ИДНИНАТА НА НАШИОТ ЈАЗИК Е ИДНИНАТА НА НАШАТА ТАТКОВИНА Ковачевски порача да го чуваме и унапредуваме македонскиот јазик

Минатата година, Владата, во соработка со Институтот за македонски јазик, ја промовираше интернет платформата makedonski.gov.mk на која е поставен дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“.

110

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска имаше свое обраќање на настанот по повод Денот на македонскиот јазик.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека Владата искрено и силно е посветена на негувањето и унапредувањето на македонскиот јазик, бидејќи нашиот јазик е нашиот национален и културен идентитет, и во таа насока прогласувањето на 5 мај за Ден на македонскиот јазик, во чест на денот кога во 1945 година Народната влада на Народна Република Македонија ја усвои азбуката на македонскиот јазик и кириличното писмо како официјална азбука и писмо, е една од обврските за исполнување на овој завет, што ги презеде Владата од 2017 година наваму.






– „Јазикот е наша татковина“. Со оваа порака, основоположникот на современиот македонски јазик, Блаже Конески, ни остави завет за негово чување, негување и унапредување, како еден од столбовите на нашиот идентитет. Денес имаме вистинска мала армија на македонисти во светот – 300 студенти на универзитетите во Анкара, Истанбул, Риека и во Будимпешта со додипломски и последипломски студии. Македонскиот јазик литература и култура се изучуваат и на универзитетите во Торонто, Љубљана и Марибор, Загреб, Лондон, Познањ, Нови Сад, Брно, Братислава и во други универзитетски центри. Минатата година во календарот на важни настани на УНЕСКО беше вклучена програмата за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура Блаже Конески, како најзаслужен за утврдувањето на македонскиот стандарден јазик – рече Ковачевски во својот говор.

Минатата година, Владата, во соработка со Институтот за македонски јазик, ја промовираше интернет платформата makedonski.gov.mk на која е поставен дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик“.

Денес дигиталниот толковен речник на македонскиот јазик им стои на располагање на сите што сакаат да го користат македонскиот јазик. На граѓаните од нашата земја, на нашите сонародници од севкупната македонска дијаспора и останатите заинтересирани поединци, научници и деловни луѓе во целиот свет, без никаков надомест.

– И денес наш приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднината. Иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина. Јазикот е жива материја и најочигледно ќе покажеме дека се грижиме за него, преку начинот како го говориме, како го пишуваме, како го читаме македонскиот литературен јазик. Така даваме пример со каков јазик сакаме да раснат младите генерации. Да го чуваме и унапредуваме, и достојно да му го предаваме на сите генерациите после нас – порача Ковачевски.

На настанот, на кој присуствуваа бројни претставници на политичката, општествената и академската јавност, свои обраќања имаа и министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, директорката на Институтот за македонски јазик Елена Јованова-Грујовска, претседателот на Советот за македонски јазик професор Људмил Спасов, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Поврзани содржини