Кој ќе преземе политичка одговорност за тетовското инферно? Филипче? Заев? Или никој?
За тетовската трагедија, објективно одговорен јавен функционер е министерот за здравство Венко Филипче. Во онаа мера во која врз него влијаел неговиот шеф во владата и во партијата, премиерот и партиски лидер Зоран Заев, објективната одговорност и тој мора да ја сподели со Филипче. Но, ништо од сето тоа нема да се случи. А за тоа сме виновни ние, граѓаните на оваа земја. Не тие.
Пред да заврши истрагата за трагедијата во Тетово – а научивме веќе како другарчињата од власта ги фејкуваат нивните божемни „истраги“ – и пред да почне потрагата по жртвен јарец, по некоја несреќна и наивна будалетинка што ќе биде ритуално жртвувана и медиумски расчеречена за да ја преземе вината за туѓата неодговорност, мора да расчистиме некои битни работи.
Барем јас морам. И тие што ќе решат да ја дочитаат колумнава до крајот …
Во политиката постои одговорност и без субјективна вина. Исто како што постојат и награди, почести и привилегии и без субјективни заслуги. Така е и во животот, воопшто.
Така како што некој политичар, без никаква лична заслуга и без свои вложени пари, се перчи и свечено отвора ново училиште или болница, за да го зграби политичкиот профит, така истиот тој, без никаква лична вина и грешка, мора да ја преземе одговорноста кога на училиштето ќе му падне покривот или кога ќе се случи нешто многу пострашно, кога ќе изгори болница и во пожарот ќе настрадаат дваесеттина пациенти.
Постои, значи, нешто што се нарекува објективна одговорност. Не само за целокупната работа на ресорите со кои раководат премиерот, министрите или други избрани државни функционери. Избрани и платени од народот. Постои и објективна одговорност за целокупната состојба во секторите за кои тие одговараат.
За тетовската трагедија, објективно одговорен јавен функционер е министерот за здравство Венко Филипче. Во онаа мера во која врз него влијаел неговиот шеф во владата и во партијата, премиерот и партиски лидер Зоран Заев, објективната одговорност и тој мора да ја сподели со Филипче.
Субјективната одговорност, морална, кривична, материјална, се утврдува со темелна и професионална истрага и се реализира со соодветни, кривично-правни санкции. Но, преземањето на објективната политичка одговорност му претходи и го поттикнува утврдувањето на субјективната и се реализира на еден и единствен начин – со неотповикливи оставки на функциите.
Сè друго е глумење лудило и мачкање очи на народот!
Преземањето одговорност за состојбите, без оглед на личната вина, се смета за морален чин и политички потег во вистинската насока. Зошто? Затоа што објективната одговорност е последица на прекинот на односот на доверба меѓу институциите и народот, а оставките се обид да се обнови скинатата нишка на доверба.
Во цивилизираниот свет, во демократските општества, овие нешта се подразбираат. Како што се подразбира и основното начело на вршењето на јавните работи – public duty is a public trust. Јавната работа е јавна доверба! Обратно, во авторитарните режими, водачите ги грабаат моќта и привилегиите, а се обидуваат да ја избегнат одговорноста, најчесто на тој начин што проектираат несреќни случаи, саботажи, понекогаш и непријатели, а најчесто неповолни околности кои зависат од „божјата волја“. И тогаш се пристапува кон ритуално жртвување на избран виновник-жртва.
Како општество сме ние? Цивилизирано или примитивно? Демократско или авторитарно?
Примитивно и авторитарно, се разбира. Затоа и не очекувам ни Филипче, ни Заев, ни кој било друг да преземе одговорност за состојбите во земјата. Во случајов, за стравотниот пожар во Тетово, кој заврши со многу жртви, а уште се бројат.
Се сеќава ли некој тие двајцата некогаш да изустија барем еден збор што ќе навести дека се чувствуваат објективно одговорни за тоа што Македонија е земја во самиот светски врв по смртноста од ковид-19? Не. Се извини ли некој што фатално задоцнија со набавката на вакцини? Не. Жали ли некој што лошо им оди кампањата за имунизација? Не. Чувствува ли некој одговорност за катастрофално лошото менаџирање на земјата во услови на пандемија? Ма јок!
Зошто тогаш да очекуваме некој од нив двајцата да преземе одговорност за трагедија што веќе е, или ако не е, допрва ќе биде прогласена за туѓа вина? Можеби дури и за последица на сплет на неразјаснети околности?
Зошто да очекуваме таков етички исчекор од луѓе кои никогаш досега не покажаа морален интегритет и храброст да се соочат со сопствената, објективна одговорност за огромните проблеми со кои се соочува оваа земја во сите области на животот, а сега посебно во областа на здравството?
Па ве молам, пола Македонија изгоре во пожари, странци дојдоа да нè спасуваат и нè спасија, оној недоветен шеф на Центарот за управување со кризи на крајот ја обвини и росата што не го изгаснала пожарот на Галичица, а никој, ама буквално никој, не понесе политичка одговорност. Како е можно тоа?!
Ова не е држава, ова е еден дезорганизиран бантустан, во кој на власт се менуваат неодговорни и неспособни луѓе, со нула личен интегритет за одговорно и етичко водење на јавните работи!
И да не се лажеме веќе. Нишката на јавна доверба во начинот на кој се вршат јавните работи е скината и таа нема брзо да се обнови. Сега, всушност, ништо не зависи од политичарите, сега сè зависи од нас, граѓаните на оваа напатена земја. Ако сме граѓани во вистинска смисла на зборот.
Ако ние тоа не го сфатиме, ако конечно не го разбереме концептот на објективна одговорност на луѓето на кои им доверуваме да ги вршат јавните работи, тогаш навистина го заслужуваме само најлошото. Заслужуваме да бидеме дури и живи кремирани. Ние, а не оние несреќници во модуларниот ковид-центар, кои дојдоа во болница да се лекуваат и таму им беше ускратена дури и можноста спокојно да починат, туку мораа живи да горат во тетовското инферно.