Антипросветителство
Сите овие, и слични такви, изливи – наречете ги како сакате, дури и варварски – се само реакција на вкупната македонско-бугарска примитивна атмосфера, а особено на локалното недемократско и во самата суштина криминално опкружување коешто не води сметка за последиците, за можните реакции, за општиот веќе одамна низок праг на трпеливост кај луѓето.
Голем грев е по кој било основ да изедначуваш која и да е личност од современата или постарата македонска историја со оној фашист Михајлов но, со сите „огради“ и извинувања, може ли некој да претпостави колку долго ќе издржеше македонски клуб во Софија наречен, на пример, по Блаже Конески? Или по Јане Сандански, Лазар Колишевски, Михајло Апостолски… Тито… итн.? Иако, повторно, фашистот Михајлов не е вреден ни колку црното под ноктите на кој и да е од спомнативе, но сепак: колку ќе издржеше нечепнат од бугарските националисти еден македонски клуб со такво име во Софија? Еден час, еден ден, два дена…? Да не е и тоа многу? Или, воопшто и немаше да биде отворен со такво некое име, ама сега, после онаа мизерна бугарска провокација во Битола и неодамнешната реакција на истата, пак сме ние виновни? Не мислам дека опожарувањето е соодветен одговор, ниту пак друга слична насилна реакција. Но, не беше ли токму тоа и целта на „клубот“ со тоа име – да предизвика токму таква реакција? И, демек, ние паднавме во бугарската стапица? А кој фактички си ја (само)намести стапицата? И зарем ваквите и слични реакции македонската политика не можеше да ги предвиди? Ма дајте, ве молам, па кој нормален молчешкум трпи такви понижувања, без оглед што омилени имиња му се Трпе и Трајче? А впрочем, нели Пламен е типично и често бугарско име? Згора на тоа, бугарската министерка за надворешни работи се однесува токму како ЕУ шериф во Македонија, гледајќи снимки од камери, коментирајќи ги… преземајќи ги всушност сите ингеренции на македонските истражни органи. Или ние, скришно, веќе направивме – един народ?
Сите овие, и слични такви, изливи – наречете ги како сакате, дури и варварски – се само реакција на вкупната македонско-бугарска примитивна атмосфера, а особено на локалното недемократско и во самата суштина криминално опкружување коешто не води сметка за последиците, за можните реакции, за општиот веќе одамна низок праг на трпеливост кај луѓето. Што, да речеме, на подолги патеки се решливи општествени симптоми, освен еден: Македонија одамна се наоѓа во сивите предели на некултурата, но сега дефинитивно запаѓа во длабоката зона не само на непросветеност, туку на нејзината најлоша варијанта – антипросветителство! Зошто го велам ова? Па затоа што последниве деценија и половина ние континуирано тонеме во жабурникот на простотилакот, примитивизмот, на пцовки и кавги… на отсуство на цивилизирани примери на демократско однесување. Па следствено, никој (не само) од државниот врв не се осврна ни за миг на неодамнешниот „поздрав“ на Н.Е. Дирк Јан Коп, кој како и секој друг Холанѓанец – секогаш отворени и без влакна на јазикот – ни го честиташе празникот на Словенските просветители со отрезнувачка порака: „За жал, Северна Македонија сè уште е дел од групата земји каде што се проценува дека има високо ниво на корупција. Земјава е дури и во група со земји како Етиопија и Колумбија. Ова не е група во која би сакале да бидете и сè уште е далеку од просекот на ЕУ (…) Сите политички партии велат дека целта им е да станат членки на ЕУ, но не соработуваат за да ја постигнат таа цел и наместо тоа меѓусебно се саботираат (…) Интересите на Холандија за Западен Балкан се едноставни, ние сакаме стабилност и просперитет.“ [1] (Додуша, имаше една од оние „чувар(к)и“ на стадото, една госпоѓа од ЗЕЛС, која отворено искажа несогласување со амбасадорот. Супер, добро е да имаме такви чувар(к)и од европските „заблуди“!).
Како во некое лимбо остана да лебди пораката на амбасадорот, особено оној дел дека Холандија – што ќе рече и ЕУ – сака „стабилност и просперитет“. А тие две категории, стабилноста и просперитетот, се „производ“ на просветителските држави односно директно обратнопропорционални со криминалот и корупцијата. Амбасадорот не рече дека во Холандија, или ЕУ, нема криминал и корупција. Ги има, како и секаде, но не се доминантни односно издигнати на нивото на партиска односно државна политика, што пак, во крајна инстанца, ги поништува сите напори за стабилност и просперитет. А овие две категории се суштински алки во еден друг важен процес – процесот на просветената држава. Затоа и во неколку наврати го спомнувам поимот антипросветителство како пандан на криминалот и корупцијата односно како движечка сила на една поинаква „држава“, едно непосакувано општество коешто полека но сигурно ја заробува Македонија. Јавно упатената „честитка“ на Денот на просветителите можеби е и последната што сака да ни укаже токму на тоа: земјава не само што тоне во криминал и во корупција – ако веќе не е целосно потоната – туку забрзано се движи кон „стандарди“ тотално спротивставени на просветеност од европски тип, кон скандалозно деградирање на цивилизациското поимање на современата просветена држава. И што е уште полошо, а што амбасадорот веројатно не сакаше да го каже, е што никој од државниот врв и владеачката врхушка не се вознемирува поради тоа. Напротив, тие толерираат дури и такво отворено простачко однесување на претседател на парламентот (малите букви одговараат на образовно-моралното рамниште на таа институција!), коешто сигурно го нема ниту во Етиопија и во Колумбија. И не е само тоа, секако, туку македонското секојдневие изминатава деценија и половина се претвори во диктатура на непросветеноста, тиранија на простаци и полуписмени луѓе, кадровски хохштаплерај и уплав од стручност и компетентност. Дури и Македонската академија на науките и уметностите, којашто едно време, како сега собранието, ја пишував со мали букви поради нејзината нерелевантност и унисоност со поранешните власти, веќе неколку години јавно говори за катастрофалните состојби во државава особено на планот на трајните вредности, цивилизациските стандарди, просветеноста, образованието…!
Безмалу цели две децении државата, свесно и намерно, ги снижува стручните, професионалните, моралните… критериуми за сите раководни позиции во власта – од најниските директорски до највисоките политички. И тоа веќе е видливо „со голо око“, како впрочем и последиците во сите сегменти на власта. Таа тенденција само привидно наликува на некакво случајно нивелирање односно наметнување на просечни стандарди. Не, тоа е јасна и веќе отворена политика на антипросветителство, на заглупување на народот, на доминација на нестручноста, аматеризмот и дилетантизмот дури и на највисоките државни позиции, на раслојување/деградација на културата, образованието, науката. Факултетските дипломи, па и магистратури и докторати, на дел од политичките врхушки, инаку стекнати за неколку стотини евра низ локалните или соседните „универзитети“ но непоткрепени со соодветна стручност и искуство, не се и не можат да бидат мерило кога од нив не произлегува соодветен резултат. А него очигледно го нема, дури напротив: неговата спротивност – ретроградноста – е насекаде околу нас. На крилјата на непросветеноста партиските политики наметнаа страотна партизација на државата, издигнувајќи го на тронот на вредностите исклучиво партиското припадништво и – ништо друго. Сето друго е заменливо, надоместливо, непосакувано, дури (за нив) одбивно!
[1] Еви Шкопи, Македонија по корупција во група со Етиопија и Колумбија, alsat.mk, 25 мај 2022
Извор: Теодосиевски уметност