ВМРО-ДПМНЕ НЕ Е ПРИЈАТЕЛ НА ГРАДЕЖНАТА МАФИЈА Стевчо Јакимовски не се откажа од бетонизацијата на Карпош
Јакимовски наместо да се сврти кон граѓаните, нивните потреби и барања за почист Карпош, со повеќе зелени површини и содржини за рекреација, тој одбра да продолжи по стапките на Стефан Богоев, изјави советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Велјановски.
ВМРО-ДПМНЕ не е пријател на градежната мафија и никогаш нема да биде сојузник на бизнисмени кои сакаат да профитираат на грбот на народот и на животната средина. Денешната прес-конференција на Градоначалникот Стевчо Јакимовски е реакција на црвстите заложби на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, по ниедна цена да не се дозволи понатамошна бетонизација на Карпош на штета на зелениот простор во општината, вели Роберт Велјановски, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Карпош
– Несогласувањата на оваа тема се од првиот ден од преземањето на функцијата градоначалник на Општина Карпош. Господинот Стевчо Јакимовски наместо да се сврти кон граѓаните, нивните потреби и барања за почист Карпош, со повеќе зелени површини и содржини за рекреација, тој одбра да продолжи по стапките на Стефан Богоев – изјави Велјановски.
Тој откри дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ не одобриле неколку обиди на Јакимовски за вцртување на згради на различни локации низ Карпош, кои, како што вели Велјановски, освен за интересот на бизнисот не му служат никому.
– Јакимовски и покрај нашите бројни апели за прекин на бетонизацијата продолжува со намерите да штанца градежни дозволи. Јакимовски и денес сакаше да помине нов ДУП со 7 нови згради во Злокуќани, како и претходните негови обиди за усвојување на ДУП-ови со нови згради, така и за овој Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не даде поддршка на планот и на денешната седница истиот не беше усвоен. Принципиелните заложби на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите и ветувањата пред граѓаните се нашата единствена водилка и приоритети кон кои ние се стремиме – додаде советникот на ВМРО-ДПМНЕ.