НА ДЕНЕШЕН ДЕН ИСУС БИЛ ПОКРСТЕН ВО РЕКАТА ЈОРДАН Православните го чествуваат празникот Водици
Денеска традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година. Овој ритуал го симболизира влегувањето на Христос во реката Јордан.
Крштевањето е една од неколкуте свети тајни на христијанство, а денеска на 19 јануари, православните христијани го слават Богојавление, или Водици, денот кога Јован Крстител му го дал името на Исус во водите на реката Јордан.
Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова година и Василица.
Во песната „Или тотнет, ил се земја тресет“ од западна Македонија, објавена во зборниците на Јастребов и Икономов, во силна борба Свети Јован го добил кумството и побратимството:
Свети Петар — клучи од рајове,
Свет‘ Илија — силни секавици,
Свети Јован — кумство, побратимство,
Неделица — празник да празнуват
Фрлањето на крстот е моментот кога Исус влегува во водата
Денеска традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода – река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.
Овој ритуал го симболизира влегувањето на Христос во реката Јордан.

Машки и женски Водици
Водици се празнува два дена. Првиот ден 19 јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20 јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици. Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пејана (светена) вода. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.
Водата ги чисти гревовите на човештвото
Во библиската Палестина, на реката Јордан, се слушал гласот на пророкот Св. Јован Крстител, кој ги повикувал луѓето да се покајат за своите гревови и да примат крштение. Ги крштевал луѓето од Ерусалим и од цела Јудеја. И Господ Исус Христос дошол при Јована на јорданските води. Тој ја познал величината на Христовата божествена природа и затоа рекол:
„Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“.

Дажбог и древните верувања
Богојавление бил празник на претхристијанскиот бог-давател Дажбог, или Дајбог, кој ги исполнувал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено, според верувањето, ноќта спроти празникот точно на полноќ, на глуво доба, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите.
Според едно предание од Охрид што го забележал Кузман Шапкарев некој човек што овој миг го гледал низ прозорецот сакајќи да има еден осмак пари по грешка рекол: „Дај ми Господи, еден осмак глава“.
„И за чудо на часот главата му пораснала колку еден осмак, та не можел да си ја тргнит назат од пенџерата и му останала надвор од пенџерата, а тој како закоан на неа“. Тој час како што се верува и водите престанувале да течат за миг и биле многу лековити. Од таа вода да се налеело можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налеела во тој миг водата можела таква да се направи откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го изведува свештеникот“, вели преданието.
Имендени на овој ден
Дел од имињата кои се празнуваат денеска се: Богдан (значи даден од Бога), Богдана, Бојан, Богомил (значи мил на Бога), Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Јован, Јованка, Јовица.