со кој може да се прават интервенции на пазарот.
Има ли начини како државата да им помогне на приватните компании? Има. Нејзин избор е дали ќе се намалат акцизите за енергенсите, дали ќе падне данокот за производство на храна и на другите стратешки производи, дали ќе се скратат царините, дали ќе се зголемат социјалните трансфери за поткрепа на сиромашните семејства, или ќе се преземат некои други мерки.
Како и да е, сите тие мерки објективно ќе предизвикаат побавно полнење на државната каса, а тоа значи дека ќе мора да се штеди. Сериозно да се штеди. На овој или на оној начин, мора да се воспостави рамнотежа меѓу факторите од кои зависи економската стабилност – цените, платите, побарувачката, потрошувачката итн. Тоа е ѓаволски тешка работа, за која се потребни многу знаење, но и храброст и решителност.
Политичките „консидерации“, стравот од губењето на популарноста и на поддршката од избирачите и популизмот се најлошите можни сојузници. Не ѝ посакувам на оваа, како и на која било друга влада, еден ден да се соочи со молчеливиот бес на банкротираното работништво, останато без егзистенција и без надеж за иднината.