СЕ ОТКАЖА И ОД ТАТО И ОД ПУТИН, ЌЕ ЈА ОСВОИ ЛИ ЕЛИСЕЈСКАТА ПАЛАТА? Трета и последна шанса за Марин Ле Пен

Прогнозите одат во прилог на најавена победа на Емануел Макрон. Но, аналитичарите предупредуваат дека прогнозите, особено во вакви околности, се неблагодарни. Желбата за промени не треба да се потцени, а факт е дека за многу Французи, името Ле Пен повеќе не е предмет на презир. Напротив.

3,425

Ова е трета и последна шанса за Марин Ле Пен да стане претседателка на Франција. Таа никогаш не била поблиску до победата отколку сега, иако повеќето аналитичари сепак му даваат поголеми шанси на нејзиниот противкандидат во вториот изборен круг, актуелниот претседател Емануел Макрон, пишува Гардијан.

Серијата анкети пред крајот на кампањата, во петокот на полноќ, навестија дека Ле Пен ја намалила разликата во однос на Макрон до границите на грешка. Во една анкета, Макрон водеше со 26 отсто пред Ле Пен со 25 отсто, пред првиот круг гласање во неделата. Анкетата на мал примерок сугерираше дека резултатот во вториот круг би можел да биде подеднакво близок, при што Макрон би можел да победи со 51 отсто, пред Ле Пен со 49 отсто. Една друга, пообемна анкета, пак, на Макрон му предвидена победа со 52 отсто, наспроти 48 отсто за Ле Пен.






Тоа го велат анкетите. Според делумните официјални резултати, Макрон во првиот круг доби 27,4 отсто од преброените 38 милиони гласови, додека Ле Пен 25,54 отсто. Следните две недели се одлучувачки и не е сосема невозможно Марин Ле Пен да стане идната претседателка на Франција.

„Дедемонизација“ на Националниот фронт

Подемот на политичката ѕвезда на Марин Ле Пен не е само последица на тектонското поместување на политичката сцена во Франција кон десно. Тој се објаснува и со упорното опаѓање на симпатиите кон актуелниот претседател. Макрон, некогаш ново лице во француската политика, аутсајдер кој ја потресе лево-десната политичка сцена, сега се гледа како дел од таа сцена.

За разлика од неговата ќерка, таткото на Марин Ле Пен, Жан-Мари Ле Пен, никогаш не бил блиску до власта. Неговата изненадувачка победа во 2002 година во првиот круг немаше никаква врска со поддршката на десницата: тоа беше затоа што левицата се подели и француските гласачи го искористија првиот круг за да испратат порака, убедени дека социјалистичкиот кандидат Лионел Жоспен обезбедил место во вториот круг. Жоспен не успеа, но победи Жак Ширак.

Во 2011 година, Марин Ле Пен го презеде тогашниот Национален фронт и почна да го чисти неговиот имиџ, извалкан од ксенофобични неонацистички насилници со избричени глави и со чизми. Таквите членови беа протерани поради расистички и антисемитски забелешки или затоа што го бранеа Филип Петен, шефот на француската влада Виши, кој соработуваше со нацистите во 1940-тите. Таа дури го избрка и сопствениот татко од партијата, во 2015 година.

Процесот на „дедемонизација“ на Националниот фронт, како што беше наречен, изгледа успеа. Марин Ле Пен за прв пат се кандидираше за претседателка во 2012 година, освојувајќи го третото место со 17,9 отсто во првиот круг, зад социјалистот Франсоа Оланд (кој на крајот победи) и зад конзервативецот Никола Саркози. Во мај 2014 година, Националниот фронт со двајца сенатори за првпат влезе во горниот дом и доби и 11 градоначалници. Таа година Националниот фронт победи и на европските избори со 24,9 отсто од гласовите и испрати 25 претставници во Европскиот парламент.

Марин Ле Пен повторно се кандидираше во 2017 година, освојувајќи 21,3 отсто во првиот круг, доволно за да се пласира во вториот круг. Во вториот круг таа постигна 33,9 отсто, што беше далеку понизок резултат од очекуваниот против Макрон, тогашниот политички дебитант.

После поразот, таа го смени името на партијата во Национален сојуз. Престана да повикува на смртна казна и Франција да ја напушти ЕУ, иако сè уште е посветена на идејата да се игнорира Брисел. Марин Ле Пен продолжува да се залага за националистичка дискриминација, но нејзината економска програма е „полевичарска“, при што се залага и за зголемување на пензиите, се противи на приватизацијата на јавните услуги, а на протекционизмот гледа како на алтернатива на глобализацијата. За разлика од ултрадесничарот Земур, таа веќе не предлага нула имиграција, туку се залага за референдум за ова прашање, но додава дека илегалните имигранти и оние кои го прекршуваат законот ќе бидат протерани. Марин Ле Пен се откажа и од партиското противење на еднаквоста во бракот и на абортусот.

До неодамна беше гласен поддржувач на Русија и на Владимир Путин. Во нејзиниот манифест се појави фотографија со рускиот лидер во Москва. Но, ова и ветувањето дека Франција ќе се повлече од НАТО се чини дека немаа многу влијание врз нејзината популарност, анализира британски „Гардијан“.

Накусо, критичарите велат дека Марин Ле Пен „го променила стилот, но не и отровната супстанција на партијата“. Општ е впечатокот е дека Французите бараат промени, многумина само заради промената по себе. На Макрон му префрлаат дека предоцна ја напуштил кампањата, сметајќи го тоа како доказ за ароганција. После неговиот единствен митинг минатата недела, Макрон нервозно изјави: „Марин Ле Пен има расистичка и крајно брутална програма. Таа ве лаже“.

