ПОМОШ НА КОМПАНИИТЕ ВО ДВОЈНАТА КРИЗА Е ПОТРЕБНА, НО ДАЛИ ЌЕ ЈА ИМА? Бизнисот бара јасна ситуација, а владата засега молчи

Бизнисмените велат дека потребна е државна поддршка, но не само во пари туку тоа треба да биде системско помагање кое би помогнало компаниите во кризни состојби да можат да останат активни.

599

Компаниите се надеваат на поддршка од владата и во следната година бидејќи како што велат кризата со пандемијата се продлабочува со нова енергетска криза и покрај тоа што има знаци на заздравување на економијата во овој период. Владата конкретно не најави поддршка, но остава простор тоа да се случи ако има потреба. Во буџетот за следната година, како што изјави деновиве во собранието министерот за финансии за поддршка за најпогодените сектори од ковид-кризата се планирани субвенции во износ од околу 4 милијарди денари (65 милиони евра). Дали се планираат субвенции или други мерки поврзани со високите цени на енергенсите засега не се знае.

Бизнисмените велат дека потребна е државна поддршка, но не само во пари туку тоа треба да биде системско помагање кое би помогнало компаниите во кризни состојби да можат да останат активни.






– Потребна е поддршка но таа не треба да биде само финансиска која, патем, нема да даде резултати. Треба повеќе таа да биде системска, преку решенија кои ќе му овозможат на бизнисот да ја надмине кризата и да остане жив. Кога системот ќе биде поставен ќе се знае колку и како треба да се помогнат компаниите и каде треба да се помага, а тоа може да се направи само со заеднички ангажман на компаниите и владата. Бизнисот да каже што му треба и како очекува тоа да се направи, а владата да каже дали може и кога тоа ќе се направи. Сето тоа дава предвидливост во работењето на двете страни – вели Маријана Перковска од Текстилниот кластер.

Според неа, поддршката што ја дава државата треба да има ефект во работењето на фирмите, а не само да гасне пожар.

– Состојбата е тешка, и е потребна поддршка, а каква таа треба да биде треба владата и бизнисите да се договорат. Што ако државата дава субвенции за плати кога, на пример фирмите, немаат можност да работат. Но, ако државата олабави дел од роковите и начинот на плаќање даноци, или ако банките овозможат порелаксирани услови за враќање на кредитите или да не се плаќаат затезни камати и слично, тоа би им овозможило на компаниите, не да не ги плаќаат обврските, туку да се одржат живи и во новонастанатите услови кога состојбата е неизвесна за нивното работење – вели Перковска.

Во услови на енергетска криза, според неа, компаниите треба да имаат јасна слика дали владата има некаква стратегија и како ќе реагира на оваа криза.

-Компаниите треба да знаат дали навистина нема да има рестрикции, но ако има треба да знаат како  е планирано да се прави, дали ќе траат неколку часови, денови или неколку денови во неделата. Дали ќе се работи во сабота и недела и дали и како ќе се плаќаат работниците. Од тоа ќе зависи и организацијата на работата на комапниите. Значи ние сакаме јасни правила на играта за да не се најдеме во уште подлабока криза наместо да се организираме да излеземе од неа. Треба да знаеме и какви други мерки се планираат во однос на двете кризи и пандемиската и енергетската  – вели Перковска.

И туризмот се надева на помош од државата која би му овозможила да опстане во овој долг период на работа во криза.

– Имаме обврски кон вработените. Зедовме кредити за да вложуваме во развој. Сето тоа треба да се плати навреме. На другата страна, пак, и годинава што изминува не можеме да се пофалиме дека успеавме да излеземе од пандемската криза и да заработиме за раздолжување на обврските кон вработените и државата. Тука се и цените на енергенсите. Сето тоа влијае на нашиот опстанок. Луѓето не патуваат, се плашат од ковид-19 и дополнително се оптоварени со повеќедневни изолации по враќањето од патување. Сето тоа влијае на нашето работење. Еве последните 3 недели, на пример, немаме остварено ниту едно патување, а од тоа живееме – вели Дончо Нацески од „Арбо Травел“.

Тој, но и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски, велат дека тешко ќе се реализира нешто со оглед дека е намален буџетот за туризам за следната година.

Јаневски, сепак, вели дека туристичкиот сектор треба што помалку да размислува за субвенционирање и помош. Тој на домашните агенции и хотелиерите им препорачува да ги следат светските случувања во туризмот.

– Треба да се креира викенд пакети, понуда за мали групи туристи кои сакаат неоткриени дестинации и кои повеќе трошат, нови атрактивни локации, развивање еко и рурален труизам, вложување во сместувачки капацитети, во услуги, но и во соодветни кадри – вели Јаневски.

Дел од секторите кои тешко ги минаа двете пандемски години, очекуваат владата да размисли дали ќе помогне тие да излезат од кризата или да овозможи услови за нивна непречена работа и да се борат за опстанокот. Рестрикции поради пандемијата и можни рестрикции на струја за нив ќе значат нови проблеми и затворање. Сепак, очекуваат да бидат прашани за новите субвенции, ако ги има.

Компаниите, кои ги затекна неочекуваниот ценовен струен удар најавуваат дека ќе реагираат економски со повисоки цени на производите, иако дел од нив се за широка потрошувачки драстично ќе го загрозат стандардот на граѓаните.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, кој деновиве го брани предложениот буџет за следната година во собранието изјави дека е планирана и поддршка на економијата.

– Во услови на сè уште присутни ризици од пандемијата на ковид-19, клучна ќе биде грижата за заштита на здравјето и животите на населението. Неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата. Ќе продолжи и поддршката за најпогодените сектори од ковид-кризата при што субвенциите се предвидени во износ од околу 4 милијарди денари – рече Бесими.

Министерот за економија, пак денеска не кажа дали ќе има дополнителни субвенции во економијата. Тој ги презентираше редовните субвенции за кои во следната година од буџетот на Министерството е планирано да се потрошат 214 милиони денари.

Поврзани содржини