ЦРНА ГОРА ВОВЕДУВА НОВИ МЕРКИ Ова се новите правила за влез во земјата
Овие мерки ќе бидат во сила од 21 август до 10 септември. Во случај на промена на епидемиолошката состојба, тие веднаш ќе се коригираат, пренесува црногорски „Вијести“.
Епидемиолошката состојба во Црна Гора се влошува и се бара посебна и дополнителна претпазливост, изјави директорот на Институтот за јавно здравје, Игор Галиќ. Затоа, владата донесе нови епидемиолошки мерки.
На црногорските државјани и странци им е дозволен влез во Црна Гора само доколку имаат доказ за вакцинација со барем една доза вакцина против ковид, негативен ПЦР тест не постар од 72 часа или антигенски не постар од 48 часа, или доказ за ковид-минато (дека не помалку од 14 дена и не повеќе од 180 дена од позитивен PCR или брз тест за антиген).
– Доколку лицата, без разлика дали се наши државјани или странци, со постојано место на живеење во Црна Гора, не поседуваат ниту еден од четирите докази, тие се испраќаат на четиринаесетдневна самоизолација, која може да се прекине по шести ден од влегувањето во Црна Гора по направен ПЦР тест – вели Галиќ.
Сепак, овие правила нема да важат за граѓаните на Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово и Македонија. Државјаните на овие земји ќе продолжат безусловно да влегуваат во Црна Гора, а тоа важи и за Црногорците кои се враќаат од тие земји.
Свадби, родендени и други приватни прослави што се организираат во угостителски објекти може да се одржат со барем еден од горенаведените докази, а тоа важи и за организаторите и за гостите. Истото важи и за посетите на кина, театри и други културни објекти.
Угостителскиот објект е должен да назначи лице кое ќе проверува дали се почитуваат пропишаните мерки. Сѐ уште е забранета жива музика внатре во рестораните.
Забрането е присуство и задржување на повеќе од 50 возрасни лица на отворено јавно место во согласност со пропишаните мерки (носење маска и држење дистанца).
Препораката на Владата е времетраењето на училишниот час да биде ограничен на половина час.
Погребите се изведуваат со забрана за примање сочувство во присуство до 10 лица и задолжително носење заштитни маски.
Овие мерки ќе бидат во сила од 21 август до 10 септември. Во случај на промена на епидемиолошката состојба, тие веднаш ќе се коригираат, пренесува црногорски „Вијести“.