Гајдарка

Демократијата како факт и фундамент е една од големите лаги во македонското општество. Џабе власта нѐ уверува дека ги презема демократските принципи на западните земји, па со евтина фарса, настојува да ја изедначи анархијата која на очиглед ја практикува, со демократијата која може да се разгледува само од аспект на власта.

2,129

Демократијата како скалило на цивилизациското достигнување, од една страна е фундамент во воспоставувањето и унапредувањето на универзалните човековите права, а од друга страна, тој впечатлив и различно сфатен (и напати приватизиран поим), е најпогодно стојалиште за злоупотреба на истите. Тие две страни на паланцата никогаш не се стабилни. Секогаш, отворено или скришно, се додава – одзема по некој тег од едната или од другата страна, и никој никогаш не е задоволен со „измереното“. Мера нема во трката по придобивките на од себе одредените демократски права, бидејќи човекот е лаком и никогаш не е сит од консумираното и секогаш е во потрага по „уште“. Е, ова последното има мера! Прекардашувањето води кон стомачна болест во општеството пропратена со дијареа, која во политиката се нарекува анархија, како своевидна сатисфакција за отпорниот – посилниот, а пепел во очите за обичниот човек.

Демократијата како факт и фундамент е една од големите лаги во македонското општество. Џабе власта нѐ уверува дека ги презема демократските принципи на западните земји, па со евтина фарса, настојува да ја изедначи анархијата која на очиглед ја практикува, со демократијата која може да се разгледува само од аспект на власта.






Ова може да ја разјасни и ујдурмата околу пописот, со кој, плански е нарушено елементарното демократско право на Македонецот, со намера да се доведат во прашање неговата опстојба како мнозински православен народ, а со тоа и неговата правна поставеност – како конститутивен столб во сопствената матичната држава. Замислено е, Македонецот во пописот да се „стопи“ и од мнозински народ да стане безимен малцински етнос во својата држава, која, по изменетата фактичка состојба на теренот, веќе – ќе ја нема.

– И?

– Иии… – ако подмолноста ја прифатиме како нормално однесување во нашите меѓучовечки односи и ја аминуваме, како многу работи до сега, ќе станеме Гајдарка (како деца, така ја викавме ќерамитката која ја шуткавме со нога, од едно зацртано поле во друго, сѐ додека не ја напикавме во „шлајка“), падната од скршена стреа.

Узурпираното право на Македонците е по волјата на главешините на албанските партии. Како политичка сила во Македонија, сфатија дека „им се може“, па продолжија со лиферувањето агресивни заложби за „урамниловка“ во државата, по принципот – мулти(?)национално и мултиконфесионално… како конститутивни елементи на државноста. Затоа во пописот се смали бројот на православните Македонци, со тенденција да се зголеми бројот на Албанците и на етничките колективитети со исламска исповед, за да биде „пата-пата“. Целта е јасна: Да ја растурат ОВАА македонска држава, па, „одново да ја конституираат“ како што тие сакаат… на основа на колективитети и „мулти…мулти“ етнички групации, кои се негација на граѓанскиот принцип на индивидуалност, односно – државата да се претвори во мултиколоритна колективна феудална рушевина, како примитивна постојбина на модерни средновековни владетели и збир на недоветно население, од македонска, албанска, турска… проминиенција.

Ете, така некако, со промоција и официјализација на правата на албанскиот етнички колективитет како национален, со ново руво – Македонија да се преправи во партнерска држава – па во новоизградената мултиколективистичка сала, како танчери, два загрнати партнери, еднакви по стил и смисла за музика, да играат танго, наречено „спречување на внатрешни меѓуетнички конфликти и мииир… за да се сочува мирот.“ А, за да се сочува мирот, на сцената, како курбан се саможртвува еден народ – македонскиот.

Тоа е настојување државата да се претвори во монструмски изум на договорни (две) државотворни нации!?, со просто и неуко изедначување на поимите (мулти)етнички и (мулти)национално, каде не постои и мнозински народ, туку конгломерат од разни „мулти, мулти“ збирштини. Секако, свое место ќе имаат и самовиканите Македонци, како отпадници – без своја матична држава, без свое име – изгубени во маратонот кој непрестано го трчаат по туѓи патеки и за туѓи победи.

Ни ги замижуваат очите пред фактот дека етносите прават нација, а нациите прават држава, и дека албанската нација (народ) има своја матична држава во соседството, а во македонската единствена национална држава на Македонците – Македонија, не се народ, туку се етничко малцинство, кое ги ужива сите универзални малцински права, без привилегија, како такво, да се пресоблече себе од етнос во Македонија, во државотворен народ. Тие во Македонија не се, и не може да бидат народ, кој ќе биде конститутивен дел од некоја нова држава. Не може како што сакаат, секаде каде што живеат да „конституираат“ – и да имаат своја држава.

