ДО 2025 ЌЕ СЕ СКРАТИ РОКОТ ЗА ПЛАЌАЊЕ Државата ќе мора да им плати на бизнисите најмногу за 30 дена
Измените предвидуваат исплата на долгот на субјект од јавниот сектор кон приватна компанија да се врши за 30 дена, но овој предлог има и исклучоци ако се работи за договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка.
Државните институции уште 4 години ќе можат да го растегаат плаќањето за услугите кон приватните компании. Постепено, почнувајќи од 2023 година ќе се намалува рокот за плаќање на сработеното од компаниите, кој во 2025 година треба да изнесува 30 односно 60 дена.
Ова го предвидуваат измените на Законот за финансиска дисциплина кој веќе е објавен на Eлектронскиот систем за регулатива (ЕНЕР) и за него можат да се доставуваат предлози и забелешки.
Според предложеното, рокот за плаќање на јавниот кон приватниот сектор во 2023 година ќе изнесува 50 дена, во 2024 година 40 дена, а во 2025 година 30 дена.
Моменталната состојба е 60 дена за исплата од трезорската сметка на Министерството на финансии, а од сметката на Фондот рокот е 90 дена. Досега компаниите требаше да ги достават фактурите до трезорите на Министерството за финансии и до Фондот за здравство за 30, односно 45 дена, а исплатата од трезорот да се реализира за 30, односно 45 дена.
Преложените измени предвидуваат од 2025 година исплатата на долгот на субјект од јавниот сектор кон приватна компанија да се врши во рок од 30 дена.
Исклучок од овој рок има кога како должници се јавуваат Фондот за здравствено осигурување и корисниците на средства од Фондот, јавните здравствени установи и Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетските клиники, заводи и Ургентен центар. Во овој случај рокот на плаќање на долгот е до 60 дена.
Исто така, рокот од 30 дена за исплата на долгот може да биде подолг од 30 односно 60 дена, ако се работи за договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка.
Со измените, кои ќе бидат во примена од 2025 година, се крати и рокот за достава на фактурите од јавниот сектор до трезорот и рокот за исплата од страна на трезорот на Министерството за финансии и до Фондот за здравствена заштита.
Рокот за доставување на барањето за плаќање доспеани фактури до трезорската сметка на Министерството за финансии се скратува на 15 дена, а рокот за достава на фактурите до Фондот за здравство се крати на 30 дена.
Министерството за финансии е должно да ги исплати парите на кои гласи доставената фактурата на сметката на приватната компанија во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето за плаќање. Фондот за здравство, пак, има рок да ги исплати парите во рок од 30 дена од денот поднесеното барање.
Според измените на законот за финансиска дисциплина, јавниот сектор ќе треба да го усогласи рокот на плаќање на фактурите постепено во периодот од 2023 до 2025 година и тоа:
– од 01.01.2023 година рокот за намирување на паричните обврски не може да биде подолг од 50 дена;
– од 01.01.2024 година рокот за намирување на паричните обврски не може да биде подолг од 40 дена;
– од 01.01.2025 година рокот за намирување на паричните обврски не може да биде подолг од 30 дена.
Фондот за здравство ќе се усогласува со следната динамика:
– од 01.01.2023 година рокот за намирување на паричните обврски не може да биде подолг од 80 дена;
– од 01.01.2024 година рокот за намирување на паричните обврски не може да биде подолг од 70 дена;
– од 01.01.2025 година рокот за намирување на паричните обврски не може да биде подолг од 60 дена.
Барањата за плаќање до трезорот на Финансии и ФЗО во 2023 година ќе се доставуваат за рок од 25, односно 40 дена; во 2024 година во рок од 20, односно 35 дена и во 2025 година во рок од 15, односно 30 дена. Исти се роковите и за плаќање на фактурите.
Измените на Законот за фискална дисциплина, според предлагачот Министерство за финансии се во рамки на усогласувањето со законодавството со ЕУ – Директивата за задоцнето плаќање.
Земјава одлучи намалувањето на роковите да почне постепено од 2023 година до 2025 година.
Законот треба да го помине и собранискиот филтер пред да почне да се применува.
Законот за финансиска дисциплина е донесен во 2015 година со цел да се воведе ред во плаќањето меѓу државата и приватните фирми, но и меѓу фирмите меѓусебно, на барање на бизнис заедниците.
Бизнисмените и тогаш и сега се жалат дека државните институции и општините не ги почитуваат роковите за плаќање на сработеното.