АКО НЕ ВЕРУВААТ ВО ВАКЦИНИ, НЕ ИМ Е МЕСТОТО ВО ЗДРАВСТВО Грозданова ги критикува лекарите кои шират антиваксерство

Интересно е дека, ако сакаат болниците можат и сами да ги спречуваат докторите да влегуваат на работа ако не се вакцинирани. Така е во американски држави, потсетува Грозданова. Институциите можат да ги преземат работите во свои раце, иако за тоа да се случи фалат податоци, графикони и вкрстени информации кои едносатвно не ги добиваме од Институтот за јавно здравје.

1,792

Само околу 70 отсто од здравствените лица се целосно вакцинирани во Македонија иако државата направила повеќе од 30 обуки и конференции за да ги образува за важноста од имунизацијата против коронавирусот. Некои од нив одбиваат и вакцина за грип. Дали докторите тајно се подбуцнувачи на антиваксерски идеи, дали свесно ги релативизираат студиите или според некои шпекулации, можат да одбијат да вакцинираат за одредена сума?

– Тие информации стасуваат и до нас. Досега официјално се вакцинирани само 70 oтсто од здравствените работници, иако ние редовно ги информираме, држиме семинари… Поразително е здравствените работници да бидат промотори на вакво неетичко однесување. Ако здравствените работници се промотори на невакцинирањето, ако не веруваат во науката и медицината, тогаш не би требало да бидат дел од здравството – рече проф. д-р Александра Грозданова, национален координатор за имунизација на денешната онлајн-средба со новинарите организирана од НВО Инфоцентарот.






Според неа, никогаш не е доцна за нова кампања за луѓето да се едуцираат. Таа денеска за новинарите откри до каде сме со „боцкањето“ во нашата земја, а признава дека фактот што интересот од 20.000 луѓе дневно кои се вакцинираа летото спадна на 2.000-3.000 луѓе сега, пред зимскиот бран, е поразителен, иако тоа е случај и во соседството. Како и кај нас, соседите мака мачат да го пробијат плафонот од 50 отсто вакцинирани, кај нас имаме 48 отсто вакцинирани на популацијата над 18 години, а ќе се воведуваат и нови стимулативни мерки.

Во време кога се решава дали вакцината ќе биде задолжителна за сите административци, новинарите ја потсетија Грозданова дека таа мерка би требало да биде за сите вработени, но таа вели дека не би избрзувала со препораките. За неа, убаво би било тоа да биде свесна одлука на луѓето, а не наметната како што се острите мерки во повеќе европски земји, иако и тоа не е исклучено. Таа се надева дека сегашниот план да се истроши резервата на претежно 250.000 вакцини на „Фајзер“ до следниот април ќе биде успешна и дека здравствените работници кои се противат на системот ќе бидат санкционирани.

Болниците можат и сами да забранат влез за невработените

Интересно е дека, ако сакаат болниците можат и сами да ги спречат докторите да влегуваат на работа ако не се вакцинирани, како што е во некои американски држави. Институциите можат да ги преземат работите во свои раце, иако за тоа да се случи фалат податоци, графикони и вкрстени информации кои едноставно не ги добиваме од Институтот за јавно здравје, додава таа.

– Тоа се национални политики. Во однос на нови мерки, кај нас, сметам дека првично вакцината би била задолжителна за одредени категории. Тука први би биле здравствените работници. Во САД не можете да влезете на работа без лист за имунизација. Тоа во Бостон не го контролираше државата, туку самата институција го контролираше на влезот. Сепак, јас би била среќна ако тоа се случи преку свеста на луѓето – вели Грозданова.

Четвртиот пик ја чека Македонија оваа зима, но Грозданова е оптимист. Има доволно вакцини, тие можат да се мешаат, а дозволено е, па дури и пожелно да се прими вакцина за сезонски грип во исто време, или најчесто недела дена подоцна од онаа против ковид-19. За волја на вистината, многу од нашите лекари ја одбиле и вакцината за грип.

Македонија имаше многу предизвици со вакцините. Почнавме доцна да се вакцинираме, на 17 февруари годинава, а стигнавме само нешто над 820.000 ревакцинирани полнолетни граѓани, што според Грозданова е оптимално во нашиот регион, ако се споредиме со соседите. Грозданова, која е и професорка на Фармацевтскиот факултет, се надева на позитивна кампања дури и во случај на целосно затворање. Таа потсетува на примерите на Грција и Австрија кои безмалку целосно се затвораат.

Министерството, Владата и Агенцијата за лекови имале навистина лоша кампања

На новинарско прашање кој е одговорен за кампањата која не ги информираше граѓаните добро за да ги извади од недоумица, беше посочено дека организатори се Министерството за здравство, Владата и Агенцијата за лекови. Грозданова признава дека многу прашања останале неодговорени:

– Во делот на кампањата, сметам дека треба да допреме до секој кој има реални прашања и реална задршка по однос на вакцинирањето. Сигурно граѓаните кои се двоумат имаат прашања кои треба да бидат одговорени. Но, не основните прашања. Треба да одговориме на специфичните, а легитимни прашања, на пример, за трета доза, за несакани ефекти… Медиумите дозволија едно страшно збунување на народот. Огромен број од тие информации се дезинформации. Огромен број индивидуални ставови кои не се поддржани со ниедна референца, од ниедна релевантна институција… За жал, неколку пати кажаната невистина станува вистина – вели Грозданова.

Неинформираноста е улица со два краја. Другиот крај е пристапот до информации кој е скуден во Македонија.

– Потребен е посистематски пристап до податоци кој ќе вкрстува податоци од разни институции за да ги планираме капацитетите во болниците, но и целата стратегија – вели таа.

Кој треба да биде санкциониран, докторите или политичарите?

