Ние, САД и НАТО: Бабата се фатила на орото, сега, ќе го игра докрај
Што сега, после оваа авганистанска авантура, со крај од кој целиот свет остана со подзината уста - во шок и неверување!?
Бабата дала само грош за да се фати на орото. Отпосле, давала двојно – два гроша, ама не ја пуштале да излезе од орото!
Не е вистинското прашање дали Америка ќе игра голема улога во светот, таа ќе ја игра, макар, тоа се нарекувало – глобален џандар, туку, како ќе ја игра таа улога?
Не е вистинското прашање дали малката Македонија ќе го игра орото во кое се фатила, туку како ќе го игра. Ние сме сега во ситуација како бабата што дала грош да се фати, ама отпосле не ја пуштале и со два гроша да излезе од орото!
Сега орото се вика Авганистан, ние играме и ќе играме како што свири шкотската гајда, а и самите си знаеме дека нашиот национален инструмент е токму гајдата!
И ние си имаме своја гајда, ние сме за жалење – со гајда!?
Светот е згрозен од ужасните слики на Меѓународниот аеродром во Кабул, кој остана последната сламка за спас, за бегство од пеколот. Луѓето, оставени на цедило, се бесат за крилата и тркалата на империјалниот воен херкулес – во очај дека ќе излезат од деветтиот круг!
Не помагаат ниту моќниот Херкул, ниту Америка, ниту НАТО. Не помага аеродромот, кој го изградија Русите, тогашната советска власт, каде слетаа црвеноармејците и од каде полетаа – назад со наведнати глави.
Авганистан – гробница на империите!
Америка е фрлена на колена, токму на 20-годишнината од рушењето на кулите близначки во Њујорк. Не помагаат ниту рускиот шумар, ниту американскиот џандар!
Ова разберете го буквално. Советите, Брежњев, влетаа во авганистанската авантура, затоа што Баќушката во Кабул испрати шумар за амбасадор! Ја знаете веќе приказната за шумарот.
Не помага ниту моќната ЦИА. Буш влета во авганистанската авантура, на која претходно си ги изгореа прстите Англичаните, на крилјата на погрешните информации на џандарите.
Тие и сега му кажуваа на Џо дека 300-илјадната армија, за која тие истурија илјада милијарди долари, лесно ќе се справи со 4 пати помалубројните талибански побуненици.
Врз тие информации беше постигнат договорот во Доха, Американците им веруваа на Талибаните, кои, потоа, откако ги запечатија границите, се прошетаа од Кандахар до Кабул, косејќи сѐ пред себе, најнапред пријателите на вујко Џо.
Целата авганистанска влада со претседателот прв, избегаа од земјата, советувани дека со тоа ќе избегнат крвопролевање. Регуларната армија го положи оружјето, кој избега-избега со авиони и хеликоптери, оние што останаа, сега, се бесат на крилјата на американските херкулеси.
Во Македонија, сега ќе се јават многу генерали, кои ќе солат памет по изгубената битка. Први се оние од сегашната опозиција. Јаваат на краткото паметење на народот. Ние што подолго паметиме сме должни да ја кажеме вистината.
Македонија е мала земја. Македонија е веќе одамна, а особено од војната во 2001-та, раководена, командувана од скопското кале. Бев еден од последните, ако не и последен говорник, ноќта, кога во 2008-та, сите 120 пратеници, бевме „распуштеници!“.
Се самораспуштавме. Случајот сакаше, ноќта, да ја пробдеам со тогашниот воен министер и самиот, „ВО ЖИВО!“, да видам што значи, да си земја-вазал.
Веќе распуштеното, издишено собрание, го прибравме, му вдахнаме малку воздух, за само еден момент, колку да ја изгласаме одлуката за испраќање на наши војници во Авганистан!
Тоа што сега, дури и не повикани, самите се пријавуваме за спасување, прибирање авганистански страдалници, никого да не чуди. Како во квизот: „тражили сте –гледајте!“.
Тоа што Американците ќе ја платат сметката, многу малку значи. Во Америка важи правилото: секој ќе си ја плати својата сметка. Таму јадењето не е на алаш-вериш. Ова сега, е само колку „да не се сетат Власите!“.
