СИНОДОТ НА МПЦ-ОА КОНТРА ВЛАДИКАТА ПЕТАР Сè уште немаме изградено став за преговорите со СПЦ

Изјави за медиуми може да дава секој што ќе посака, но тоа е негово лично мислење и не е официјален став на Синодот, истакна портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, алудирајќи на вчерашната изјава на митрополитот г. Петар дека Македонската црква ќе ги прекине преговорите со Српската православна црква (СПЦ) ако не се озвозможи заедничко богослужење.

2,452

Митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), г. Тимотеј, целосно ги демантира тврдењата на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар дека преговорите со Српската православна црква (СПЦ) ќе останат замрзнати дури и доколку српската страна покаже и започне иницијатива за решавање на долгогодишниот црковен проблем.

Синодот на Македонската православна црква нема изградено став по ова прашање, бидејќи сè уште чекаме одговор од СПЦ на писмото испратено од наша страна пред неколку години.

Владика Тимотеј Портпарол на Синодот на МПЦ-ОА





Тој во краток разговор за Плусинфо рече дека Синодот засега нема изградено став по ова прашање, а како што додаде, секој може да си дава изјави за медиуми, но тие изјави не се официјален став на Синодот, алудирајќи на вчерашната изјава на владиката Петар за Плусинфо.

– Синодот на Македонската православна црква нема изградено став по ова прашање, бидејќи сè уште чекаме одговор од СПЦ на писмото испратено од наша страна пред неколку години. А изјави за медиуми може да дава секој што ќе посака, но тоа е негово лично мислење и не е официјален став на Синодот – ни изјави г. Тимотеј.

Инаку, на двете последователни позитивни пораки што ги испратија српскиот патријарх Порфириј и митрополитот бачки г. Иринеј, дека преговорите помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА наскоро би можеле повторно да се активираат, владиката Петар, кој исто така е член на Синодот, одговори на еден начин што може да се протолкува како уцена: Или ќе прифатите заеднички богослужби, или преговори нема да има!

– Ако сакаат да го решиме прашањето, тогаш тоа може да го сториме само доколку прифатат заеднички богослужби. Тоа можеме ние да го понудиме и сметам дека нашиот Синод нема да одбие заедничко сослужување со владиците и со свештениците од СПЦ и со која било друга помесна православна црква, но не и со Православната охридска архиепископија (ПОА). Тука треба да се почне, а потоа ќе видат и ќе се уверат дека нашата црква ги исполнува сите услови за добивање автокефалност – изјави г. Петар.

Ваквата негова изјава наиде на негодување кај дел од познавачите на црковната политика, кои во разговор за Плусинфо објаснуваат дека невозможно и неприфатливо е една канонска црква да сослужува со друга црква која се наоѓа во раскол.

– Условот што го поставува владиката Петар е всушност чин на признавање на МПЦ-ОА, односно за нејзино вклучување во сеправославното единство. Ниту некогаш било, ниту некогаш ќе биде една православна црква да сослужува со друга православна црква која се наоѓа во раскол. Токму тука лежи целиот проблем, а договорот што ќе го постигнат СПЦ и МПЦ-ОА ќе го реши тој проблем – коментираат нашите соговорници.

Уште една контрадикторност аналитичарите гледаат и во тоа што митрополитот Петар вчера јасно посочи дека Цариградската патријаршија е мајка-црква на МПЦ-ОА.

Контрадикторноста лежи во тоа што пред нецела година, во февруари 2021 година, по назначувањето на Порфириј за српски патријарх, владиката Петар рече: „Од новиот патријарх на СПЦ очекуваме решавање на статусот на МПЦ-ОА“.

Поврзани содржини