Холивудскиот актер Стенли Тучи (60) откри дека пред три години му бил дијагностициран рак на јазикот, но сето тоа досега успешно го криел од јавноста.
Лекарите тогаш му пронашле тумор на јазикот кој бил премногу голем за да го оперираат па актерот морал да се подложи на исцрпувачки третмани на хемотерапија и зрачење за да ја победи лошата болест.
„Беше преголем за операција, па морав да одам на хемотерапии и радијација. Се заколнав дека нема да поминувам низ такво нешто поради тоа што мојата прва сопруга почина од канцер и со години ја гледав како поминува низ тие третмани. Беше ужасно“, раскажал актерот за магазинот „Вера“.
Сето тоа тешко му паднало, пред сè, поради тоа што се присетувал на стресните искуства на неговата покојна сопруга Кејт која во 2009 година на 47 години починала од рак на дојка.
– Се заколнав дека никогаш повеќе нема да поминува низ такво нешто, бев покрај неа на сите третмани и тоа беше застрашувачко – признал Тучи.
– Ракот е нешто поради што истовремено се чувствувате и повеќе и помалку преплашено. По болеста се чувствувам многу постаро од претходно, но и понатаму сакам да напредувам и да учам различни работи – додал тој.
Славниот 60-годишен актер истакнал дека ракот во моментот е во ремисија и дека шансите повторно да се врати се многу мали. Сепак, тоа било страшно искуство за него, но и за целото негово семејство.
„Децата беа прекрасни, но беше толку тешко и за нив. Шест месеци ме хранеа преку сламка. Одвај успеав да одам на матура кај моите близнаци“, заклучил Тучи.
Тучи е најпознат по улогите во филмовите „Ѓаволот носи Прада“, „Собарката и сенаторот“ и филмската франшиза „Игрите на гладните“.