НЕ МУ ВЕРУВАМ НА ОСМАНИ, ПРЕГОВАРА СО БУГАРИЈА ПО СЕКОЈА ЦЕНА Димитров се жали дека некој сака да го избрка од земјава
Кога го одбив Вашингтон, попат добив и друга понуда, да бидам амбасадор можеби во друга земја. Па, дури можеби и да изберам. Сфатив дека очигледно нечиј влог за да не бидам дома, а со тоа и да ослабат гласовите кои се на линијата во преговорите за коишто јас се борам е голем, истакна вицепремиерот Никола Димитров.
Немам целосна доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи кога станува збор за преговорите со Бугарија, истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и посочи дека напорите на Османи да успее во преговарачкиот процес не само што се погрешни, туку и опасни.
– Немам целосна доверба во министерост за надворешни работи Бујар Османи. Имам впечаток дека таму има еден драјв за успех по секоја цена, што мислам дека не е продуктивен и е опасен. Се надевам дека грешам, но моја граѓанска должност, како човек кој со години работи на оваа кауза, е да бидам буден и да го следам процесот – рече Димитров.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања вели дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија.
Димитров нагласува дека нечиј интерес и во земјата и надвор од неа е тој да не биде дел од владата, но и да не биде дома, поради што, како што истакна, добил понуда за амбасадорско место што го одбил.
– Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи – рече Димитров на денешната прес-конференција.
Како што нагласи, во два наврати кога таа битка кулминирала за што јавноста не знае – еднаш во Брисел, еднаш во Скопје, јасно кажал дека нема да дозволи поставените граници да се поминат по каква била цена, а најмалку по цена на неговата позиција во Владата, потенцирајќи дека со тоа дал до знаење дека со него внатре за некои работи едноставно нема разговор.
– Јас бев и целосно сум подготвен оваа битка да ја терам и понатаму без разлика на позицијата или функцијата. Во мојата кариера во оваа работа сум сретнал многу влијателни луѓе кои немаа функција, а сум сретнал и такви кои се на позиција ама немаат тежина, што вели нашиот народ „не им врви зборот“. Мојот збор ве уверувам дека врви и натаму ама за тоа да биде така јас треба да сум дома, да сум тука, да сум активен, да сум гласен и да имам слобода да се борам за моите позиции и мојата визија – рече вицепремиерот Димитров.
Тој нагласува дека затоа заедно со фактот што за неговите позиции немало простор во идната влада, не го изненадила и понудата да биде амбасадор во Вашингтон.
– Кога го одбив Вашингтон, попат добив и друга понуда, да бидам амбасадор можеби во друга земја. Па, дури можеби и да изберам. Сфатив дека очигледно нечиј влог за да не бидам дома, а со тоа и да ослабат гласовите кои се на линијата во преговорите за коишто јас се борам е голем. Интересот да ме нема инаку не е само домашен. Знаете дека многумина кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат од, како што ме нарекоа, вирус поопасен од ковид. Но, како што кажав и тогаш против вирусот на идеалите и принципите нема вакцина и токму овој обид да го нема мојот глас дома го прави мојот влог, мојот мотив да останам уште повеќе – рече Димитров.
Вицепремиерот вети дека будно ќе го следи процесот на преговори и целосно ќе се бори против лошо решение, а ќе поддржи достоинствено и европско решение.
– Јас така функционирам, за нештата што ви се важни и во личниот живот и во политиката нема попуштање. Ова прашање е мојата лична животна мисија. Апсолутна почит за македонскиот јазик како еднаков на сите европски јазици и европска интеграција потпрена на вистински европски столбови и критериумите – на Копенхашките критериуми – рече вицепремиерот.