Кој ќе победи на локалните избори 2021?

Исходот од овие избори, а посебно резултатот од битката за општинските совети, ќе ги определи проекциите и поведението на партиите во пресрет на претстојните парламентарни избори. Што може да се очекува в недела на 17 октомври?

13,056

Нема да ви сугерирам дали да гласате и за кого да гласате. Нема да ви кажам како ќе постапам јас. Тоа е ваша одлука, почитувани читатели. Еднаш во четири години, само еден ден власта е во ваши раце. Имате шанса да ја доделите на демократски избраните претставници. И секој мора да ја почитува волјата на мнозинството, ако е изразена на демократски начин. Секој мора да живее со својата лична одлука, без оглед дали и како ќе го употреби своето право на глас.

На нецели четири дена пред почетокот на изборниот молк, јас ќе анализирам кој, всушност, ќе може да се смета за победник на овие локални избори. При тоа, се разбира, нема да избегнам директно да одговорам на прашањето што си го зададов во насловот – значи, ќе се осмелам со вас да споделам и некои свои прогнози и очекувања.






СДСМ нема да триумфира

Веднаш и најдиректно: тврдам дека СДСМ нема да триумфира на овие избори. За да се смета за неприкосновен победник, партијата на Зоран Заев треба да постигне подобар резултат од претходните локални избори од 2017 година, на кои конкурентската ВМРО-ДПМНЕ освои 120 советнички места помалку од СДСМ и само 4 градоначалнички мандати. За да објави победа, пак, СДСМ треба да оствари кумулативен резултат од најмалку 30.000 гласови повеќе од ВМРО-ДПМНЕ во трката за советничките места и најмалку 35 градоначалнички мандати. Според моето мислење, тоа е тешко остварливо.

Секој друг резултат за СДСМ ќе значи или „нерешено“ или пораз. Јас предвидувам дека на овие локални избори Заев сигурно ќе добие опомена од избирачите, дури и да помине подобро од „црните“ прогнози. Прашање е само дали од судијата во овој натпревар ќе добие остра опомена, жолт или можеби и црвен картон. Што и да се случи, знаеме дека Заев нема да успее да ја прочита пораката од избирачите. Минаа времињата кога тој нè замајуваше со приказните за камшикарот и за метлата што требаше да заигра во неговиот двор. Од него веќе не треба да се очекуваат дури ни такви, празни и лажни, ветувања за промени. Но, за тоа малку подоцна.

Да го поставиме сега и прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски има шанси за победа.

Тоа ќе го видиме веќе на 17 октомври, после првиот круг на изборите, кога ќе биде познат за мене најважниот резултат – исходот од битката за општинските совети. Таа битка партиите ја водат главно сами, без своите коалициски приврзоци, сега и во конкуренција со други партии и со независни кандидати и листи. Според сите прогнози, Левица, на пример, ќе постигне добар резултат во битката за советите. Би се осмелил да кажам дека секој резултат од над 50.000 гласови на контото на Димитар Апасиев би бил рамен на триумф, а има дури и пооптимистички прогнози. Освен тоа, независните кандидати и листи сериозно ќе конкурираат во неколку градови, посебно во Куманово, Скопје, Охрид, Битола и во други.

Како и да е, во ситуација кога секој игра сам, а „картите“ се добро измешани, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и другите поголеми партии, прецизно ќе измерат колку објективно „тежат“ на политичкиот пазар. Тоа мерење ќе се одрази на нивните проекции за претстојните парламентарни избори. Зависно од резултатот на изборите, на пример, ДУИ и другите албански партии ќе се позиционираат за следниот натпревар, проценувајќи ги шансите на двете најголеми македонски партии. И во тоа идно позиционирање на Али Ахмети, на Зијадин Села и на другите, можни се големи изненадувања.

Што е победа за ВМРО-ДПМНЕ?

Како и да е, ако ВМРО-ДПМНЕ добие повеќе гласови од СДСМ во битката за општинските совети – а тоа ќе го знаеме веќе во ноќта од недела кон понеделник! – Христијан Мицкоски ќе може слободно да прогласи победа на изборите. Уверливоста на таа победа, пак, ќе зависи од тоа колку градоначалнички мандати ќе освои опозициската партија и дали ќе успее да го освои Скопје. Ако јас се прашувам, резултат меѓу 20 до 25 градоначалнички мандати (20 со Скопје или 25 без Скопје), ќе ја направи победата за ВМРО-ДПМНЕ многу поуверлива. Сè повеќе од тоа ќе биде рамно на триумф.

Каков исход на битката за општинските совети треба да очекуваме на 17 октомври?