Вака, школски објаснувам што е што, за да си запаметиме: Ако ние Македонците не ја чуваме сопствената тешко стекната држава и тоа само на дел од територијата на етничката земја Македонска, никој нема да ни ја чува! Секој гледа и ќе гледа да грабне дел од последниот наш земјен залак – ако му се може! Без земјата Македонија и од неа, во нас вкоренетиот идентитет, ние не постоиме како народ.

Само доколку се свестиме како Македонци и развиеме посилно национално чувство и национална свест по примерот на западните држави, кои се – граѓански национални држави, ќе имаме стабилна македонска држава и македонска нација, кои не се лесно игнорирани, како од надвор, исто така и од внатре. Колку повеќе македонското општество ќе се гради како граѓанско, толку повеќе ќе се зајакнува македонската нација и граѓанско-националната држава. Но, да запаметиме и тоа дека поимот „граѓанско“ не се коси и не се двои од својата базична придобивка, а тоа е националниот колективитет, како хомогеност – колективната идентификација, од која произлегува националната стратегија. Во граѓанското општество граѓанинот не е застапен врз основа на проценти и некаква припадност, туку како индивидуа е носител на суверенитетот на државата, а колективните права се во втор план и се регулирани со меѓународни документи. Тоа е спротивно на некаквите „мултиетничко општество“ и „општество за сите“ фарси, во кои животот се одвива по нечиј етнички калауз… – компромис, за попуштање и прифаќање на незаконски однесувања… поделби на ресори, квоти… функции, почнувајќи од врвот на власта во државата, па надолу по институциите…

Тоа нерасчистено мултисвојство на општеството, кое е измислено и на незаконски начин договорно практикувано, е актуелно и акутно, откога со светот сме поврзани како суверена нација (израз кој означува јазични, културни, обичајни и други особености), без да се вклопиме во практиката на меѓународната заедница. Кога ќе ја израмниме таа кривина на која сите се сочекуваме, ќе можеме да бараме приклучок кон западните демократии. Дотогаш, ние сме мекотелна творба, која од една страна се реси, а од другата се порабува.

Насочени сме кон демократијата на западните земји, и знаеме дека таму, таа не се сфаќа и не се практикува како кај нас. Ја сакаме и сакаме да им се приближиме, ама, да не го испуштиме нашиот терк – кој што сака и кој како може, како сепариран припадник… процентуално олку или онолку присутен… да бара и да добие од функциите на државата и засебни политички права, да грабне и да огради парче од земјата, да уценува и да кочи, да има право да наметнува политички барања како посебно право и условување… Така и такви, нема да одиме напред кон Европа. Таму народот не е поделен по национална, верска и каква било друга слободна или божја определба, ниту по процентуална застапеност, како што сме ние, па не се тркаат кој е поброен… и нема посебна потреба да се фалсификува попис за „правична застапеност“ – неспособниот да го потисне способниот на некое работно место. Посебно нема потреба од регулирање на од уста неизвадените „меѓуетнички односи“, „односи меѓу заедниците“… кои кај нас, најчесто се користат како изговор, закана, или замајување на некој непобитен факт. Нема ни „меѓуетнички консензус“ по одредено витално прашање, ни Бадинтер како уцена, ни клучеви и катанци со прапорци… туку, сите заедно како народ на фиљан држава го потврдуваат своето неотуѓиво, неуништиво и суверено право да избираат… да бидат бирани… да ги утврдуваат односите со другите држави во соседството и сестрано да го развиваат својот живот…

Развојот на централизација на државите постепно во светот доведе до тоа, принципот на територијалноста на државата да стане основен инструмент во создавањето и одржувањето на националната заедница. При тоа, се има предвид дека зборот нација означува исто што и нашиот збор народ.

Постепено, овој територијален, а не етнички пристап кон поимот нација или народ, е прифатен и се применува од многу земји, од практична причина што, многу мал број од државите во светот може да го применат изразот „чиста национална држава“. Другите, сите се со сложено-етнички состав.

Од истите причини правно-политичкиот систем на поимот нација се одомаќини и во Обединетите нации (Лигата на народите пред Втората светска војна), и во меѓународното право, каде зборовите нација или народ, не означуваат етничка, туку територијална заедница, со државен апарат и со суверено население, без оглед на етничкиот состав.