фото: твитер/принтскрин

Ќерката го жртвуваше и својот татко

Во своето прво обраќање по изборниот молк, Марин Ле Пен рече дека чувствува најискрена благодарност и дека понизно ќе ја прифати одговорноста што ѝ ја дадоа гласачите. „Гледам надеж во ова гласање, надеж, надеж дека оваа наша оживеана сила ќе се разбуди“, додаде таа. Со извиците на нејзините поддржувачи „ние ќе победиме“, таа вети дека ќе воведе ред во Франција во рок од пет години.

Марин Ле Пен е родена како Марион Ен Перин Ле Пен во 1968 година. Таа има три деца од два брака. Дипломирала право и шест години работела како адвокат, за потоа да се посвети на политиката. Нејзиниот татко, Жан-Мари Ле Пен, е веројатно најпознатиот француски екстремен десничар, кој со години го водеше Националниот фронт. Таткото Ле Пен остана запаметен по расистичките и антисемитските испади, а кулминација на неговата политичка кариера беше кога успеа да влезе во вториот круг на претседателските избори во 2002 година со 16 отсто од гласовите, но потоа загуби спектакуларно од Жак Ширак. Затоа, освојувањето на Елисејската палата е еден вид опсесија на семејството Ле Пен.

На патот кон Елисејската палата, Марин Ле Пен не само што се огради од низата контроверзни изјави на нејзиниот татко, туку во 2015 година и го исклучи од партијата, која тогаш доби и ново име. Жан-Мари Ле Пен тоа го нарече „предавство“. „Името не е само етикета, туку и долга и смела историја на отфрлање на активизам“, се пожали тој на медиумите, осудувајќи ги „предлагачите и извршителите“ на одлуката, меѓу кои беше и неговата ќерка.

ФОТО: EPA / HECTOR RETAMAL / POOL

Симпатиите кон Путиновиот „суверенизам“

Освен болното раскинување на врската со нејзиниот татко, симпатиите кон Путин се нејзината втора голема слабост, која може да биде и пресудна за исходот на трката. Како жесток критичар на НАТО, Марин Ле Пен отсекогаш сочувствувала со рускиот претседател Владимир Путин за неговата „суверенистичка“ политика. Треба да се додаде и тоа дека нејзината партија доби и финансиска поддршка од Русија. Контроверзноста во врска со парите го придружуваше и нејзиниот мандат во Европскиот парламент, каде беше обвинета за злоупотреба на финансии, по што мораше да врати 300.000 евра.

Ле Пен сака да ја извади Франција од Европската Унија, а Путин сака да ја ослаби ЕУ, па нивните стратешки политички цели природно се поклопуваат. Ле Пен се сретна со Путин во Кремљ во 2017 година и повика на сојуз меѓу Русија, Европа и САД „во борбата против исламистите“. Путин индиректно ја поддржа Ле Пен на последните претседателски избори во Франција, но неговата операција не успеа како во случајот со Трамп. Сепак, Марин Ле Пен сепак се огради од Путин, по руската инвазија на Украина.

Што ќе значи за Македонија евентуалната победа на Марин Ле Пен?

Во Европската унија, Марин Ле Пен е блиска и со унгарскиот премиер Виктор Орбан, чиј реизбор природно го поддржа. Доколку биде избрана за претседател на Франција, таа нема да ја повлече Франција од Шенген зоната за слободно движење, како што вети претходно, но најави сојуз со Унгарија и со Полска против Брисел.

Минатата година Ле Пен и Орбан остро ја критикуваа „идеолошката бруталност“ на ЕУ, отфрлајќи го секој принцип на првенство на европското право над националното право. Таа силно застана на страната на Полска, која води таков спор со Брисел. „Овој принцип е наметнат со маневри, а полското правосудство целосно го оправдува своето право да ги утврдува и спроведува основните правила на својот национален пакт“, рече Ле Пен.

За Македонија е важно дали ќе настапи промена на француската политика во поглед на проширувањето доколку Марин Ле Пен ја освои Елисејската палата. Познавачите велат дека промена секако ќе има и дека таа најверојатно нема да биде во прилог на евроатлантските аспирации на Македонија. А тоа е важно, бидејќи претседавач со ЕУ во овие шест месеци е токму Франција.

Благој Зашов, поранешен дипломат, кој деновиве бил во Франција, во статус на Фејсбук, коментира: „Дали повторниот избор на Макрон ќе помогне Македонија да ги почне преговорите? Да се надеваме“. Во својот статус, Зашов пишува: „Пет години Французите ги поминаа со претседателот Макрон. Денес гласаа во првиот круг со ист резултат како и во 2017 година. Противкандидат на Макрон повторно ќе му биде кандидатката од десницата Марин Ле Пен. Левицата пак излезе на избори со поделени гласови. Но, оние 20 проценти на популарниот Меланшон укажува на можноста левицата да се реконструира. Екстремната десница со кандидатот Ерик Зимур доживеа голем пораз. Исто му се случи и на екологистот Жадо“.

Во секој случај, прогнозите одат во прилог на најавена победа на Макрон. Но, аналитичарите предупредуваат дека прогнозите, особено во вакви околности, се неблагодарни. Желбата за промени не треба да се потцени, а факт е дека за многу Французи, името Ле Пен повеќе не е предмет на презир. Напротив.

 

Поврзани содржини