СУДОТ РЕШАВА ДАЛИ ЌЕ ЈА ИЗЗЕМЕ СТЕФАНОВА ОД „ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО“ Обвинителката доставила лажни докази
Како што образложи адвокатот Миланов пред судечкиот совет, барањето го поднесува поради несовесно работење во службата и поднесување лажни докази од страна на обвинителката Стефанова.
Aдвокатот Еленко Миланов на денешното рочиште во судскиот процес „Плацеви на Водно“ побара изземање на обвинителката Лиле Стефанова, која го застапува обвинението во овој судски предмет во кој првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски.
Како што образложи адвокатот Миланов пред судечкиот совет, барањето го поднесува поради несовесно работење во службата и поднесување лажни докази од страна на обвинителката Стефанова. По ова судијата Илија Трпков даде пауза за да може судечкиот совет да донесе одлука за барањето на одбраната.
Стефанова, како што претходно објавија некои медиуми, со фалсификуван доказ го затворила предметот и на Судот кој го оценувал обвинителниот акт му подметнала изјава на Никола Груевски, кого таа ниту го видела, нити го сослушала во истрагата што ја водела.
Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.
Обвинетиот Никола Груевски, се вели во обвинението, во периодот од 2006 до 2012 година, присвоил 1,3 милиони евра, како дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата и не ги прикажал како примени донации. Во обвинението за Груевски се вели дека во средината на 2012, тој дознал дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и побарал од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите.
Мијалков, според обвинението, стапил во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма, управител станал Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.
На првото рочиште пред судот Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски, Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева, рекоа дека не се чувствуваат виновни за делото за кое се товарат.
Тогаш во воведниот говор, обвинителката Стефанова, рече дека за секое дејствие кое е наведено во актот, за секој факт кој го тврдат ќе изведат докази и побара да биде конфискуван целиот имот кој е ставен во обвинителниот акт.
Одбраната на обвинетиот Камчев, подоцна на прес-конференција обвини за скандалозни пропусти во постапката и за, како што рече, реален основ за сомнение дека влијаат на пристрасност на застапникот на обвинението.