СО ТРАНСПАРЕНТИ ВО СОБРАНИСКАТА САЛА ЗАПОЧНА АКТИВНИОТ БОЈКОТ Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ протестираат во законодавниот дом
По процедуралното обраќање на Мицевски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред претседателот на Собранието Талат Џафери со транспарент „Активна блокада за национален спас“, по што тој ги повика да седнат на своите места.
Во Собранието денеска со доцнење од речиси два часа почна 71. пленарна седница, со пратениците од опозицијата, кои иако најавија блокада на работата на законодавниот дом, сепак се присутни во собраниската сала.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, Никола Мицевски процедурално рече дека денешната седницата била закажана за 11 часот и забалежа оти се доцни еден час и 40 минути или околу два часа.
-Вам не ви треба активна блокада, вие сами се блокирате – рече Мицевски обраќајќи се на пратениците од власта.
Тој побара од претседателот на Собранието Талат Џафери, како што рече, да ги укори оние што не се присутни во салата, како и половина Влада, која не е тука.
-Вие сте блокадата на државата, вие сте тие кои го кочите работењето на овој парламентарен дом. Активната блокада што ја предлагаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е за спас од национална катастрофа и затоа повикуваме на избори кои се излез од оваа криза која вие ја продуцирате – нагласи Мицевски. Тој додаде дека тоа го бара и народот или активна блокада за спас од национална катастрофа, за спас од понижувањето кое го правите, за спас од лицемерието што го покажувате секојдневно на граѓаните, за спас на екомнијата, на енергетиката, на земјоделците и на сите граѓани.
Мицевски повика сите да дојдат на време на пленарната седница и најави дека ќе бидат активно присутни.
По процедуралното обраќање на Мицевски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред претседателот на Собранието Талат Џафери со транспарент „Активна блокада за национален спас“, по што тој ги повика да седнат на своите места.
Џафери потсети на собранискиот Деловник и на обврските на пратениците за присуство, а во однос на транспарентот на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потсети на последниот Извештај од Европскиот Парламент, поточно Комисијата за надворешна политика на ЕП што го добиле пред некој ден. Џафери прочита извадоци од Извештајот и рече дека тој ќе им биде поделен на пратениците.
Активната блокада, според најавите на опозицијата, ќе трае се до постигнување договор за датум за предвремени парламентарни избори. Одлуката за блокада ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 4 мај, а поздразбира „попречување на штетните закони и политики“. Активната блокада, велат, е барање на граѓаните, бидејќи, според нив, СДСМ создаде криза и сиромаштија.
Сликата со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со транспарентите околу собраниската говорница е вистинската слика за единствената опозиција во светот која блокира Собрание во светска економска и енергетска криза, порача пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничката група Јован Митрески во обраќање на денешната собраниска седница. Митрески истакна дека блокадите на важни закони не се национален спас како што лаже ВМРО-ДПМНЕ.
– Не може ВМРО-ДПМНЕ да е за спас на земјоделството, кога три месеци го блокира Законот за земјоделство и рурален развој, не може да е за спас на енергетиката а осум месеци го блокира Законот за фотоволтаици. Две години го блокирате законското решение за локални патишта и инфраструктура. Е ова е тоа што вие го нудите како наводен национален спас – посочи Митрески.
Митрески истакна дека доколку ВМРО-ДПМНЕ сака избори треба да обезбеди 61 пратеник за распуштање на Собранието но тоа не може да го направи па затоа се обидува да ја блокира работата на Парламентот.