СПИЈТЕ МИРНО, НЕМА ДА НИ ГО ЗЕМАТ БАНСКО Борисов со иронични изјави за средбата Петков-Ковачевски
Спијте мирно, нема да ни го земат Банско. Кон што да имате претензии? Сите сакаме да бидеме во ЕУ – први ве признавме, први ве поддржавме за НАТО. Да се каже дека историјата не е важна е да умреш како овца без историја, изјавил Бојко Борисов.
„Ноќва за првпат спиев мирно, бидејќи вчера сфатив дека братскиот народ на Северна Македонија нема да ја нападне Бугарија со донираните тенкови и нема да има територијални претензии. Спијте мирно, нема да ни го земат Банско. Кон што да имате претензии? Сите сакаме да бидеме во ЕУ – први ве признавме, први ве поддржавме за НАТО. Да се каже дека историјата не е важна е да умреш како овца без историја“.
Со ваква иронична изјава поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов ја коментираше вчерашната посета на неговиот колега Кирил Петков во Македонија, а која според Петков била голем успех бидејќи нашата земја конечно доставила дипломатска нота во која изјавува дека нема какви било претензии кон источниот сосед, пренесува БГНЕС.
Борисов исто така го критикуваше Петков дека е првиот бугарски државник што отишол во Скопје и не положил цвеќе на споменикот на Гоце Делчев. Тој сакаше да дознае и дали вчера станало збор за македонското малцинство во Бугарија.
– Нашиот Устав јасно кажува дека сите бугарски граѓани се еднакви – рече Борисов.
Некогашниот бугарски премиер додаде и дека влегувајќи во стапицата на фашизмот, Бугарија се откажува од подвигот на бугарскиот народ да му се спротивстави на Хитлер за спасените над 50 илјади бугарски Евреи.