ПОСЛЕДНИОТ СКАНДАЛ НА ФИЛИПЧЕ (1) Ефхаристо киријас Венко, на заминување им исплати на Грците 2,5 милиони евра!

Од 3 декември 2021 до 17 јануари 2022 година, непосредно пред да си замине од функцијата министер за здравство, Венко Филипче префрлил повеќе од 2,5 милиони евра на контото на компанијата „Интраком констракшн – Интракат Грција“, која со години го „гради“ Клиничкиот центар во Штип, инвестицијата што беше најавувана како гордост на владата на Зоран Заев. Грчката компанија им должи 2,5 милиони евра на „Бетон Штип“ и на 600 други македонски фирми за досега завршените работи и испорачаните материјали. Но, овие пари не се за нив...

10,778

Што правеа Зоран Заев и министрите во неговата влада во декември и во првите денови на јануари, кога веќе беше познато дека кабинетот си заминува и доаѓа новата екипа на новиот премиер Димитар Ковачевски? Ги средуваа луѓето впечатоците од бурните настани, си славеа Нова година и Божиќ, по малку одмораа и се подготвуваа за свечено примопредавање на функциите. Тешко е за верување дека токму во тие денови некој нешто сериозно работел и сработил.

Освен вредниот министер за здравство Венко Филипче. Тој морал да заврши една важна, заостаната работа. Штом морал да ја заврши токму во тие денови, нешто му горело под нозете.






Дали е ова кривично дело?

И така, од 3 декември 2021 до 17 јануари 2022 година, непосредно пред да си замине од функцијата министер за здравство, Филипче префрлил повеќе од 2,5 милиони евра на контото на компанијата „Интраком констракшн – Интракат Грција“, која со години го „гради“ Клиничкиот центар во Штип, инвестицијата што беше најавувана како гордост на владата на Зоран Заев. Интересно е ден после изборот на новата влада и само два дена пред формално да ја предаде министерската фотелја, значи на 17 јануари 2022 година, Филипче префрлил 56 милиони денари на контото на „Интракат“. Претходно, на 3 и на 7 декември 2021 година, Министерството за здравство на грчката фирма ѝ исплатило 100,4 милиони денари.

Чуму била бркотницата? Зошто Филипче на само два дена пред да се прости од министерската фотелја, во која не се прослави, морал на Грците да им изброи повеќе од 900.000 евра? За што била неопходна таа итна трансакција? За свеченото отворање на болницата, од која нема ни трага ни глас? Дали оваа трансакција е извршена законски?

Експерти што ги консултираше Плусинфо тврдат дека со овие исплати е прекршен законот и дека Венко Филипче го заокружил својот министерски мандат со кривично дело. На што се крепи ова сериозно обвинување на сметка на поранешниот министер?

На фактот што од пред две години се води судски спор меѓу компанијата „Бетон Штип“, како подизведувач на работите во проектот „Клиничка болница Штип“ и „Интракат“. Во тој спор „Бетон Штип“ побарува 2,5 милиони евра од „Интракат“, врз основа на ненаплатени времени ситуации за извршени градежни работи и фактури за испорачани градежни материјали. До завршувањето на спорот, со посебна одлука, Судот решил да ја блокира сметката на „Интракат“ за наведената сума. Филипче формално приговарал на таа одлука, но Судот го одбил приговорот, бидејќи работите биле јасни ко бел ден – завршени работи, ненаплатени фактури, докази цел куп.

Сепак, 15 месеци по судската одлука за блокада на сметката на „Интракат“, Судот ќе се премисли и ќе ја деблокира сметката на грчката компанија. Претседателот на Основниот граѓански суд Скопје на 4 ноември 2021 година ќе донесе решение (ППНИ-673/21), со кое се одлага извршувањето против „Интракат“ на период од 90 дена. Упатените велат дека ова е сторено по ургенција на тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ. Министерот Венко Филипче не чека да му се каже два пати – на 3 и на 7 декември 2021 година одеднаш на грчката компанија ѝ плаќа 100,4 милиони денари.

Филипче имал право да го одврзе ќесето?!

Извор од поранешната влада, со кој Плусинфо разговараше неофицијално, тврди дека во исплатите нема ништо спорно. Министерството за здравство и „Интракат“ имаат активен договор меѓу себе и Филипче имал законска можност да ги сервисира обврските на државата кон грчкиот партнер, доколку сметал дека тоа е потребно. Настрана од дилемата како тоа станало потребно баш во последните денови на владата на Заев, останува и впечатокот дека договорот меѓу Министерството и здравство и „Интракат“ е апсурден сам по себе, ако се знае дека претходно Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) го раскинала договорот за финансирање на проектот, по вина на „Интракат“.

Како и да е, Филипче решил да го одврзе ќесето. За последен пат, да повториме, два дена пред да ја напушти министерската фотелја, честејќи ја грчката компанија со нови 56 милиони денари.

Се разбира, никој во Македонија нема да има никакво фајде од овие милиони уплатени на контото на грчката компанија. Нема напредок во изградбата на Клиничката болница во Штип, модерна здравствена установа што треба да опслужува регион во кој живеат 200.000 луѓе. Македонските компании на кои „Интракат“ им должи 2,5 милиони евра за досега извршените работи и за доставените градежни материјали нема да земат ни денар од овие уплати. Ќе ќарат веројатно неколку луѓе од Македонија, кои се занимаваат со проектот, а и некои надворешни лица, за кои постои основано сомневање дека ќе земат дел од парите што ги платил Филипче „на сиодвање“ (на пример, за скапи адвокатски услуги). Сите други пак ќе си останат со прстот в уста.

За да се разберат сите овие махинации, потребно е да се знае предисторијата на оваа приказна и секако, врските меѓу „Интракат“, „Бетон Штип“ и министерот Филипче.

(Во утрешното продолжение: Државата им плати на Грците, на македонските фирми драхми ќе им дадат!)

Поврзани содржини