БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ПРЕВОЗ ЗА ПЕНЗИОНЕРИТЕ СЕКОЈ ДЕН Шилегов ветува и бесплатен медицински превоз за повозрасните скопјани
Градоначалникот на Скопје денеска се сретна со повозрасни скопјани на одбележувањето на Меѓународниот ден на пензионерите.
Голема е честа да стојам пред вас овде и да ви кажам дека знаењето, мудроста и искуството кое вие го имате за сите нас е вредност која не поттикнува. Затоа сум благодарен за несебичната поддршка која ја давате во локалната заедница и ве повикувам да продолжиме заедно да го градиме Скопје во уште поубаво место за живеење, рече градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, на средбата со пензионери.
Тој истакна дека негова заложба како градоначалник е континуирана поддршка на потребите кои ги имаат повозрасните граѓани, преку финансиска поддршка на Градскиот одбор на Сојузот на борците и Сојузот на пензионери на Град Скопје, бесплатниот јавен градски превоз за инвалидски пензионери, поддршката за активно стареење преку развој на дигитални вештини, креативни работилници и учење на занаети.
– Негата во домашни услови е исто така од особена важност за следење на здравјето како превенција, но и помош кога е потребно. Преку помагателите на Црвениот крст на Град Скопје им помагаме на сите лица со попреченост кои имаат потреба од поддршка во секојдневните активности меѓу кои се и повозрасните. За поголема независност и поефикасно функционирање, се обврзуваме услугата да ја продолжиме и развиваме. Бидејќи вашето здравје и среќата се наш приоритет – рече Шилегов.
Тој рече дека грижата за повозрасните скопјани ќе продолжи и понатаму.
– Ќе овозможиме бесплатен медицински транспорт до здравствените институции низ градот. За поефикасен, побезбеден и побрз транспорт до саканата цел, ќе овозможиме навремено пристигнување и одговарање на потребите на лицата од трето доба. Исто така, со задоволство сакам да ви претставам дека ќе овозможиме целосно бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери, секој ден и во секое време. Нашата поддршка кон вас е се посилна. Нашиот град е еднаков за сите и така продолжуваме да инвестираме. За секоја категорија на граѓани, креираме мерки според нивните потреби и одговараме на нив без исклучок – нагласи Шилегов.