ВО ЗОНАТА НА САМРАКОТ НА ТОКАРЧУК Што ако навистина изедете зимница од печурки?
Во расказите на Токарчук речиси сѐ е можно, сѐ е достижно, отсуствува само смислата на постоењето. Токму потрагата по неа и потребата да се состават сите камчиња во мозаикот на реалноста го оставаат читателот соочен со повеќе прашања. Навистина примамливо четиво за љубителите на фантастиката и на чудовишните појави.
Сигурно сте се запрашале некогаш што ако се најдете во зоната на самракот, што ако токму вам ви се случи најнеобична случка или низа ситуации кои ќе ве доведат до апсурд за кој ни самите не ќе можете себеси да си објасните како сте се нашле во него.
Ете токму за такви ситуации пишува полската писателка, нобеловката Олга Токарчук (1962) во својата книга „Бизарни раскази“ (2018) објавена од издаваштвото „Антолог“ (2022) во превод од полски на професорката д-р Лидија Танушевска. Токарчук е писателка која покрај во актуелните општествени случувања, ја наоѓа својата инспирација во психологијата, филозофијата и во мистичните науки.
Некои раскази се инспирирани од локални митови и легенди, а некои раскажуваат за сосема можни и реални случки кои на крајот по игра на судбината, завршиле бизарно. Како на пример, мрзливиот 50-годишен син кој живеел врз грбот на неговата стара мајка, па дури и откако починала не сакал да почне да заработува за себе, туку се одржувал во живот со изобилството зимница која ја оставила таа, сѐ додека не ја досегнал теглата со печурките…
Расказот „Гости“ прикажува луѓе кои како да се претвориле во роботи извршувајќи ги своите монотони секојдневни обврски, па навечер имаат потреба да се „исклучат“ за да се одморат. Овој расказ ги допира темите за сурогат мајчинство и за семејства составени од членови од ист род.
Расказот „Календарот на човечките празници“ мошне реалистично ја допира темата за вечниот живот. Преку ликот на масерот Илон кој го одржува во живот 300-годишниот Монодикос, што го правел и неговиот татко, а тој би сакал да го наследи и неговата ќерка Ореста. Монодикос е модерен Исус, лик кој имал улога на спасител на човештвото кое било пред изумирање поради затрупаност на планетата со пластика, војна, „кога светот заминувал во небиднина“. Тој се појавил и дозволил да го фатат, им се предал на луѓето и оттогаш целото зло на светот запрело. Затоа неговото тело се одржувало со секојдневни масажи, сѐ додека еден ден неговото тело не исчезнало…
Десетте раскази на Токарчук навистина изобилуваат со фантастични сцени и со бизарни настани, кои го внесуваат читателот во некои други димензии на постоењето блиски до животот познат од легендите и од митовите, но и до можните предвидувања за животот во далечната иднина. Во овие раскази речиси сѐ е можно, сѐ е достижно, отсуствува само смислата на постоењето. Токму потрагата по неа и потребата да се состават сите камчиња во мозаикот на реалноста го оставаат читателот соочен со повеќе прашања. Навистина примамливо четиво за љубителите на фантастиката и на чудовишните појави.