АКО БОСНА СЕ РАСПАДНЕ, НЀ ОЧЕКУВААТ ТРИ ВАРВАРСКИ ДРЖАВИ Жижек пишува за лудилото на трибализмот
Тоа нема да бидат „нормални“ држави кои гарантираат еднаквост на сите нивни граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност. Наместо тоа, тие ќе бидат водени од принципите на племенските заедници, кои се карактеризираат со специфичен начин на живот и кои се одржуваат преку исклучување на другите начини на живот, смета познатиот словенечки и светски филозоф.
Во својот текст „Лудилото на новата трибализација“, објавен во весникот „Ди Велт“, словенечкиот и светски филозоф Славој Жижек ја анализира ситуацијата во Босна и Херцеговина и ја става во поширок, глобален контекст, пренесува Дојче Веле.
Жижек потсетува дека сегашната тензија која ја предизвикува Милорад Додик со неговите потези, кои тој ги оправдува со намера да ѝ го врати, но и да го зајакне суверенитетот на Република Српска во однос на обединетата и заедничка држава Босна и Херцеговина, не потекнуваат баш од празен воздух.
„Босанските Срби не се сами во ова – нивниот сецесионизам е дел од пошироката иницијатива чија цел е да го доведе процесот на распаѓање на Југославија до неговиот логичен крај“, напишал Жижек.
Постои еден особено важен и интересен т.н. нонпејпер кој се појави оваа година, а чиј автор е непознат. Нонпејперот предлага нови граници во БиХ со цел формирање на голема Србија, голема Хрватска и обединување на Косово со Албанија. Малата босанска држава која ќе остане тогаш лесно може да се претвори во „муслиманско-фундаменталистички остров“.
„Она што е особено збунувачки за овој нонпејпер е фактот што тој одговара на скриената желба на многу луѓе не само на Балканот, туку и во цела Европа“, пишува Жижек.
За да се разбере босанската криза, потребно е да се погледне во глобална димензија, убеден е Жижек.
„Она што се случува во Босна има подлабоки корени од тенденцијата за враќање во силна национална држава како реакција на ќорсокакот на глобализацијата. Повеќе се работи за спротивното: тоа е пример за постепено исчезнување на модерната национална држава. Ако Босна се распадне, тоа нема да резултира со три национални држави, туку со нешто многу полошо. Тоа нема да бидат „нормални“ држави кои гарантираат еднаквост на сите нивни граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност. Наместо тоа, тие ќе бидат водени од принципите на племенските заедници, кои се карактеризираат со специфичен начин на живот и кои се одржуваат преку исклучување на другите начини на живот“.
Жижек истакнува дека овие тенденции можат да се забележат дури и во Шведска, која долго време е позната како земја со високо развиено чувство за живот во заедницата. Таму свое место имаа и бројни мигранти доколку сакаа доволно да се интегрираат. Но, во последно време сè повидливи се пукнатините во тој мит за единствено општество. Во Хјалбо, предградие на Гутеборг, каде што луѓето од мигрантско потекло живеат во гета, бандите кои не бегаат од употребата на насилство и отворено се спротивставуваат на државниот поредок, всушност, ја презедоа власта.
„Ако продолжи процесот на гетоизација, ќе се појават голем број на племенски заедници“, предупредува Жижек.
Оваа иднина е реална и за Босна и Херцеговина, смета словенечкиот филозоф.
„Ако Босна се распадне – па дури и мирно, преку преговори – земјата ќе биде „халбонизирана“. Со векови, Босна е место на кревка коегзистенција на три религии кои нераскинливо се мешаат една со друга. Нејзиното распаѓање ќе претставува постојана закана да се повтори она што веќе доведе до Првата светска војна во 1914 година. Затоа денешна Босна нè става пред избор кој важи за целиот глобализиран свет: или мирен соживот и заедничка борба против големите опасности што ни се закануваат или лудилото на новата племенизација“, заклучува словенечкиот филозоф во својот текст.