Отворањето на промотивната канцеларија во Тафталиџе на кандидатот на СДСМ за градоначалник на Карпош, Душко Весковски денеска започна со поделба на промотивен материјал и презентација на предвидените проекти во овој реон.
– Планирано е зголемување на зелените паркови и површини. Во согласност со општата политика за зголемување на зелените површини и нивно редовно одржување, уште во првата година од мандатот ќе изработиме сеопфатна програма за хортикултурно уредување, реновирање на постојната и поставување нова урбана опрема и реновирање и изградба на детски игралишта, во постојните парковите во овие две урбани заедници – рече Весковски.
Целта е да овозможиме што почиста и поздрава околина за живот на нашите сограѓани, додаде тој. вклучувајќи ги и најмалите жители. Реализацијата на оваа програма ќе се спроведува етапно во текот на сите четири години од мандатот.
– Одлучни сме целосно да го искористиме овој потенцијал преку поставување и одржување на уште повисоки стандарди на хумано и планско урбано живеење. Нашата визија за наредните четири години е Карпош, а со тоа и Тафталиџе, да се развие во општина со највисок степен на дигитализација на јавните услуги, со хумана и планска урбанизација што го штити јавниот интерес, ја почитува приватната сопственост и придонесува за економскиот развој, со највисок процент на зелени површини во градот и државата, со чисти улици по кои ќе се движат повеќе велосипеди, а помалку автомобили, со развиена социјална и културна инфраструктура. Промотивната канцеларија останува отворена за прашања и предлози. Затоа што Карпош го заслужува најдоброто – истакна кандидатот за градоначалник на Карпош.