НИКОЛОСКИ ЗА ИГРИТЕ ОКОЛУ ИЗМЕНИТЕ НА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК Штета за демократијата е што ќе имаме избори без прифатени препораки на ОБСЕ И ОДИХР
Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ смета дека е штетно што не се донесени измените на Изборниот законик и препораките на ОБСЕ со што се доведува во прашање кредибилитетот на изборниот процес како и неговата легалност и легитимитет.
ВМРО-ДПМНЕ смета дека е исклучително проблематично што локалните избори во октомври ќе бидат први избори коишто ќе се спроведат без притоа да бидат направени измени на Изборниот законик со консензус помеѓу сите политички партии согласно препораките на ОБСЕ и на ОДИХР, откако собранието не ги изгласа измените.
– Тоа е штетно за македонската демократија и го доведува под прашање кредибилитетот на изборниот процес како и неговата легалност и легитимитет – рече на денешната прес-конверенција Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој појасни дека во разговорите коишто се реализираа меѓу партиите околу измените на Изборниот законик ВМРО – ДПМНЕ имал две барања.
– Тие барања беа да се применат дословно препораките на ОБСЕ и на ОДХР со цел гаранција на фер и демократски избори и второ избор на градоначалник во еден круг, односно изборот на градоначалници да се стави во иста линија со изборот на советници во еден круг затоа што главните манипулации, притисоци и недемократски средства се случуваат помеѓу двата круга – информира Николоски.
Тој додаде дека барањето за избор на градоначалници во еден круг, било одбиено од власта, а за примена на препораките на ОБСЕ и ОДИХР не се случи под разни изговори на владејачките партии.
-Доколку се изменеше изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ и ОДИХР ќе се постигнеа многу цели: ќе се зголемеше отчетноста, транспарентноста и контролата на државните ресурси со новите препораки каде што комплетно ќе требаше ДКСК да е информирана за целокупното користење на државни ресурси, потоа ќе се дадеше право на граѓаните кои со судска одлука имаат одземена деловна способност доколку имаат услови да гласаат односно да ја изразат својата воља. Се прецизира и доуредува користењето на симболите на политичките партии на гласачкото ливче со цел да нема манипулации. По препораката на ОБСЕ ќе се утврдеше и унифицираше начинот на постапка и бројот на потребни потписи за собирање и предлагање на независни кандидатски листи, нешто за што настана голема дебата во јавност – рече Николоски.
Според него, со вградувањето на препораките на ОБСЕ ќе се овозможело сите партии или подносители на независни листи да можат да ги повлечат листите во рок од 48 часа а не како досега да не можат да го направат тоа.
– По препорака на ОБСЕ се дефинира, појаснува и прецизира изборната кампања со што се овозможува подобро следење од страна на надлежните институции , на евентуално предвремено почнување на изборна кампања и прекршување на правилата на истата, се појаснува начинот на распределба на времето за рекламирање на политичките партии и кандидатите, се уредуваат роковите, содржината и постапката за доставување на финансиските извештаи на партиите до надлежните институции за контрола на истите како што се Државниот Завод за Ревизија, ДКСК и Агенцијата за медиумски услуги. Ќе се овозможеше на гласачите чија важност на документот за лични идентификации истекла до моментот на распишување на избори да можат да го остварат гласачкото право, нешто што сега како проблем се соочуваат 30 илјади граѓани заради неспособноста на власта да извади лични карти – дополни тој.
Тој рече дека со тоа, за прв пат ќе се овозможело запишување на гласач во избирачки список по усвоен приговор за заштита на лично избирачко право, а исто така би се усогласиле и роковите со Државната изборна комисија и постапувањето на Управниот суд.
Николоски информира дека ВМРО-ДПМНЕ во знак на добра волја, но и за да се постигне консензус, била подготвена да ги прифати таканаречени отворени листи за избор на советници и да ги прифати препораките на ОБСЕ за собирање на потписи за независни кандидати за градоначалници и советнички листи кои велат до еден процент на вкупниот број на запишани избирачи.
ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Николоски е и за решавање на прашањето за регулација на финансирањето на спонзорираните објави на социјалните медиуми и социјалните платформи.
– Сето ова што го споменав е причината зошто не се донесе изборниот законик во македонското собрание, иако имаше добра волја од стана на ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија. Се направија многу обиди и во месец јуни и во месец јули, а бевме спремни тоа да го направиме и во август, но за жал од владеачките партии такво расположение немаше – рече Николоски.