Нема брзо решение на спорот со Бугарија

Дали има притисок врз Софија да го крене ветото? Сигурно има. Дури посакуваме да се оствари прогнозата на поранешниот премиер Борисов за таков силен притисок што ќе ја принуди Бугарија да го крене ветото и да нѐ спаси од маките на преговарање.

2,854

Некадарни сами да направиме сериозна проценка, оставаме странски дипломати и политичари да ни кажуваат кога ќе почнеме преговори со ЕУ. Тие, како чесни луѓе спремни да лажат за интересите на својата земја, искуството ми вели, ретко ако воопшто ќе ви ја кажат целата вистина в лице. Имено, најдобриот начин еден дипломат да го промовира интересот на својата држава е да упати пријателски пораки полни со оптимизам кон Македонија. Горчливата вистина треба самите да ја откриеме и да си ја кажеме.

Можеби вака. Сигналите кои доаѓаат од Софија каде што во тек е формирањето нова влада и втор круг претседателски избори, не се толку оптимистички за да може да зборуваме за денови или месеци до конечното решение. Како што доликува на дипломец на Харвард, потенцијалниот бугарски премиер проговори со јазикот на западната политичка мисла толку неопходен за дијалогот меѓу две балкански држави. Спротивно на неодамнешните бранови на љубов и омраза меѓу македонските и бугарските политичари, потенцијалниот мандатар кажа дека соочувањето на интересите на двете држави, Македонија и Бугарија, е патот кон едно трајно решение. И повторно, спротивно на нашите балкански навики минатото да ни е поважно од иднината, рече дека решението не може да завси само од комисијата на историчари туку од цел еден спектар на теми кои ги чинат македонско-бугарските односи. Не рече дека историјата не е важна туку дека таа не треба да биде единствениот услов за напредок. Нешто слично повтори и потенцијалниот министер за надворешни работи.






Соочувањето на интересите на двете држави бара соодветни подготовки како во Бугарија така и кај нас во Македонија и не наговестува брзо решение какво што најавуваат странските дипломати. Во домашната јавност повторно заживува една погрешна приказна. Се сеќавате ли на толку повторуваната теорија на заговор дека Вашингтон или Брисел а не Атина се вистинските виновници, зашто кога Америка или Европа би посакале, проблемот околу името дамна би бил решен? Тоа би било така кога тие би биле спремни да ги растурат сојузите заради Македонија. Но, во реалната политика тоа не е така. Нивниот примарен интерес, покажа случајот со Грција, е кон сојузникот и кон единството на сојузот.

Дали има притисок врз Софија да го крене ветото? Сигурно има. Дури посакуваме да се оствари прогнозата на поранешниот премиер Борисов за таков силен притисок што ќе ја принуди Бугарија да го крене ветото и да нѐ спаси од маките на преговарање. Но, дали е реално да се очекува таков силен притисок останува да се види. И како ќе реагира новата бугарска влада на таквиот притисок исто така останува да се види. Во секој случај, принудена или од сопствена волја, државата членка мора да гласа „за“.

Најдобро е македонските политички фактори заедно со опозицијата да отпочнат дијалог околу македонските државни интереси и подготвени да ја дочекаме новата рунда преговори со Бугарија. Но, лесно е да кажеш што е најдобро. Тешкото во политиката е да кажеш како да се стаса до најдоброто. Не ни служи на чест но, како и претходните триесет години независност и во овој момент е невозможна мисија да се случи суштински дијалог меѓу власта и опозицијата. До новите избори за нешто повеќе од две години, останува на владата и на претседателот да ги вадат врелите костени од оганот во бугарско-македонскиот спор.

Со резолуцијата усвоена во парламентот како ограничувачки фактор и вжештената поларизација на политичката сцена, прашањето за историјата со Бугарија станува налик на прашањето за името со Грција. Што посилен е отпорот кон надвор, посилен станува аплаузот дома. При толку удари од сите страни дома, шансите премиерот Заев да се сфати сериозно со решавањето на проблемот се минимални. Затоа, иако едно од основните начела на меѓународните односи е начелото на самопомош на државите, мислам дека, заплашени од накострешената опозиција, ќе отсуствува координирана акција меѓу политичките фактори на врвот на државата за заедничка акција во насока барање решение. Претседателот и премиерот ќе ги стават сите надежи за почеток на преговорите со ЕУ во притисокот на Брисел и Вашингтон врз Бугарија. После? Ќе му ја мислиме.

Поврзани содржини