Нема да ги анализирам анкетите. Од денеска тоа веќе и не е дозволено. За мене поважни се исходите од претходните два изборни циклуса. Искуството ми вели дека драматични промени во изборното расположение не се случуваат за толку кусо време, особено не без некои позначајни промени во општеството.

Како што е познато, на претседателските избори во 2019 година, Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и од коалициските партии, но и од ДУИ, освои 322.581 глас. Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска освои 318.341 глас, додека Блерим Река од Алијанса на Албанците изненади со 79.888 освоени гласови. Аналитичарите се разликуваат само во процените колку гласови повеќе освоила опозициската ВМРО-ДПМНЕ повеќе од владејачкиот СДСМ, ако од резултатот се отстранат гласовите на официјалните и на неофицијалните „коалициски“ партнери. Мислам дека се реални процените дека СДСМ на овие избори заостана зад ВМРО-ДПМНЕ за најмалку 40.000 гласови.

На парламентарните избори во 2020 година, коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ и од Беса, освои 327.408 гласови, додека коалицијата „Обнова на Македонија“, на чело со ВМРО-ДПМНЕ, стаса до 315.344 гласови. Беше тоа „мртва трка“. И пак подоцна се правеа анализи, според кои без поддршката од своите помногубројни и помоќни коалициски партнери, СДСМ во споредба со ВМРО-ДПМНЕ е во кусок од најмалку 10.000 до 20.00 гласови.

Значи, само врз основа на анализа на двата последни изборни циклуса, може слободно да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ има добра шанса за успех в недела, во првиот круг од локалните избори. Дали шансата ќе се искористи зависи од многу фактори, меѓу другото и од кампањата, од битката за Скопје која станува сѐ повозбудлива и секако, од излезноста.

Има ли општествени промени кои би можеле позначајно да го променат изборното расположение токму на овие избори?

Мислам дека има. Најмалку три и сите три не му одат во прилог на СДСМ на Зоран Заев: корупциските афери, спорот со Бугарија и пандемијата. Додека корупциските скандали секојдневно ја вознемируваат јавноста, а неповолниот развој на настаните во спорот со Бугарија драстично го намалија очекувањето Заев и неговата екипа да најдат достоинствено решение и да ги почнат преговорите со бриселските бирократи за членство во ЕУ, пандемијата покажа колку власта лошо менаџира и колку сме неорганизирани како држава и како општество. Разочарувањата и апатијата се видливи, но останува да се види колку тие ќе влијаат врз изборниот резултат.

Зошто е Заев лут и нервозен?

Без оглед каков ќе биде крајниот исход од трката, јас сум убеден дека ситуацијата во Македонија после овие избори неизбежно ќе се промени. Парламентарната опозиција ќе зајакне, a Заев конечно ќе зачекори на тенок лед. Всушност, тој веќе е таму, само или не знае, или не му кажуваат. Внимавајте, не сакам да бидам злобен и да ве убедувам дека тој веќе ја пее својата „лебедова песна“. Неговите панични врескања во кампањата не се ни налик на тажните и мелодични крици што ги испуштаат лебедите во своите претсмртни арии.

Не, гледајќи го во кампањата овој нервозен, лут, разгоропаден Заев, јас сум просто убеден дека во четвртиот чин на своето „Лебедово езеро“, среде бурата и во битката со лошиот волшебник, нашиот несуден принц Зигфрид ќе влета со некаков неартикулиран лизгачки старт и со други ниски удари и подлости, уништувајќи ја така убавината на битката со „злото“, пропуштајќи ја својата шанса со една магична саможртва сепак да ја преживее страшната бура и заедно со својата љубов, кралицата на лебедите Одета, да зачекори во нов живот, во зората што се раѓа.

Ма курац фини, да ми извините! Ништо од тоа нема да се случи!

Македонија не е никакво езеро, најмалку лебедово. Ова е бара, калоина, ѓољ бре! Нема тука Одети, нема убавици престорени во лебеди, го нема Чајковски. А Заев секако не е принцот Зигфрид. Не е ни „З“ од Зигфрид. Само наивните и глупавите (меѓу кои, за жал, морам да се вбројам и јас), макар за миг во неговата комична појава можеа да препознаат „П“ од принц.

Сега, кога Заев после изборите ќе истрча на ледот, онака храбро и збрлавено, со она ручено свиткано во ево-ти-га-на (тој прочуен Зокиев pas de deux), веќе никого нема да импресионира. Ни овде дома, ни меѓу странците. Оти сите веќе знаеме дека под блескавиот костум нашиот несуден принц крие – муда од лабуда!

ПС. Кога веќе вака, поетично, ја завршив оваа анализа, еве бонус, да ви го збогатам доживувањето. Погледнете го финалето на „Лебедово езеро“:

Поврзани содржини