МАКЕДОНЕЦОТ КОЈ СТАНА СЕНАТОР Рузвелт ги читаше неговите зборови пред да почине

Како и другите момчиња во тогашно Кономлади, а сегашно Макрохори, Христов, инаку роден Наумов сакал да стане комита. Но, по Илинденското востание, многумина разочарани заминувале во странство. Кога се качил на бродот „Океаник“ во Неапол, се претставил како „Џовани Чорбаџи“ за да има поголема шанса кога ќе стапне на американското тло. Тоа не го сменило фактот дека морал да работи како чевлар.

698

Годината е 1945-та, а американскиот претседател Франклин Рузвелт е пред умирање. На неговата ноќна масичка покрај креветот стои книгата на Македонецот Стојан Христов, кој подоцна ќе стане сенатор на Вермонт, а бил младо овчарче од костурското село Кономлади. А насловот на книгата „Ова е мојата татковина“ уште повеќе ги поврзува Македонија и Америка, но и широкиот дух на претседателот и нашиот Стојан. Книгата претседателот ја добил од сопругата Елеонор. Но, зарем била толку популарна?

Во книгата Стојан раскажува како на свои 13 години решил да замине на бродот „Океаник“ и со тешко срце да ја напушти Македонија. Да биде Македонец во Америка, да проба да се вклопи во новиот свет, да ја засака новата слобода на новото време, да докаже дека во САД сите добредојдени … и тоа е она што книгата ја направило популарна.






„Во животот имав две мајки, Македонија, која ме роди и Америка, која ме посвои“, вели тој во една прилика, опишувајќи како во него тлеела борбата меѓу старото и новото, меѓу она што е и она што од него се очекува да биде во Америка.

Насловната страна на книгата „Ова е мојата татковина“

Стојан станува јавна личност, можеби најпознатиот македонски доселеник, а во 1953 се сретнува со Тито во Белград и дури го критикува заради тоа што тој, Маршалот, не им дозволува слободно да говорат на своите политички неистомисленици. Година претходно Стојан бил воодушевен кога стигнал во Скопје, во слободна Македонија. За македонскиот идентитет и борба, за ВМРО и ВМОРО, за пропагандите, тој известувал како новинар уште во 30-тите. Тој дури направил интервјуа со озглогласениот Владо Черноземски, со Иван Михајлов, дури и со бугарскиот цар Борис Трети.

Неговата книга „Херои и убијци“ детално ја опишува Македонија по Првата светска војна. Но, сега таа книга ја читале илјадници луѓе во Америка. Уживал голема слава, но никогаш не го видел пак своето село Кономлади. Во 1928 година кога патувал низ Грција од страв да не го регрутираат во грчката војска тој го одминал селото.

Што сум јас, Македонец или Американец?

Како и другите момчиња во тогашно Кономлади, а сегашно Макрохори, Христов, инаку роден Наумов сакал да стане комита. Но, по Илинденското востание, многумина разочарани заминувале во странство. Кога се качил на бродот „Океаник“ во Неапол, се претставил како „Џовани Чорбаџи“ за да има поголема шанса кога ќе стапне на американското тло. Тоа не го сменило фактот дека морал да работи како чевлар. Но, во умот размислувал за големи нешта. Дури подоцна, во триесеттите години тој како новинар, веќе преселен во Чикаго почнал да пишува за големите весници.

Во 1929 година, во една статија во The Outlook и Independent се отворил себеси пред светот:

„Каков резултат има оваа долга бременост во утробата на Америка? И покрај подготвеноста и ревноста со која се фрлив во садот за топење, сè уште не сум целосно Американец и никогаш нема да бидам. Не е моја вина. Направив сè што можев. Америка нема да ме прифати. Америка сакаше повеќе, сакаше целосна трансформација внатре и надвор. Тоа е невозможно во една генерација. Тогаш каква е мојата судбина? Што сум јас? Дали сум сè уште она што бев пред да дојдам во Америка или сум половина Американец, а половина нешто друго? За мене, токму таму лежи нашата трагедија. Не сум ниту едното ниту другото, јас сум сирак. Духовно, физички, лингвистички не сум бил целосно припитомен“.

моментот кога Стојан ја видел Статуата на слободата, илустриран во книгата

Беше сенатор на Вермонт, го одбрани Уставот

Во 1939 година, Стојан се оженил со Маргарет Вутерс, млада писателка од Филаделфија. Тие се запознале седум години порано додека тој работел на својата прва книга „Херои и убијци. Тогаш тој се преселил во Вермонт за да се посвети на пишувањето. Македонските корени повторно го прогонувале. После две децении успех како писател, решил да се кандидира за сенатор на градот.

Каков подобар начин да се преиспита статусот на Македонците во тогашна Америка и што значи да бидеш „граѓанин“, а што „натурализиран граѓанин“? Стојан решил својата идеја дека секој може да биде Американец без разлика што е од друга земја да ја соопшти на светот. Во 1963 станал сенатор, а во своите 9 години власт успеал да го одбрани Уставот на Вермонт во кој требало да се смени делот за мигрантите и „природните граѓани“.

– Господине претседателе! Идејата дека Уставот на нашата држава има потреба од редефинирање на некои од неговите најсвети дефиниции е бесмислена. Што не е во ред со начинот на кој е сега? Дали сакате Уставот да дискриминира? Нашиот устав зборува за природни и натурализирани граѓани – дистинкција без дискриминација. Овие услови ни даваат право на сите да се чувствуваме подеднакво Американци! – се обратил тогаш Стојан во Сенатот.

Америка има место и за оние кои не се Американци

По бидувањето сенатор Христов му се вратил на пишувањето. Неговите книги биле преведени и на македонски, а станал почесен член на Друштвото на Писателите на Македонија. Неговата најпозната и последна книга е „Орелот и штркот“, објавена во 1976 година. Умира во 1995 година, како почесен доктор на науки на универзитетот Кирил и Методиј во Скопје, признание кое го добил во 1985 година, при своја посета во Југославија.

Христов ја наоѓа својата утеха и теза во фактот дека американскиот идентитет дозволува мешање на други идентитети во она што се нарекува „Американски сон“ кој тогаш го живееле мигрантите. Можеби тоа е одразен во неговата позната реченица:

„Америка има место за луѓето кои не се Американци и кои имаат корен од негде другаде. Тоа е генијално во оваа земја“.

Поврзани содржини