Кич

За македонски услови се чини најсоодветна дефиницијата на Кундера кој тврди дека кичот е естетски идеал на сите политичари и сите политички партии и движења, а кога во општеството доминира едно политичко движење тогаш добивате – тоталитарен кич! Впрочем, што друго е не само поставувањето на „Скопје 2014“ туку и неговото упорно чување? А бидејќи кичот е „естетска“ форма на лажење, говори ли тоа доволно и за македонската политика?!

1,004

Долго време популарната кај нас сентенца „каков народ, таква власт“, денес речиси ништо не објаснува. Колку власти – „идеолошки“ различни – минуваа(т), народот останува ист. Нешто недостасува во тоа толкување, или во нас. Не можат состојбите да остануваат исти при толку промени во власта!

Денес, барем за ограничена употреба, поинтересна ми е мислата „каква власт, таква култура“ односно „каква власт, таква уметност“, или во актуелниот случај: „каква власт, таков кич“. Иако и тука, повторно, се сведува на едно исто – колку власти да се сменат, со (наводно) крајно различна „идеолошка“ ориентација, нештата во културата и особено во уметноста остануваат исти, идентични. Поимот идеологија го ставам во наводници бидејќи од сето она што можевме да го видиме во овие триесет години, македонската политика нема ама баш никакви допирни точки со некаква идеологија или политичка ориентација. Но, во таа македонска политикантска збирштина сосема соодветствува и нејзиниот однос кон културата односно уметноста, или подобро речено: нивната залуденост со кичот! И, да нема недоразбирање, овде не говорам само и единствено за најграндиозниот кич во европски размери – нашето шизоидно СК 2014 – туку, повеќе или помалку, за целата македонска визуелна уметност во последниве деценија-две којашто, со мали исклучоци, најчесто се движи на онаа тенка линија помеѓу уметноста и кичот. И сето тоа, се разбира, финансирано од – државата!






Иако (повторниот) скандал со споменикот на првиот познат македонски масовен убиец е директен повод за овие редови, не е само тој и не е осамен. Впрочем, целото налудничаво „Скопје 2014“ остана да се шепури во централното градско подрачје, да шири кичерајска зараза, да се распаѓа полека но сигурно пред наши очи, но властите да не дозволуваат некој да го допре. А заедно со него и сиот пропратен кич арсенал наречен летниковци, колонади, скулптури (просјак, риба, оро…), музеи, спомен куќи, објекти, мостови… Европска престолнина на кичот! Но, како и да вртите, пак ќе се навратите на спомнатиот споменик што градските власти намислиле – преку референдум – да го вратат на старата локација: споменикот на Андон Лазов „Ќосето“, егзекуторот на историското вемеро, убиецот по наредба, потреба и желба. А споменикот – грандиозен кич без пандан во светски размери. Зашто, прво, да славите партиски убиец е најблаго речено малоумно, но да го славите на тој начин, со кама во раката, пиштол на појасот и пушка потпрена до ногата… тоа е веќе тешко психичко пореметување! И сето тоа да се финансира со пари од граѓаните кои никој не ги прашал дали воопшто сакаат таков споменик во центарот на градот, е тоа е злосторство еднакво на сите злосторства на спомнатиот егзекутор!!! Дури, никој – ниту оваа власт, еве цели пет години – не се обиде попрецизно да утврди кое е тоа Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин коешто се јавува како донатор на споменикот, кој е неговиот автор, со чие одобрување бил поставен на локацијата пред комплексот на судови во Скопје, зошто никој досега не бил повикан на одговорност за тој чин итн. Што е, повторно, еднакво на злосторството на поставувањето на споменикот и соучесништво во истото.

Се разбира дека клучното прашање, покрај фактот дека државата го одобрила поставувањето на тој споменик, е: како е можно во 21-от век, во една (наводно) цивилизирана и демократска држава со европски аспирации, да биде поставен таков кич во централното градско подрачје? И како воопшто некој во цивилизирана држава во 21-от век, на највисоко државно ниво, да го преферира токму тој кич над уметноста? И зошто им е кичот допадлив на македонските политичари?

Кичот е допадлив затоа што е лесен, плиток, „блескав“, шљашти од километар, заводлив е, сладок, податен…; кичот е мелодрама, имитација, баналност, утилитарност… Заради тоа ли им се допаѓа на македонските политичари? Кичот е ефтин, блуткав, лажно емоционален, кичот повеќе говори за гледачот отколку за гледаното. Затоа ли толку им се допаѓа на македонските политичари? Кичот „нуди инстант задоволство без интелектуален напор, без потреба од дистанца, без сублимација“, вели Бенјамин; „Целиот концепт на кичот е јасно центриран околу прашањата на имитација, фалсификат, лажност, и можеме да го наречеме естетика на измамата и себеизмамата“, вели Калинеску. Кого мами македонската политика – себеси или нас? Но, за македонски услови се чини најсоодветна дефиницијата на Кундера кој тврди дека кичот е естетски идеал на сите политичари и сите политички партии и движења, а кога во општеството доминира едно политичко движење тогаш добивате – тоталитарен кич! Впрочем, што друго е не само поставувањето на „Скопје 2014“ туку и неговото упорно чување? А бидејќи кичот е „естетска“ форма на лажење, говори ли тоа доволно и за македонската политика?!

Она што е навистина крајно несфатливо е фактот дека вие го имате кичот наречен „споменик“ на Ќосето во град каде на еден километар воздушна линија се наоѓа „Св. Пантелејмон“ во Нерези, на помало растојание е „Св. Спас“, некаде тука е и Музејот на современата уметност, Мустафа пашината џамија, уште поблиску е бисерот Даут пашин амам, споменикот на Ослободителите на Скопје, споменикот на Св. Климент Охридски… итн. Каков е тој ум што го дозволува тоа?

Или, замислете на што би личела уметноста во светот да е налик на Ќосето?

*

Според она што може да се види на фотографии што веќе кружат во јавноста, особен кич е и т.н. споменик во Слупчане. Но (и) тоа чудо допрва треба да се види!

 

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини