Договорот сме го прифатиле, сега се тепаме да ја убедиме Софија
Ние треба сѐ да го проголтаме за само да добиеме датум за преговори, за после да можат во секој момент да нѐ блокираат за влез во ЕУ.
Да ги резимираме во кратки црти „рестартираните“ односи со Бугарија.
Ние праќаме нота до ОН и објаснуваме дека немаме територијални претензии.
Ние треба да отвориме и смениме Устав за Бугарите да влезат, но ако тоа ве мачи не се секирајте, оти тоа го барале и Хрватите и Црногорците.
Ние не смееме да споменуваме македонско малцинство и за тоа не смееме да дискутираме.
Нашиот претседател не смее да прими бугарски граѓани кои се самодекларираат како Македонци.
Тие смеат да финансираат бугарски партии во Македонија и здруженија кои лажно ќе декларираат малцинство од стотици илјади Бугари.
Ние треба да се откажеме од нашата историја и објективната историографија, а они ќе си ја ревидираат сопствената срамна историја.
Ние ќе чистиме и бришеме споменици на наши жртви за независност и антифашистичка борба, а они ќе положуваат цвеќе и на свои и на наши споменици.
Ние ќе прифатиме дека постоиме од 45-та и дека нашиот јазик е комунистички конструкт.
Тие ќе кажуваат што смееме да кажеме и да правиме, што е говор на омраза, што е наша историја, каков е нашиот јазик, култура и обичаи.
Ние треба сѐ ова да го проголтаме за само да добиеме датум за преговори, за после да можат во секој момент да нѐ блокираат за влез во ЕУ.
И овој процес го водат кај нас и припадници на други етнички заедници кои во минатото за своите права со оружје ја нападнаа државата, на кои не им е гајле за погледите на Македонците, а да беа загрозени и ставени под ревизија нивните идентитетски и јазични атрибути, посебности и историја, верувам ќе го дигнеа Балканот во воздух.
И сѐ ова се рекламира како дијалог, каде под тоа веројатно се подразбира Бугарија да диктира услови, а ние да ги прифаќаме.
Офуцаната пропаганда на властите е истата од овие 5 години која заработува или добива функции за поддршка на оваа не(државна) линија, која промовира беден пост-историцизам и секој што мисли поинаку го обвинува за хистеричен националист или квазипатриот.
На крај работите се јасни, 5+1 или 4+1 договорот од наша страна е прифатен, сега се тепаме да ја убедиме бугарската политика и општество.
(статус на Фејсбук на авторот)