НЕ СЕ ГРАДИ ДРЖАВА СО ЧЕКАЊЕ ОДЛУКИ ОД „КАЛЕТО“ Азески вели дека за успех треба секој поединец да го даде својот максимум

Претседателот на најстарото здружение на бизнисмени вели дека во изминатиот период се правени грешки во развојот на земјата поради неодлучноста.

421

Бранко Азески, претседател на стопанската комора во интервју за економскиот магазин „Економија и Бизнис“ направено по повод 100 годишнината од Стопанска комора говори за економските и политичките превирања и перспективи на земјава.

За Азески, како што вели не е во прашање опстанокот на државата, туку односот на граѓани кон тоа дали тие со својот ангажман ќе работат на нејзиниот развој или ќе чекаат на други.






– Сигурно ќе опстои. И веројатно тоа е главната причина за нашето заостанување во развојот и слабата активност бидејќи човек кој има алтернатива друг да му ги решава работите не пружа максимум во она што треба сам да го прави. Ако 90% од интелектуалците во една држава викаат дека работите ќе ги реши „калето“, тоа е тежок пораз на самиот себе, затоа што ти однапред си решил да не се трудиш – вели Азаски.

Претседателот на најстарото здружение на бизнисмени вели дека во изминатиот период се правени грешки во развојот на земјата поради неодлучноста.

– Да мислиш дека не си згрешил е состојба во која ти нема помош. И јас не можам со сигурност да кажам дали грешиме во моментот но, за пред 30 години со сигурност може да се каже дека згрешивме во нашата неодлучност до крај како ќе се поставиме спрема распаѓањето на СФРЈ и предолго тактизиравме со што ја изгубивме предноста да влијаеме на процесите. Сигурно згрешивме и со тоа што на почетокот на градењето на сопствената држава не го повикавме целокупниот македонски човечки капитал во светот да дојде и да се вклучи во градењето на сопствената држава која што ја создадовме после 100-тици години и со огромен број жртви. И трето, со сигурност може да се каже дека згрешивме што не изградивме заедничка платформа за функционирање на државата обременета со разноразни поделби. Што значи ги продолживме делбите а не направивме ништо за да се сплотиме околу неколку фундаментални принципи – вели Азески.

Според него, големи грешки се направени во оштествената надградба која треба да е сериозен коректив на власта.

– Македонија мора да се сврти од колективните кон поединечните спортови. Нашата структура на економијата која што треба да ги подржува тие проекти е слаба и неможе тоа да го издржи. Поединечните спортови со помали вложувања можат да доведат до повеќе ефекти. Примерот на Новак Ѓоковиќ го докажува тоа. Србија во фудбалот вложи милијарди а никогаш не доби ниту европска а камоли светска титула. Новак Ѓоковиќ со илјада пати помали вложувања на Србија и донесе голема афирмација – вели тој.

Ставот на Азески за културата е дека преку неа се градат општествените вредности, а тоа може да биде вредност која ќе ја додадеме на ЕУ.

– Еден мал народ, кој претендира да влезе во семејство од 30 члена како што е Европската Унија, тој може таму да испорача само култура, а сигурно не производи со подобар квалитет од европските. Нашата држава има илјада годишна културна традиција и искуство и тоа е она што треба да го презентираме и за што треба да се гордееме. Затоа треба и повисок процент во Буџетот од тој што е моментално, бидејќи културните вредности културните добра немаат паричен израз, тие може да се бесценети. Колку повеќе вложуваш во културата, толку повеќе се издигнуваш над другите – вели Азески.

Азески смета дека медиумите во земјава се под силно влијание на политиката, но треба да бидат независни.

-Цел живот другарувам со новинарите и морам да кажам дека меѓу нив има врвни  професионалци.Меѓутоа, медиумот како бизнис е заробеник на дневно политичките случувања, а со тоа и таквите професионалци го губат својот рејтинг. За мене е јасно дека тие мора да се силен коректив на власта, но, во моментов тоа не се. За нас се силен подржувач и не можам да се пожалам на соработката со нив – вели тој.

Ставот на Азески за невладиниот сектор е дека  тој наместо коректив стана активен чинител на поделената држава.

-За другото не сакам да коментирам. Сите знаеме што е тоа „другото“ – вели тој.

Азески во интервјуто зборува и за развојот на коморското здружување во земјава, како и за тоа што тој направил откако е избран за претседател на Стопанската комора и кои се неговите визии за иднината.

Интервјуто на Азески со наслов „Јас не ја сменив зградата, го сменив кадарот и така ја создадов комората на иднината“ во економскиот магазин „Економија и Бизнис“ излегува деновиве.

Поврзани содржини