ДРЖАВАТА ПРЕДВОДЕНА ОД ЗАЕВ ТОНЕ ВО КОРУПЦИЈА Николоски се повика на извештајот на Фондацијата Херитиџ
За четири години власт на неспособниот и корумпиран систем на Заев, Македонија паѓа за 15 места на листата на Фондацијата Херитиџ за економски слободи и од 31 место во 2017 година сега Македонија се наоѓа на 46 место, рече Николоски.
Државата со власта на Заев тоне во неспособност, криминал, корупција и поделби. Тоа не е констатација само на ВМРО-ДПМНЕ туку и на релевантни меѓународни организации. Угледниот тинк тенк од САД, Фондацијата Херитиџ во својот годишен извештај за 2021 година за рангирање на земјите во светот според нивото на економски слободи и права ја рангира Македонија на 46 место со 68,6 поени, што е пад од 5 места во споредба со минатата година кога Македонија била рангирана на 41 место, рече на прес конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
– За четири години власт на неспособниот и корумпиран систем на Заев, Македонија паѓа за 15 места на листата на Фондацијата Херитиџ за економски слободи и од 31 место во 2017 година сега Македонија се наоѓа на 46 место. Значи во 2017 година Македонија е на 31 место, а во 2021 година на 46 место. Тоа е четиригодишно константно назадување заради корумпираната влада на Зоран Заев. Заради истата таа корумпирана и неспособна Влада, Македонија се наоѓа во друштво со Руанда и Јамајка, како и Колумбија, а секоја година станува се полошо – смета Николоски.
Тој додава дека Херитиџ за 2021 година констатира дека Македонија има пад на скалата на економски слободи и права за 0,9 поени. Ова е уште еден меѓународен извештај во којшто се кажува дека Македонија не само што не оди напред, туку тоне.
– Има пад и во делот на судството и интегритетот на владата. Имено фондацијата констатира дека судската ефикасност и интегритетот на владата се под минималното црвено ниво. Со 40,4 поени за судската ефикасност и 41,9 поени за интегритетот на владата, владата се наоѓа под црвената линија, односно нема преодна оценка за државата – рече Николоски.
Според Фондацијата Херитиџ за подобрување на позицијата на Македонија се потребни реформи во судството и реална борба со организираниот криминал и корупција коишто сега ги нема.
Македонија бележи пад и во делот на слободата на работниците и бизнисот, но и слободната трговија. За ова исто така предупредуваше ВМРО-ДПМНЕ.
– Извештајот го потврдува и тоа што ВМРО-ДПМНЕ со години го говори, а тоа е дека економските политики се лоши и дека инвеститорите не доаѓаат. Имено се вели дека нивото на странски инвестиции е ниско за европски стандарди. Значи од држава којашто беше рекордер во странски инвестиции, сега Македонија е држава којашто има ниско ниво на странски инвестиции за европски стандарди. Тоа што Херитиџ го кажува, народот го живее четири години. И за тоа на овие избори коалицијата против организираниот криминал и корупција предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја порази власта на Зоран Заев, владата ќе падне, и ќе има одговорност – смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во делот на економското функционирање се вели дека отворањето нова фирма сега чини многу повеќе отколку пред четири години, потребно е повеќе време и има многу поголеми бирократски процедури. Сето ова се кажува дека бирократијата го јаде системот и бизнисот не може да функционира, корупцијата цвета, а економијата тоне.
– Ова е уште еден шлаканица за владата на Заев, ова е црвен картон за неспособноста, но исто така е црвен картон и за државата и има негативни импликации на секој еден инвеститор и на секој еден работник. Со Заев Македонија ниже само неуспеси и се споменува во светот само по криминал, корупција и лоша економска политика. Потребни се промени. Потребна е нова енергија и нов правец коишто ќе ги донесат следните избори во октомври – рече Николоски.