ПРЕДИЗБОРНИОТ МОЛК ЈА ГУБИ СМИСЛАТА Социјалните мрежи многу гласно молчат, гласачите многу тивко слушаат

Комуниколозите тврдат дека не постои законска регулатива со која би се мониторирале политичките активности на граѓаните преку социјалните мрежи во време на предизборен молк, а таа сива зона на Интернет максимално и безмилосно ја користат политичките партии за да спечалат уште некој глас.

569

Предизборниот молк станува бесмислен и ирелевантен поради тоа што никој не ги контролира социјалните мрежи во периодот кога е забрането политичкото рекламирање, па политичките партии, најчесто преку своето членство, упорно и сè до моментот на гласањето не се откажуваат од политичкото агитирање и убедување на народот да го даде својот глас за нивниот кандидат.

Ова го коментираат комуниколозите со коишто разговараше Плусинфо. Тие објаснуваат дека не постои законска регулатива со која би се мониторирале политичките активности на граѓаните преку социјалните мрежи во време на предизборен молк, а таа сива зона на Интернет, додаваат експертите, максимално и безмилосно ја користат политичките партии за да спечалат уште некој глас.






Од друга страна, електронските и печатените медиуми, како и радиодифузерите, се строго обврзани да го почитуваат предизборниот молк, а предвидени се санкции доколку некој медиум ги прекрши правилата. Сепак, ваквите ограничувања не важат за социјалните мрежи, а нејасно е и колку важат за интернет порталите кои во Законот за медиуми имаат лабава или никаква регулација.

Освен партиските членови на повеќето политички партии, кои директно на своите приватни Фејсбук профили објавуваа повици за заокружување одреден број на гласачкото ливче, така и дел од функционерите и политичарите од најразлични политички субјекти пронајдоа начин како „фраерски“ да го прекршат предизборниот молк, а никој да не може да им замери.

На пример, еден актуелен пратеник и поранешен функционер, на Фејсбук објави статус во кој вели дека „за само 7 минути успеал да гласа и дека само 7 минути траела изјавата што ја дал за медиумите по гласањето“. Со ваквиот статус и со потенцирањето на бројот 7, тој индиректно им упати повик на граѓаните да го заокружат бројот 7.

Сличен таков статус напиша и еден од кандидатите за градоначалници:

„Јас заедно со семејството, точно напладне, во 12 часот, го исполнив моето граѓанско право и гласав“.

Вечен проблем

Директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, во изјава за Плусинфо вели дека е многу тешко, па дури и невозможно да се регулираат социјалните мрежи за време на предизборен молк.

Никако не можете да им забраните на обичните граѓани да објавуваат какви било статуси или фотографии на своите приватни профили.

Марко Трошановски Директор на Институтот за демократија

– Со овој проблем се соочуваат скоро сите демократски земји во светот. Секако, таква регулација постои за официјалните Фејсбук профили на политичките партии и на кандидатите за градоначалници, но никако не можете да им забраните на обичните граѓани да објавуваат какви било статуси или фотографии на своите приватни профили. Тоа е исто како на граѓаните кои седнале во кафана да им забраните да зборуваат за политика во предизборен молк, а ова го велам од причина што социјалните мрежи се еден вид виртуелни кафани. Точно е дека телевизиите, весниците и електронските медиуми подлежат на строга контрола и ќе бидат остро казнети доколку го прекршат предизборниот молк, но тоа не е случај со социјалните мрежи, бидејќи тие сè уште не се сметаат за медиуми, туку за платформи. И тука се раѓа целата проблематика, а од друга страна, пак, социјалните мрежи во најголем дел се места каде што луѓето поминуваат најголем дел од времето и се информираат за случувањата во општеството врз основа на тоа што им сервирале Фејсбук или Инстаграм. Но, со евентуалното воведување забрана за користење на социјалните мрежи со цел да се спречи политичко агитирање за време на предизборен молк, ние веќе влегуваме во доменот на приватното и ризикуваме да ја срушиме демократијата, слободата на говор и човековите права. Оттука, треба да се помириме со фактот дека уште мнoгу долго време ќе си живееме со таа проблематика – објаснува Трошановски.

Тој додава дека постои законска основа да се казнуваат оние што шират говор на омраза преку социјалните мрежи, но дека политичката комуникација е проблематична и не може да се регулира, бидејќи, како што вели, може да доаѓа од различни профили, кои може да ги отвори секој.

Подобрување за нијанса

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, вели дека предизборниот молк во саботата поминал релативно коректно и дека ниту еден граѓанин не испратил приговор за кршење на молкот.

Предизборниот молк во саботата помина релативно коректно и многу граѓани, вклучително и политичари и функционери, покажаа високо ниво на воспитаност.

Александар Даштевски Претседател на Државната изборна комисија (ДИК)

– Не добивме ниеден приговор за кршење на предизборниот молк, но ќе признаам дека неколкумина граѓани ми се јавија во саботата и лично ми кажаа дека забележале политичко агитирање на социјалните мрежи додека беше активен предизборниот молк. Јас ги убедував луѓето да ги пријават случаите и да испратат приговор, но тие не сакаа да го сторат тоа. Треба да сфатиме дека живееме во нови времиња и дека растот на технологијата достигна невидени размери за многу кратко време. Јас припаѓам на повозрасните категории на луѓе и во мое време не постоеше Фејсбук. Дури во 2007 година почнаа да функционираат социјалните мрежи во Македонија и од тој момент почнаа да се комплицираат работите. Не постои регулатива или закон преку кој ќе им се нареди на луѓето да не објавуваат политички статуси на социјалните мрежи за време на предизборен молк, а со самото тоа и предизборниот молк станува апсурден, како и многу други работи во државата – објаснува Даштевски.

Тој вели дека за разлика од предизборните молкови во минатото, годинава се забележала нијанса подобрување кога станува збор за политичкото агитирање на социјалните мрежи.

– Можам да кажам дека годинава е забележано подобрување и дека самите граѓани веќе почнуваат да ја сфаќаат важноста на предизборниот молк. Тоа е период од 24 часа во кој граѓаните мирно ги сумираат впечатоците од предизборната кампања и одлучуваат кому да го дадат својот глас. Предизборниот молк во саботата помина релативно коректно и многу граѓани, вклучително и политичари, покажаа високо ниво на воспитаност – рече Даштевски.

ААВМУ крева раменици

Зоран Трајчевски од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) потврди дека никој во земјава не ги регулира социјалните мрежи кога станува збор за почитувањето на предизборниот молк, а како што вели, сè е оставено на демократската свест кај народот и кај политичките партии.

– Точно е дека не постои регулација и тоа значи дека никој не може да им каже на граѓаните да не објавуваат политички ставови на своите приватни профили на Фејсбук во време на предизборен молк. Ако ние како ААВМУ се обратиме до Фејсбук и наведеме дека во нашата земја има предизборен молк и побараме да се регулира објавувањето политички ставови на социјалната мрежа, тогаш ќе добиеме одговор дека на компанијата не ѝ е воопшто грижа за нашата ситуација, туку дека нејзина цел е да ги задржи корисниците на оваа платформа. А сето тоа е затоа што ние немаме никаква регулација за вакви ситуации, нешто што е поразлично кога се работи за говор на омраза на социјалните мрежи. Во моментов, сè е во рацете на самите нас, односно ние како народ треба да развиеме демократска свест, исто како што тоа треба да го сторат и политичарите – објаснува Трајчевски.

Поврзани содржини