ВМРО-ДПМНЕ НЕМА ДА ПОДДРЖИ ПРОМЕНА НА УСТАВОТ БЕЗ ГАРАНЦИИ Мицкоски испрати порака за обединување
Мицкоски потенцираше дека доколку се отвора Уставот со кој би се предвидело дел од бугарскиот народ да биде вклучен во преамбулата, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи без претходни писмени гаранции за нашата историја, за македонскиот јазик, без вештачки фусноти за нашата посебност и културна различност.
Неприфатливо е дозволувањето на оваа влада да се мешаат соседните држави во нашите внатрешни работи, па сега откако ќе ги исполниме критериумите за ЕУ, да мора да ги исполниме и критериумите на Петков, кои се за негова домашна употреба. Петков штити свои државни интереси, проблемот е што недостасува заштита на македонските интереси, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на денешната прес конференција.
Мицкоски потенцираше дека доколку се отвора Уставот со кој би се предвидело дел од бугарскиот народ да биде вклучен во преамбулата, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи без претходни писмени гаранции за нашата историја, за македонскиот јазик, без вештачки фусноти за нашата посебност и културна различност.
– Зад овие интереси не стојат нашата држава и нејзините институции. И ако условот е да се исполнат сите бугарски барања кои ќе значат исполнување на нивната бугарска декларација, на наша штета, тоа е нешто со кое ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да се согласи ниту пак да се помири. И ако има отворање на Уставот чин со кој е предвидено дел од бугарскиот народ да биде вклучен во преамбулата на истиот, ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи без претходни писмени гаранции за нашата историја, за нашиот македонски јазик, без вештачки фусноти, за нашата посебност и културна различност. Повторувам, да се знае сега, нема тоа да го поддржиме и нема тоа да помине – нагласи тој.
Тој вели дека е апсолутно свесен дека Ковачевски е подготвен да потпише сѐ, а дека само чека да види дали Петков ќе може тоа да го помине во Бугарија.
– И тоа најверојатно во овој пластелин, наш вештачки парламент ќе помине, но за промени во Уставот им требаат две третини, а тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи. Слушаме за чувствата на Бугарите, слушаме за приказните на Петков за добрососедство чии дела не ги гледаме, слушаме и за канонадата на асимилаторски изјави за кои никој во државата не реагира, за лекциите за исполнети критериуми, исполнети прашалници, а го поставил ли некој прашањето за чувствата на Македонците во Македонија, на овој народ кој скаменето чека за иднина која ја нема, и бара достоинство кое му го продаваат, и за Европа која никако да дојде – рече Мицкоски.
Тој до македонскиот народ испрати порака за обединување и висока свесност за состојбите, зашто секоја грешка од сега натаму, како што додаде, ќе биде скапо платена.