АКО ВОЗОТ ЗА БИТОЛА БЕШЕ АВИОН, ЌЕ СЛЕТАШЕ ВО ПЧЕНКА Никој во Македонија не ги контролира пругите

Работниците привремено ја санирале штетата со заварувањето на новата шина, но тоа не е соодветно решено. Во овој момент нашите машиновозачи се информирани дека во овој дел мораат да возат со брзина не поголема од 20 километри на час, ни откриваат нашите извори.

2,632

Пред два дена случаен минувач во близина кај тунелот во село Ореше забележал пукнатина на шината каде што требало да мине возот кој во утринските часови од Скопје тргнал за Битола, сепак неговата навремена реакција и пријава до Заеднички служби за оправка на пруги (ЗОП) спречило да дојде до поголема трагедија.

Според информациите кои ги добивме од високи функционери од Македонски железници(МЖ), доколку минувачот не го забележал проблемот со шината или подоцна пријавил, можело да дојде до катастрофална несреќа.






– Во возот кој се движел на редовна линија од Скопје кон Битола имало 27 патници од кои 12 биле до Битола. Некаде кај Велес машиновозачот добил информација дека има пукнатина на пругата кај село Ораше, но продолжил со возење, сепак на железничката станица кај Богомила возот бил запрен и речиси три часа стоел во место додека не бил саниран дефектот на пругата – велат нашите извори.

Оттаму посочуваат дека за надлежни за одржување на пругите во нашата земја се од ЈП ЖРСМ Инфраструктура, а времетрањето на отстранување се пролонгирало поради тоа што ова јавно претпријатие немало на располагање возило кое ќе донесе нова шина, па поради тоа бил употребен трактор кој ја донел шината.

– Работниците привремено ја санирале штетата со заварувањето на новата шина, но тоа не е соодветно решено. Во овој момент нашите машиновозачи се информирани дека во овој дел мораат да возат со брзина не поголема од 20 километри на час – ни откриваат нашите извори.

Според информациите кои ги добивме, веќе подолго време во нашата земја недостигаат чувари на пругите кои во минатото секојдневно проверувале дали шините се во ред, дали некои од праговите се оштетени, дали фалат на некои места клинови за зацврстување на шините, а овие лица биле вработени во ЈП ЖРСМ Инфраструктура. Па поради тоа се поставува прашањето колку нашиот железнички превоз е безбеден, затоа што железничката инфраструктура кај нас е оставена на милост и немилост.

Исто така ЈП ЖРСМ Инфраструктура било побарано во Богомила да испратат возила (комбиња, автобуси) да ги преземат патниците и да ги однесат до нивната дестинацијата, поради тоа што овој дефект е под нивна надлежност, сепак тие не одговориле на барањата, па затоа патниците биле оставени да чекаат во Богомила речиси три часа. Инаку, истото важи и за МЖ Транспорт, доколку настане проблем со возот, поточно се случи дефект, а притоа возот не може да продолжи, ова јавно претпријатие е задолжено да обезбеди превоз за патниците во возот и да бидат однесени до нивната дестинација.

Се обидовме да стапиме во контакт со ЈП ЖРСМ Инфраструктура, каде што запрашавме како тие како јавно претпријатие ја гарантираат безбедноста, пред сè на патниците. Исто така запрашавме и покрај нивното задолжение, зошто не обезбедиле превоз за патниците од Богомила, туку ги оставиле да чекаат три часа. Прашавме и зошто се укинати чуварите на пругите кои ги контролираа и пријавуваа оштетувања во минатото и што планираат да преземат за подобрување на железничката инфраструктура.

Сепак до објавувањето на текстот, не добивме никаков одговор од ЈП ЖРСМ Инфраструктура на нашите прашања.

Останува дилемата колку нашиот железнички сообраќај е безбеден и колку патниците може да се чувствуваат безбедно, затоа што покрај посочениот случај, кој сепак заврши без сериозни последици, пред извесно време воз излета од пругите кај Зелениково, како и кај Куманово, но за среќа беше причинета само материјална штета без да бидат повредени машиновозачите или патниците.

Поврзани содржини