ОЧЕКУВАВ ОСТАВКА НА ЦЕЛОТО РАКОВОДСТВО НА СДСМ Изгубивме поради неостварените ветувања, вели Кирацовски
Во однос на оставките очекував целосна оставка од раководството од солидарност кон Заев. Иако, лидерот условно кажано сам потенцираше дека се чувствува најодговорен за случувањата, не е единствено одговорен – вели Кирацовски.
Битолчанецот Александар Кирацовски од СДСМ, поранешен генерален секретар на партијата по поразот на локалните избори објаснува кои се причините за таков дебакл на неговата партија и за оставката на Зоран Заев.
Очекував оставка од целото раководство од солидарност кон Заев, изјави за Утрински брифинг Кирацовски.
– Партијата треба да биде отворена за нови личности кои ќе умеаат и ќе сакаат да придонесат, но тоа треба да се заснова на принципиелност. Лидер од политички калибар не се создава преку ноќ. Таа личност треба да поседува, храброст, мудрост и визија. Ќе биде тешко да се најде негова замена. Во однос на оставките очекував целосна оставка од раководството од солидарност кон Заев. Иако, лидерот условно кажано сам потенцираше дека се чувствува најодговорен за случувањата, тој не е единствено одговорен – вели Кирацовски.
Генезата на изборниот резултат на СДСМ според него е повеќеслојна.
– Прво неизлезноста на традиционалните гласачи и неопределеното гласачко тело кое што на некој начин даваше поддршка во изминатите изборни циклуси, коалициското раслојување на СДСМ и секако одредени слабости во самото функционирање. Знаете, граѓаните оценуваат севкупно, тие разликуваат претседателски, локални или парламентарни избори. Сепак на изборниот ден преку чинот на гласање испраќаат одредена порака. Затоа што знаат дека тоа е најдиректниот начин пораката да биде испратена, да биде примена и истата да боли – вели Кирацоски за Утрински брифинг.
Тој додаде дека пораката од граѓаните кон СДСМ е поради внатрепартиските слабости и на централно ниво.
– За Битола, сепак јас живеам тука и постојано сум во контакт со граѓаните, не бев вчудоневиден од резултатите. Имајќи предвид дека најискрено и самокритично кажано колку е направено, т.е. не е направено за Битола, првенствено и од централна власт, но и од страна на локалната самоуправа – нагласи Кирацовски.
Кирацовски посочи дека битолчани се гневни на СДСМ поради неостварените ветувања кои ги даваа во 2017 година.
– Дополнително за неуспехот во Битола мора да додадам при првиот круг е моментот кога ЛДП излезе со самостоен настап. Тие со својот самостоен настап успеаја да направат штета, сопствена и на нашиот кандидат, односно да ги одземат коалициските гласови овозможувајќи му предност на противкандидатот – појасни Кирацовски.