АРСОВСКА НАЈАВИ РАЗВОЈНИ КОМПОНЕНТИ Од загубар „Градски паркинг“ ќе биде профитабилно претпријатие
Би додал и дека претпријатието го начекувам со вкупен долг кон Град Скопје за неплатена комунална такса од околу 33 милиони денари, такса којашто се собирала во изминативе неколку години, рече директорот на „Градски паркинг“, Бојан Христовски.
На денешната седница на Советот на Град Скопје, градоначалничката Данела Арсовска се осврна на обвинувањата од советничката група на СДСМ во врска со субвенциите за работењето на ЈП „Градски паркинг“ и истакна дека развојната компонента е во тоа што годинава за ова јавно претпријатие ќе бидат дадени значително помалку финансиски средства, за разлика од претходната градска власт.
– Многу ми е жал што госпоѓата што е директно инволвирана во сите неуспеси што ги гледаме во овој момент во јавните претпријатија, сега си наоѓа за сходно да излегува и да политизира нешто. Развојни компоненти, госпоѓа Јанчева ќе има, ние сме тука два месеци, треба да ги затвориме сите дупки, несовесни и незаконски работења, коишто Вие сте ги креирале заедно со вашите коалициски партнери, заедно со директорите, коишто биле ваши назначени директори. Затоа малку внимавајте и на однесувањето и на вокабуларот што го користите, затоа што ако почнеме така да се однесуваме, верувајте имате многу повеќе што да добиете за возврат – истакна Арсовска на денешната седница.
Арсовска потенцираше дека развојната компонента е во тоа што годинава ќе бидат дадени значително помалку средства за субвенционирање, за разлика од претходната градска власт.
– Ова е една развојна компонента, втората развојна компонента е консолидирање на еден загубар, за претпријатие што не треба да генерира загуби. Значи, ова претпријатие, со самото тоа што ќе биде профитабилно претпријатие, а нема да биде загубар, состојба во којашто вие сте го довеле со несовесно работење на вашите директори, сметам дека ќе има развој, а понатаму ќе имаме можност во следните четири или како што вие рековте, па можеби и засекогаш, да покажеме што и како знаеме – истакна Арсовска.
На истата седница вршителот на должноста директор на ЈП „Градски паркинг“, Бојан Христовски, ја образложи потребата од доделување субвенции на ова јавно претпријатие за надминување на потешкотиите во работењето.
– Станува збор за редовна пракса за давање субвенции за потешкотиите во работењето на „Градски паркинг“. Ова е досега најмал износ на субвенции кои ги дал Град Скопје за ова јавно претпријатие. Во 2018 година се доделени 15 милиони денари субвенции, во 2019 година, исто така, се доделени 15 милиони денари, во 2020 година се доделени 7,5 милиони денари, или вкупно во овие неколку години 37,5 милиони денари субвенции. Во пракса, овие субвенции во претпријатието се искористени за плаќање комунална такса кон Град Скопје, односно од примените средства за 2018 до 2020 година се платени околу 41 милион денари за комунална такса кон Град Скопје. Јас увидов дека претпријатието има повеќе проблеми, индиции за несовесно и незаконско работење. Има индиции за недостиг на средства – ненаплаќање на паркинг услугите од поединци со што претпријатието веруваме дека има губено големи средства, поради што во идниот период ќе работиме на детектирање и докажување на тие потенцијални неправилности – рече Христовски, од говорницата.
Тој изрази надеж дека во наредните години ова јавно претпријатие ќе нема потреба од субвенции.
– Би додал и дека претпријатието го начекувам со вкупен долг кон Град Скопје за неплатена комунална такса од околу 33 милиони денари, такса којашто се собирала во изминативе неколку години. Претпријатието е со сегашна состојба од околу 26,5 милиони денари, но сепак, долгот кон Град Скопје е 33 милиони денари – појасни Христовски.