МАКЕДОНСКО СЕМЕЈСТВО СО БЕБЕ СТАРО САМО 5 ДЕНА Е ЗАГЛАВЕНО ВО УКРАИНА Османи крои план за евакуација

Има едно семејство во Харков со бебе старо само 5 дена и во постојана комуникација сме со нив. Се прават сите напори за нивна безбедна евакуација, воспоставивме комуникација со многу држави кои имаат пристап до тој град, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи.

386

Македонско семејство со бебе старо само 5 дена е заглавено во украинскиот град Харков, а македонското Министерство за надворешни работи (МНР) прави напори за нивна безбедна евакуација и доаѓање во Македонија.

Ова го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со новинарите.






– Има едно семејство во Харков со бебе старо само 5 дена и во постојана комуникација сме со нив. Се прават сите напори за нивна безбедна евакуација, воспоставивме комуникација со многу држави кои имаат пристап до тој град. Очекуваме денеска да го извлечеме тоа семејство преку Украина. Тој град е најпогоден во последните неколку дена, и навистина оди тешко, но го бараме најбезбедниот начин за да се вратат во нашата земја – рече Османи.

Од вкупно 100 мапирани граѓани во Украина, 50 се веќе извлечени и уште толку треба да се евакуираат. Од овие 50 останати не се сите наши државјани, и се очекува денеска поголем дел од нив да ги евакуираме, информираше министерот.

Од тие 50, како што информира тој, 20 се во Киев, 20-ина се во други градови низ Украина.

– Продолжуваме со активностите. Околностите се менуваат континуирано на терен. Нашите очекувања се дека ќе се влошат околностите уште повеќе, меѓутоа мораме во такви околности да најдеме начини да ги евакуираме нашите граѓани и тоа е наш прв и најважен приоритет секој од нив да го извлечеме, меѓутоа безбедно – рече Османи.

Поврзани содржини