ОСТРИ КРИТИКИ ЗА НЕДЕЛА НЕРАБОТЕН ДЕН Нема подобрување на работничките права, законот ќе биде оспорен пред Уставен
Во оваа форма ние законот за недела неработен ден не беше наш предлог и не го поддржувавме вака, бидејќи оваа форма ништо не ги подобрува работничките права туку имаме само манипулација со работниците. Имаме многу двосмилености и недокажаности во законот, изјави за „Топ тема“ на Телма претседателот на КСС Благоја Ралповски.
Синдикалците и стопанствениците вечерва во „Топ Тема“ го критикуваа законот со кој недела се прогласува за неработен ден. Стопанската комора најави и дека ќе го оспори законот пред Уставниот суд како неуставен заради дискриминаторските одредби за трговијата на големо и мало.
Сите сме за исто. Иако претставниците од Синдикатот велат недела по секоја цена да биде неработен ден, економската логика на функцијата на државата тоа не го дозволува, вели Даниела Михајловска од Стопанската комора на Македонија, во гостувањето на емисијата „Топ тема“.
Таа информира дека Комората бара контрола на системот на државата.
– Нека има контрола, па нека се работи во недела. Не можете вие да му го скратите правото на некој да работи во недела. Некој сака да работи дневница плус. Имаме сериозен број работници кои сакаат да работат за празници и трета смена, каде се плаќа повеќе, затоа што на крајот оди во стажот. Сепак, за жал контролата изостанува – додаде Михајловска.
Во оваа форма ние законот за недела неработен ден не беше наш предлог и не го поддржувавме вака, бидејќи оваа форма ништо не ги подобрува работничките права туку имаме само манипулација со работниците. Имаме многу двосмилености и недокажаности во законот, изјави за „Топ тема“ на Телма претседателот на КСС Благоја Ралповски.
– Во ставот 3 во законот се одредуваат еден куп дејности кои работат, ние од КСС укажавме дека ако важи за еден работник треба да важи за сите работници. Кој ќе работи во недела да биде платен 100% зголемена дневница. Но доаѓаме до ситуација каде се вика дека ќе работи царина, но каде се шпедициите, или со бајпас на законот за работни односи што е недозволиво преку законот за трговија се дозволува да работат молови или поголеми маркети, а каде се занаетчиите? – прашува тој.
Ралповски нагласи дека работно време е дефинирано со Устав и Конвенциите на Меѓународната организација на труд, а и нив Македонија ги има ратификувано.
– Работното време не може да се определува со правилници, ниту со други закони кои не се во областа на закон за трудово право. Најголема галама беше да не работат тие по молови и маркети и сега го бајпасираме законот и дозволуваме да се суспендира закон за работни односи – изјави тој.
Ралповски потенцираше дека овој закон во ниеден момент не ги подобрува правата на работниците, недела нема да биде неработен ден, а сега има можност за манипулација и еден работник може да има само еден слободен ден во 14 дена.
Ние не би се бунеле ако имаме евиденција на работно време и се почитуваат работничките права, вели Кристина Ампева од Гласен Текстилец во гостувањето во „Топ тема“.
– Сето ова што е 60 часа за работниците што ќе работат на автопатишта и сметам дека се ќе биде поништено на Уставен суд, затоа што сметам дека овој закон не смее да помине во ваква форма, затоа што ова е уназадување на работничките права и враќање во феудализмот, а не подобрување – рече Ампева.
Миле Бошковски од Конфедерацијата на работодавци вели дека би испратил апел до целата бизнис-заедница да бидат умни и да се договараат со работниците.
– Со почитувањето на законот и работното време и во недела, да придонесат да не ги губат работниците и да бидат умни наместо да го полнат буџетот, од данок, од приходи и да не го полнат од казни коишто може да бидат доста селективни при нарушувањето или кршењето на работничките права – рече Бошковски.