Ние, едноставно, не можеме поинаку да играме. Медлин Олбрајт, прва се огласи да искаже благодарност, затоа што први за вратка кон Американците, се јавија Албанија и Косово. За Албанците, Мека и Медина е Вашингтон. И колку НАТО и САД да имаат погрешни намери и проценки. Приштина и Тирана тоа ќе го прифаќаат без приговор, а, како што се гледа, и Скопје.
„Војната против милитантниот ислам нема да биде воената кампања, туку борбата за јавното мислење во исламскиот свет, меѓу нашите сојузници и внатре во САД“. Вака подучуваше Обама.
Дали подучуваше или само попуваше – се виде сега. Извозот на демократија е ем скапа, ем несигурна работа. Демократијата, од Ганди и кампањата против британската управа, преку движењето Солидарност, на Лех Валенса во Полска, до движењето против апархејдот во Јужна Африка, секогаш е резултат на локално будење, а не внес однадвор.
Американсците во Авганистан, внесоа демократија, онолку колку што Советите пред нив, знаеја што е демократија! Истурија планини долари, со кои за секое семејство ќе изградеа живеалиште. Се осојузија со племенските поглавари, ја разбудија клептократијата, го оставија народот во паничен страв.
Го оставија Авганистан во уште поочајна состојба од времето кога влегоа таму! Сега, светот нека се чуди пред новите бранови бегалци, кои ќе ги заплиснуваат Балканот и Европа со години, ако не и со децении.
Пропадна приказната за извозот на демократија, која и не се практикуваше. Народот живееше зад авлиите, во слободни зони, во некаков паралелен живот, во кој обичниот човек, беше заробен во коруптивните мрежи. Корупцијата е рѓа, која го нагризува и најсилниот метал.
Од 1979, кога влегоа Советите, до денес, изминаа 43 години. Скоро половина век, неколку генерации се родија во војна и тотален хаос. Деценија – советска власт и домашни вазали, па, уште една – граѓанска војна, па, уште две – америнскако и НАТО вазалство.
Сега, никој не ја презема одговорноста за погрешните политички проценки и лошите извештајни информации. Џо Бајден се огласи колку да се огласи, можеби ќе има одговорност во пониските ешалони и во армијата, и толку.
Евтини се туѓите животи! Германците испаднаа попаметни, за хуманост -малку морген! Сите што работеа за нивни фирми, ги префрлија на локални: „вашите страдања, сега, се ваш проблем!“.
Замолкна и Брисел. Урсула ја нема. Нема што да каже.
Останаа изненадени од брзината со која Вашингтон ги остави жителите на Кабул на милоста на немилосрдните, самоуверени, и, од крвта опиени Талибани. Своите пријатели, и пријателите на нивните пријатели.
На дебаклот на НАТО сега-засега се ситат Русите (нивните гранични, бивши советски републики, ќе бидат први пред бегалското цунами), најмногу Ирачаните, малку Турците, а најмногу Кинезите. Тие немаат ништо против Шеријатот и исламот. Тие се практични и прагматични.
Кога САД влегоа во авганистанската авантура, располагаа со воен буџет од 522 милијарди долари, повеќе од воените буџети на вкупно 30 наредни земји по воена моќ. Во Авганистан оставија два годишни воени буџети, за овие 20 години.
Во тоа време, националниот бруто производ беше поголем од збирот на двете најголеми земји и со најголема растечка економија Кина и Индија. Денеска, не ќе да е така. Најголем предизвик на САД со Кина е економскиот, а не воениот.
Френклин Делано Рузвелт уште во 1941 година кажа дека со радост го очекува светот кој ќе се базира врз 4 значајни слободи – слободоата на говорот, на вероисповеста, слободата од немаштија и слободата од стравот.
Што од сето ова остана во Авганистан?
„Како нација можеме да бидеме горди поради фактот што имаме меко срце, но не можеме да си дозволиме да бидеме со слаб ум“.
Што сега, после оваа авганистанска авантура, со крај од кој целиот свет остана со подзината уста – во шок и неверување!?