Македонија уште не видела посериозни санкции за докторите кои ќе ја прекршат медицинската етика во време на пандемијата. Грозданова тука ги вклучува институциите во равенката.

– Тоа е обврска на институциите кои треба да кажат како. Но, ако некој не се однесува етички, тогаш местото не му е во здравството. Кога имавме епидемија на морбили, нашите млади колеги првпат видоа како делува вакцината за искоренување на една болест. Кога беше вакцинацијата за грип, која постои со децении, некои наши колеги сметаат дека немаат потреба од оваа вакцина. Имаме вакцинирани само околу 70 отсто од здравствените работници – порачува таа.

Но, дали наместо нив треба да бидат санкционирани политичарите кои всушност ја кројат стратегијата?

– Сепак, мораме пошироко да го гледаме проблемот. Луѓето кои одбиваат да се вакцинираат ги има во цел свет. Ние досега имавме 30 едукации на здравствени работници и неколку со новинарите. Сигурно влијаат и збунувачките информации во медиумите. Во однос на кампањата немаме ингеренции. Но, сигурно можело подобро и повеќе – додава таа.

Во САД се препорачува вакцинација 45 дена по прележувањето, кај нас е ставено во сертификат?

Една од најинтересните точки е дека ковид-потврдите ако сте прележале коронавирус траат само 45 дена, за разлика во странство, каде што имаат рок и до шест месеци. Грозданова тоа го поврзува со препораки од американскиот ЦДЦ институт:

– Тука би одговорила во улогата на имунолог. Оваа препораката не произлезе од Комисијата за имунизација и ќе се оградам од неа. Секој човек различно ја минува короната, одредувањето на нивото на антитела и временскиот период не дава јасна претстава за тоа колку индивидуата е спремна, или Американскиот ЦДЦ институт дава препорака најбрзо што е можно по заболувањето да се прими вакцината и таму обично луѓето се вакцинираат до месец дена по прележувањето. Но, треба да се има индивидуален пристап – смета Грозданова.

Мешање вакцини – да, мерење антитела – не

Но, покрај индивидуалниот пристап некои правила се исти за сите. Според Грозданова, мешањето на вакцини е дозволено, особено за оние кои, поради тоа што примиле руска вакцина, не можат да патуваат во ЕУ.

– Нема никаква пречка ако првите две дози од вектор вакцините како „АстраЗенека“ или „Спутник“, бустер дозата да биде „Фајзер“. На нашиот ЕУ-сертификат ќе ви пишува три од три, што може да биде олеснителна околност бидејќи земјите ќе бараат задолжителна трета доза во ковид-сертификатот, иако „Спутник“ уште не е признаена во некои ЕУ-земји – вели таа.

Според неа, сè уште има интерес и за кинеските вакцини, но најверојатно во иднина државата нема да ги нарачува поради нивниот помал ефект. На прашањето дали ќе имаме четврта доза како што Србија најавува напролет, таа вели:

– Не е исправно во моментов да дискутираме за четврта доза, особено што кај нас има многу луѓе кои немаат примено прва доза. Клиничките испитувања не можат да кажат колку точно ќе штити одредена вакцина. На пример, мРНА вакцините траат до 6 месеци и тука се роди идејата за бустер-доза. Тешко е да се зборува, но има најави дека можна е сезонска вакцина, иако е битно и за таа вакцина да имаме знаење колку точно ќе трае.

На прашањето дали модата за мерење антитела треба да се следи Грозданова вели:

– Тестот за антитела ви дава само половина слика за вашиот имунитет. Во заднина работат мемориските клетки. Има и проблем во јавноста за тоа што е малку, а што многу. Не постои вредност со која ќе кажеме дека сме заштитени. Наместо тоа треба да се следат препораките за три месеци од кинеските и шест месеци од вектор-вакцините. Нема правила. Можете да примите две „Фајзер“ и да не развиете антитела, а да ги развиете од една доза на кинеска вакцина.

Вакцините ќе се „апдејтираат“ секоја година

Иднината со пандемијата ќе биде неизвесна, објаснува Грозданова. Новите соеви ќе направат вакцините постојано да се „апдејтираат“.

– Од истражувањата, оптималната заштита е шест до девет месеци. Појавата на делта-сојот покажа дека нашите вакцини немаат иста ефективност од сите соеви. Секоја година имаме четири доминантни соеви и тие се ставаат во вакцината. Една од можностите е да се направи вакцина која ќе штити од повеќе соеви, а другата е секоја година да се менува составот на вакцината со новите соеви – вели таа.

Каскаме и со вакциницијата кај децата

– Имаме одобрување од Европската агенција за лекови за децата над 12 години, но кај нас процентот останува мал. Треба да го црпиме искуството од поразвиените земји. Канада веќе вакцинира деца и меѓу 5 до 12 години. Кинеската вакцина се користи за деца над 3 години. Кај нас во моментов е дозволена вакцинација само со „Фајзер“, за лица помлади од 18 години.

Во меѓувреме, дури и меѓу вакцинираните во Македонија има зголемување на новозаразените со корона за 1 отсто неделно. Според Грозданова, ова се случува и во многу други европски земји, но битно е дека тие оваа зима многу полесно и без компликации ќе ја поминат болеста.

– Битно е да имаме информација кога, како ја примиле вакцината и во која околност: дали имале некоја болест, или биле здрави. На пример, имаме информација луѓето кои биле вакцинирани во март 2021 веќе не се заштитени. Но, високата стапката на вакцинација го намалува морталитетот, без разлика што во многу ЕУ-земји се зголеми процентот на новозаразени. Тие новозаразени, сепак, не стигнаа до болница и смртноста драстично им се намали, што е главната цел: ковид-19 да стане сезонско заболување кое можеме да го контролираме – додава Грозданова.

Поврзани содржини