Погоренаведеното не ги занемарува граѓаните на државата како безимени, апстракни поединци, без никакви етнички, верски белези, туку секогаш се апострофирани и поткрепени како конкретни припадници на соодветна нација, сфатена и остварена во територијалните рамки на државата. Државата, станува и име на нејзините граѓани.

Франција после револуцијата од 1789 година, со декрет прогласи единствена француска нација (народ) и францускиот јазик го озакони како единствен во земјата. Нагласката беше ставена на универзалните права на човекот, без оглед на етничките особености. Државата и нејзиното население беа правно-политички прогласени за нација, односно национална држава. Сите во Франција се Французи, без оглед на фактот што општеството е со сложен етнички состав.

Во Уставот, Шпанија е унитарна држава. Смислено, на некои места, наместо да се рече дека сите граѓани се еднакви пред законот, стои: „Сите Шпанци се еднакви пред законот.“ Или, се потенцира „Шпанија е заедничка и неделива татковина на сите Шпанци.“ Според Уставот и законите, не постојат Каталонци, Баски, Галицијанци и други малцинства, туку само нивните јазици и региони каде што тие јазици се употребуваат. Единствен службен јазик на Шпанија е Кастиљскиот, додека малцинските јазици имаат и службен карактер заедно со Кастиљскиот, само во соодветни региони од шпанската федерација.

Швајцарија која е конфедерација, во својот Устав намерно потенцира дека државата има намера да „ги одржи и да ги зацврсти единството, силата и честа на швајцарската нација…“. Значи, сите се Швајцарци. Официјалните јазици се јазици на швајцарската нација.

Во белгискиот Устав: „Белгијците се еднакви пред законот“…

Германија е позната по бројноста на многу национални малцинства. И таму „Сите се Германци во Германија“.

Грчкиот Устав: „Сите Грци се еднакви пред законот“…

Според Уставот, и Белгиската нација ја сочинуваат сите Белгијци, иако е федерација од 1993 год. составена од три јазични заедници и три административни региони.

Значи, името на државата, без оглед на уставното уредување, станува име и на нејзините жители и како граѓанска национална држава е татковина на сите кои живеат во неа. Така, западните општества и држави развиваат компактна и отпорна национална средина, но и постабилна држава и општествена заедница, со која не може лесно да се манипулира, одвнатре и однадвор. (Јасно ни е што изгубивме со насилно сменетото име… зошто ни е сменето… и какви проблеми допрва ќе имаме?)

Така е во земјите од западот. Кај нас е карма карашин. – Мулти… мултиии… и проценти! – од уста не испуштаме… Таа песна ни ја замени националната химна.

Нашиот Устав, ако воопшто е валиден бидејќи по нечиј ќеф е претворен во ПИСАНИЕ од алваџиски тефтер, каков е?:

– Етнички?, Граѓански?, Рамковен?… Бадинтерски?, Консензуален…? или Процентуален?.., Платформен?… или, атерџиски провизориум на отвори – затвори капиџик, за одземи – да си додадеш… на крајот – палјачо, кој едновремено се смее и плаче.

Што натаму?

09.04.2022г. – НАЈНОВО: „…Бугарија согласно Уставот не признава колективни права, туку само индивидуални… Петков да внимава кога го користи терминот малцинство. Кога зборува за Бугарите во Македонија, во никој случај да не ги квалификува македонските Бугари како малцинство… Бугарите во Северна Македонија треба да добијат статус на државотворен народ…“.

После ова: Моментално Османи да си даде оствавка, милум или силум. Можно е со Бугарите да се оркестрираат исти мелодии, за распад на македонската држава.

Оставка и за Груби кој од политичката говорница во Албанија, повика и побара „единство на Албанците од регионот…“, а, како „наш“ прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците (која фарса од институција е специјално измислена), никогаш (!) од македонска говорница не повикал за единство во државата, каде што живее и се топори.

А, овој, нашиов, намесникот на поранешниот намесник… дури од Грција, само си вика: „Сакаме да станеме дел од ЕУ…“. А бре, господине, свести се и реагирај дома, зашто државата ни бега пред лафот твој. Престани да се жалиш по туѓи држави од домашна „пропаганда од страна на поединци, од страна на групи…“. Ние ја сакаме Македонија! Таа е наше единствено, преостанато парче, од татковината… И, не му верувај на Мицос М. кога ти „нагласи дека пописот е спроведен врз основа на најдобри европски пракси, вклучувајќи и експерти од ЕУ“. Верувај им на многуте како мене.

Нека се освести и опозицијата ако не мисли да дојде на власт, кога седелото во државава ќе се откачи од дрвото, поради преоптовареност од кукавички јајца.

Поврзани содржини